Ото шармер: тоа што ни е во умот денес – е иднината утре!
ИНТЕРВЈУ СО ОТО ШАРМЕР, ПРОФЕСОР НА ИНСТИТУТОТ ЗА ТЕХНОЛОГИЈА НА МАСАЧУСЕТС (МИТ): ПОГОЛЕМ ДЕЛ ОД ЛУЃЕТО ИМААТ ПОГРЕШНА ПЕРЦЕПЦИЈА ЗА ЛИДЕРСТВОТО. МНОГУ ЧЕСТО ГО ПОИСТОВЕТУВААТ СО ХИЕРАРХИЈА И СО ТИЕ ШТО СЕ НА ВРВОТ ОД ХИЕРАРХИСКАТА СТРУКТУРА. ТОА ВЕЌЕ НЕ Е ТАКА. ЛИДЕРСТВОТО ДЕНЕС МОРА ДА СЕ РАЗВИВА КОН КАПАЦИТЕТОТ ДА СОЧУВСТВУВА И ДА ЈА ОФОРМУВА ИДНИНАТА ШТО ДОАЃА. СЕТО ОВА НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ НАПРАВЕНО ОД САМО ЕДЕН ЧОВЕК ШТО Е НА ВРВОТ.
„Како да го активираме нашиот капацитет за да се потпреме на иднината што доаѓа?“ е, можеби, најважниот лидерски предизвик на нашето време.
Методот наречен „Теорија У“, развиен на Институтот за технологија на Масачусетс (МИТ), е движење за активирањe на таквите промени во бизнисот, владата и во граѓанското општество низ целиот свет. „У лаб“, пак, нѐ води во примена на „Теоријата У“ преку прашања, чиишто одговори се важни, со цел да се постигне општествена промена преку лична трансформација. Во продолжение објавуваме интервју, кое го пренесуваме од веб-страницата на „Долгорочна економија“, непрофитна организација, која развива револуционерен економски модел што цели кон целосна економска, општествена и еколошка одржливост на луѓето на планетата Земја http://www.lteconomy.it. Влијателниот професор на МИТ, Шармер, во ова интервју зборува за своите ставови и перспективи што ги носи „Теоријата У“.
- Што претставува „Теоријата У“ и кон кого е адресирана? Зошто ни е потребна во оваа конкретна фаза од човечкиот развој?
– „Теоријата У“ не е само теорија. Таа е метод и движење! Метод за донесување одлуки, тогаш кога ни е непријатно, кога се нарушени работите. Таа е и движење бидејќи луѓето во светот се соочија со непријатни ситуации и како индивидуалци, но и како групи, заедници и како општество. Овие предизвици побараа од нас да ги промениме не само надворешните, туку и внатрешните координати. Тие побараа од нас внатрешно да го преместиме место од кое дејствуваме, работиме.
На левата страна на „У“ ја пуштаме контролата врз минатото. Се отвораме кон нови можности и перспективи. Потоа, навлегуваме во подлабоките извори на знаења, се поврзуваме со тоа кои сме навистина. Од тоа место таму ги чувствуваме и актуализираме идните можности што надоаѓаат. „Теоријата У“ гради колективни лидерски капацитети. Лидерството е капацитетот на системот да ја „чувствува” и да ја „оформува” иднината.
Кон кого е адресирана? Кон студентите? Докторандите? Бизнисмените, политичарите? Би кажал до сите нив и до многу повеќе луѓе, засегнати страни. До сите тие што се соочуваат со ситуации на нарушувања, непријатност. Ова, во суштина, е човечката состојба на векот.
Лидерството денес ја оформува иднината што доаѓа
- Често го користите зборот „креатор на промени”. Што е (и кој може да биде) креатор на промени? И, што значи „длабоко учење“?
– Сите можат да бидат креатори на промени. Секој што сака да ги развие капацитетите за да ја чувствува и оформува иднината. Јас понекогаш го употребувам зборот „лидер“, понекогаш „креатор на промени“, наизменично. Зависно од контекстот. Лично го преферирам изразот „креатор на промени”. Поголем дел од луѓето имаат погрешна перцепција за лидерството. Многу често го поистоветуваат со хиерархија и со тие што се на врвот од хиерархиската структура. Тоа веќе не е така. Лидерството денес мора да се развива кон капацитетот да сочувствува и да ја оформува иднината што доаѓа. Сето ова не може да биде направено од само еден човек што е на врвот. Тоа е дистрибуирана активност и треба да вклучи многу лидери/креатори на промени. За да бидеме лидери на иднината, пак, ни треба „длабоко учење“. Јас, исто така, ова го нарекувам и „трансформативно“ учење. Ако ве прашам: „Што е за вас учењето?“ повеќето ќе помислат на стариот концепт на учење (кој е сѐ уште доминантен во нашиот едукативен систем) и ќе одговорат дека станува збор за меморирање фигури, формули и факти. Но, тоа што ни е потребно денес е нов концепт на учење, процес што ја вклучува целата личност и целиот систем: не само нашата глава, туку нашата глава, срцето и раката. Длабокото учење не се однесува на паметење работи од минатото. Во суштина, тоа е поврзување со идните нови можности и овозможување да се случат. Единствениот начин да се направи тоа е да пристапиме до интелигенцијата што се наоѓа во нашето срце и во нашите раце.
- „Теоријата на У-лаб“ го нагласува присуството на три дела: еколошки, социјален и духовен. Кој од нив може да има најголемо влијае?
– Јас не се согласувам во целост со претпоставката на прашањето. На начинот на кој е поставено, се прави поделба на трите дела. Би кажал дека тоа не е соодветен пристап. Да го земеме како пример западното општество. Двесте години наназад ги адресираме овие три прашања едно по едно, одделно. Тоа не е правилниот начин за нивно решавање. Потребен е холистички пристап.
Да го земеме како пример проблемот со животната средина. Можеме ли да се соочиме со него ако го третираме како посебен проблем? Не, не можеме. Не можеме, доколку, пред сѐ, не го промениме нашето консумеристичко однесување. Важно е да се разбере дека овие три дела се дел од еден ист проблем, кој се појавува со три различни лица. Мора да ја препознаваме моќта на меѓузависноста и на интерконекцијата.
- Во нашата заедница зборуваме за „долгорочно размислување“, за способноста да се размислува на долги патеки. На кој начин креаторот на промени на „У-лаб“ размислува долгорочно?
– Според вашата дефиниција, тој што размислува долгорочно е како личност што пред да почине, се обидела да остави подобар свет за своите деца. Така кажано, би се согласил. Да, креаторот на промени е, исто така, некој што размислува долгорочно. Процесот на „У-лаб“ е како патување. Тоа што е важно во твоето патување не е крајот, туку колку ги отвораш умот, срцето и волјата. „Кое е моето ’јас‘?”, „која е мојата вистинска животна цел?”. Ова се прашања на кои е многу важно да одговориме. Процесот на „У-лаб“ ни помага да го пронајдеме одговорот, ни помага да бидеме во контакт со суштината однатре и однадвор. Нѐ прави безвременски мислители! Креаторот на промени што го применува процесот на „Теоријата У“, ги развива капацитетите да ја чувствува и оформува иднината и на тој начин да размислува долгорочно.
* Во вашата книга „Основите на ’Теоријата У‘“, велите дека нашето внимание и акција произлегуваат од четири форми на свесност: вообичаенa, егосистемскa, емпатична и генеративна, екосистемска. Изминативе 50 години во нашите акции во голема мера доминира економската (и егосистемската) сфера. Сметате ли дека нашите извори на дејствување ќе се променат во следните децении?
– Тоа е многу добро прашање. Говорите за 50 години. Јас би кажал дури и за повеќе. Во последните два века нас нѐ учеа (особено во класичната и во неокласичната економија) дека луѓето се однесуваат во согласност со нивната егосистемска свест. Но, дали е тоа така кога излегуваш во реалноста на глобалната економија? Делумно е вистина, делумно не е. Во реалноста, длабоката економска иновативност е базирана на екосистемска свесност. Тоа е можноста да се чувствуваат потребите и аспирациите на засегнатите страни со кои се работи. Тоа што го гледаме денес во реалноста на економијата се и его системската и екосистемската свест. Ако работиме во насока на егосистемска свест, тогаш постојат ограничени нешта што можеме да ги направиме. Еден од клучните предизвици денес е како oдново да размислиме за клучните категории на нашата економска мисла од аспект на човековата свесност што се развива.
- Кога станува збор за одржливоста, што мислите, која е улогата на универзитетите и на иновациите во универзитетите во блиска иднина. Која е вашата слика за тоа како треба да изгледа универзитетот во 21 век?
– Со оглед на тоа што тие ги обликуваат или оформуваат идните умови, улогата им е многу важна. Тоа што денес е мисла, всушност е реалноста на утрешнината. Универзитетите треба да бидат реосмислени за да може подобро да ги адресираме тие непријатни ситуации, нарушени работи, кои ги живееме денес. Современите високообразовни институции имаат тенденција да рефлектираат свет од минатото. Според мене, постојат три главни сили што ги трансформираат универзитетите од 21 век: дигитализација, активно учење (промена на местото на учење, од училницата до учење во реалниот свет), и целосно учење (променувањето на внатрешното место на учење од главата до срцето и од срцето до раката).
Овие три сили, комбинирани на правилен начин, го реосмислуваат образовниот систем ставајќи ги учениците во управувачкото место на промените во реалниот свет – поддржани со методи, алатки и со корисно учење за околината, кое црпе од целиот екосистем што ги опкружува тие што учат и нивните училишта.
Идејата на универзитетот прво се помести од единството на истражување и настава, до единството на истражување, настава и практика. Сега е време да се развие идејата на единството на истражување, учење и општествена трансформација.
На повидок е нов вид „дигитален јаз“
- Вештачка интелигенција измачува многумина, некои ја гледаат како закана за нашите работни места, некои и како закана кон целата планета Земја. Ќе им помогне ли „У-лаб“ на идните лидери за подобро да се соочат со оваа тема? Имате ли мислење за тоа на што би се базирала дистрибуцијата на приходите?
– Сметам дека не се работи само за дистрибуција на приходи, ниту за универзален основен приход,UBI (модел што овозможува сите граѓани да располагаат со одредена сума пари, без оглед на нивните приходи, ресурси или работен статус. Целта е да се превенира или намали сиромаштијата и да се зголеми еднаквоста меѓу граѓаните н.з). Тоа, се разбира, е важно, но, постои и многу поважен проблем поврзан со технологиите. Може да го наречете новата „тивка пролет“. „Тивката пролет“ е книга од Рејчел Карсон, објавена во 1962 година, која зборува за ненамерното влијание на технологијата, односно на пестицидите, врз природата. Денес имаме нова тивка пролет! Тоа е ненамерното влијание на технологијата врз нашиот ум. Всушност, ние сме во многу рана фаза, но, ефектите во поглед на анксиозност, депресија, насилство кај млади лица, стануваат неподносливи. Интересно е што многу директори од Силициумската долина се рестриктивни во однос на употребата на технологија кога станува збор за нивните деца. Затоа, децата што доаѓаат од семејства со ниски приходи, често воопшто немаат ограничувања во овој поглед.
На повидок е нов вид „дигитален јаз“. Во минатото, оваа мисла се употребуваше да го истакне фактот што се однесуваше на децата што доаѓаат од семејства со ниски приходи и се ограничени, или воопшто немаат пристап до интернет. Тоа значење е променето во целост! Сега, предупредувањето е за опасните ефекти што овие технологии ги имаат врз децата од семејства со ниски приходи, а немаат никакви рестрикции во нивната употреба, додека, пак, децата од семејства со високи приходи имаат многу повеќе ограничувања во користењето.
Како може да го адресираме овој проблем?
Технологијата, сама по себе, не е ниту добра ниту лоша. Ефектите од технологијата зависат од интенцијата што ја имаме кога дизајнираме, распоредуваме и употребуваме. Да земеме, на пример, извршен директор на веб-компанија (на пример, на „Фејсбук“, „Линкдин“, „Твитер“, „Инстаграм“…) Ако неговата намера е да доминира со светот во економска смисла, целта би му била да го доведе до максимум времето што неговите корисници го поминуваат пред екраните, како и приходите од рекламирање, без ни малку да се грижи за доброто на истите тие свои корисници. Од друга страна, доколку неговата намера се фокусира на благосостојбата на екосистемот на корисникот, тој ќе дизајнира технологии што не создаваат зависност и покрај тоа што, помалку поминато време пред екраните би ги намалило приходите од рекламирањето. Последиците зависат од тоа како се користат технологиите.
- Го лансиравте проектот „У-лаб“ во 2015 година. Оттогаш, до колкав број луѓе достигна вашата заедница и од каде претежно доаѓаат?
– Имавме повеќе од 120.000 регистрирани корисници и поголемиот дел од нив доаѓаат од Северна Америка, Кина и од Европа. Веројатно, Европа е на прво место, следуваат Северна Америка и Кина. Овие корисници се организирани во повеќе од илјада хабови. Не се сите сѐ уште активни, но важно е да се спомене дека тоа што почна како курс на интернет, резултираше со екосистем на креатори на промени со мрежи, заедници и кругови во речиси сите поголеми градови во светот. Сега се обидуваме да го преземеме вториот чекор од нашиот проект: „У- лаб- С: општествена трансформација“, која сега ја почнуваме со 400 тимови од различни места во светот, кои поврзуваат 4.000-5.000 креатори на промени што работат на конкретни проекти за промена на различни системи. Секој од овие тимови го минува патот од идеја до прототип. Но, тие не го прават тоа во изолација. Тие го прават тоа заедно. Како движење. Тоа е возбудливо второ поглавје во развојното патување на „У лаб“.
- Каков бенефит имаат луѓето (особено младите) што го следат курсот „У-лаб“, во смисла на вработување или претприемаштво?
– Ние го поставивме ова прашање на многу студенти и повеќето од нив рекоа: тоа е „животна промена или искуство за отворање очи“. Кога се вклучувате во ваква практика методички, вие отворате очи, добивате нови перспективи и длабоко ја менувате перцепцијата што ја имате за себе. Друг чест одговор е „врска”. Креирате врски на многу подлабоко, човечко ниво и невозможно е овие врски да исчезнат. Конечно, уште еден заеднички одговор се однесува на влијанието врз работата: многу луѓе што го следеа курсот, ја промениле својата кариера, својата организација или го формирале својот сопствен потфат на еден или друг начин. Тоа не е случај за секого, но, дефинитивно, знаеме дека многу, многу луѓе, особено млади луѓе, како резултат на „У-лаб“ направиле промена во својот живот и во својата професионална кариера. Искуството од „У-лаб“ помага да се движите над моделите што биле воспоставени во минатото. Отвора нов сет на перспективи и на можности.
(Авторот на интервјуто е основач на „Долгорочна економија“)
Текстот е објавен во 37. издание на „Лице в лице“