Нов живот за напуштените објекти
НАПУШТЕНИТЕ ИНДУСТРИСКИ ОБЈЕКТИ СЕ ОПАСНОСТ ЗА ДЕЦАТА, ЗА ЗДРАВЈЕТО, ЈА УНИШТУВААТ ЕСТЕТИКАТА НА ГРАДОТ И ВЛИЈААТ НЕГАТИВНО ВРЗ ЖИВОТНАТА СРЕДИНА Автори: Ивона Крстеска и Томас Ромеро
Реупотребата на простор и на објекти што се веќе напуштени е важен елемент кога се осмислува стратегија за одржлив развој. Освен тоа, претставува и соодветен одговор на прекумерната употреба на ресурсите во нашето живеење. Урбаните празнини, по дефиниција, не претставуваат само празен простор што чека да се изгради, туку и реализирана архитектонска структура, која ги изгубила своето значење, вредност и употреба.
Често се соочуваме со проблемот на градови што се шират и згуснуваат, што резултира со намалување на урбаните празнини што се наоѓаат во урбаната ткаенина. Неолибералните тенденции ја редефинираа вредноста на овие празнини: од колективен простор со социјална вредност, до окупирање со изградба на преостанатиот простор со потенцијална економска вредност.
Реобнова на социјалниот идентитет во заедницата
Сомнителната транзиција на системот, отворениот пазар кон странска конкуренција и неразвиениот финансиски сектор се меѓу главните фактори што влијаат негативно на развојот на индустријата во земјава, што доведе до банкрот на голем број фабрики низ целата територија. Денационализацијата на индустријата и јавните згради од 1991 година предизвикаа фабриките да престанат со работа и оставија зад себе голема напуштена инфраструктура во земјата. Многу од овие згради повеќе од 20 години чекаат сопственик. Другите се претежно во сопственост на приватни лица, кои не водат грижа за овие објекти. Со текот на времето, објектите се напуштени и се потенцијална опасност за околината.
Последниот одобрен урбанистички план за Скопје придонесе за згуснување на урбаната матрица на градот, особено во централните делови, каде што веќе постојното домување се претвори во станбени градежни блокови. Многу двокатни згради зазедоа дополнителни четири ката. Ова покачување на висината придонесе за намалување на циркулацијата на воздух низ градот и не помогна да се намали загадувањето на воздухот. Скопје беше на врвот на најзагадените градови во Eвропа. Водени од ваквата состојба, но и од нашите основни вредности, решивме да обележиме, анализираме и да предложиме архитектонски решенија за многу од овие урбани празнини. Ние не се согласуваме со шпекулативната тенденција за изградба на луксузни градежни проекти, додека локалното население би можело да има корист од културни места каде што ќе се поврзе и воспостави неговиот социјален идентитет во заедницата.
Редефиниција на сликата на градот
Напуштените индустриски објекти се опасност за децата, за здравјето, ја уништуваат естетиката на градот и влијаат негативно врз животната средина. Овие објекти имаат потенцијал за ревитализација и за реадаптација, со што во нивниот просторен капацитет би се вметнала соодветна програма, која би овозможила функционалност и градежно-економска самоодржливост на објектот.
Бидејќи најголем дел од објектите се фабрики, односно индустриски комплекси што се во државна сопственост, самите по себе поседуваат културно-историски идентитет. На тој начин, би сакале да го поттикнеме воведувањето на индустриското наследство како гранка на културното наследство во државата, кое сѐ уште не е воведено како дисциплина кај нас, а веќе е докажана европска практика. Нашиот тим, преку активноста насловена „Напуштени можности“, ги детектира овие објекти и се обидува да даде позитивен одговор за нивната можна реадаптација во насока за нивна реупотреба од страна на локалното население, кое има енормна потреба од објекти од културен или мултифункционален карактер. Позитивниот третман на напуштените објекти би значел редефиниција на сликата на градот во корист на граѓаните и води кон креативни решенија за одредени делови на градот каде што се позиционирани овие објекти.
Ваквите објекти, кои во себе можат да примат голем број програми од културно-едукативен карактер и мултифункционалност, можат да бидат потенцијална точка каде што би гравитирало локалното население. Без интервенција на нивната надворешност, во својот просторен капацитет можат да примат диверзитет на функции, може да станат мултифункционални сали или, пак, културни центри. Со одржлив концепт, напуштените објекти може да интегрираат програма што би била потребна на населението. Успешниот пристап кон конверзијата на фабриките ги зачувува од бришење од матрицата на градот, ги зачувува и ги нагласува како наследство, при што се создава архитектонски единствен простор со својствени квалитети што не можат да се ресоздадат во нов простор. Трансформацијата треба да претставува естетски симбол, кој ќе го привлече вниманието на околината. Преку распределбата на нова и соодветна програма на неискористениот простор, тие, заедно со околните објекти, треба да искусат економска и социјална рехабилитација, каде што луѓето ќе почнат повторно да ја населуваат локацијата.
Променитесе сѐуште можни
Првиот објект на кој почнавме да работиме беше фабриката „Купром“, во скопската населба Хром, со огромен потенцијал и со напуштени 22.000 квадратни метри, 22 илјади напуштени можности, кои имаат капацитет да бидат точка околу која би гравитирале повеќе скопски населби. Фабриката е индустриски комплекс наменет за обработка на хромова руда, изградена уште во 40-тите години на минатиот век. Комплексот со децении е двигател на развој во својот регион што резултира со создавање неколку населби како Хром и Влае. Денес напуштената фабрика е уште еден пример од индустриско наследство во Скопје. Идејата ни беше да не се дозволи да се урива овој индустриски комплекс, туку неговата просторност, специфична архитектонска структура и архитектонски израз да се искористат во полза на граѓаните.
Во моментов се работи и на случајот со салата „Партизан“ во општина Карпош, која беше истакнат спортски центар. Го посетуваа некои од најдобрите национални спортисти, а, за жал, престана да биде во сопственост на државата и е оставен и напуштен повеќе од две децении. Понудивме предлог-проекти за ревитализација на зградата, кои ги презентиравме и пред општинската власт и пред градот Скопје, заедно со сопственикот на зградата. Овие напори помогнаа да се изврши притисок во преговорите за сопственост и, што е најважно, да понудат решенија за проблемите што доаѓаат со урбанистичките празнини.
Со соработка со студенти, организации за локална акција, уметници и соседи – се надеваме дека ќе достигнеме широка и инклузивна публика, посебно затоа што активностите се насочени кон млади граѓани, студенти на универзитети и кон секоја личност што сака да учи или да ја подобри околината.
Интервенцијата врз напуштените објекти претставува антитеза на уривањето и испраќа оптимистичка порака дека промените се сѐ уште можни.
(Авторите се членови на Меѓународното здружение на граѓани, „Културно ехо“)
*Автори на предлог решение: Матеус и Томас Ромеро
Текстот е објавен во 37.број на „Лице в лице“.