Доза вести, Лице в лице

Пет дена перформанси, уметност, музика, спорт и гејминг што ја слават инклузијата во Скопје

Време на читање: 2 минути

Што добиваме кога инклузијата ги спојува уметноста, музиката, спортот и гејмингот? Пет незаборавни денови и 30 настани, исполнети со креативност, заедништво и различност! Фестивалот на инклузија „infusion“ ќе се одржи од 11 до 15 јуни 2025 со своето четврто и досега најдинамично издание.

На пет различни локации низ Скопје ќе се одржат 30 настани поделени во пет тематски денови – секој посветен на своја област: перформанси и театар, уметност, музика, спорт и гејминг.
Главната сцена ќе биде во паркот „Македонија“ во Кисела Вода, а ќе се шири и во Музејот на современата уметност, Театар Комедија, кафулето „Амигос“, па сè до скриени урбани ќошиња на Скопје.

Настани на знаковен јазик и програма отворена за сите

Фестивалот ја става инклузијата во прв план, не само како идеја, туку како практика – настани на знаковен јазик, пристапни простори, програма отворена за сите, без разлика на способности, искуства или позадина. Целта е да се создаде сцена на еднакви можности, каде што сите имаат простор за изразување, творење и инспирација – велат организаторите.

Фестивалот ќе започне на 11 јуни со ексклузивен перформанс на австралиско-германското дуо „Skin“, а ќе продолжи со театарски претстави, креативни работилници, утринска јога и танци, изложби на млади уметници, но и гејминг-зони, базари, дискусии и многу повеќе.

Најмладите и младите се во фокусот: музичкиот дел е целосно резервиран за млади бендови кои настапуваат на 14-ти јуни. Базарот и работилниците ќе понудат простор за млади креативци, артисти и активисти да ги презентираат своите идеи.

Првпат годинава, дел од настаните, вклучително и концертите, ќе бидат толкувани на знаковен јазик. Новиот сегмент „inFusion Прототипирање на игри“ ќе го доближи гејмингот до публиката како платформа за учење, соработка и иновација.

Повеќе од фестивал – движење за културна промена

Покрај креативната програма, „infusion“ ќе понуди и форум на општествено значајни теми, каде ќе се зборува за еднаквост, достапност, ментално здравје и родова инклузија.

Целата програма, отворените повици за учество и пријавување на волонтери се достапни на www.if.equality.agency.

Напишете коментар