Кога родителот во подолг временски период се бори за да опстане, му се уништува и најмалиот атом на задоволство од живеењето. Тој се гаси, станува автомат, не успева да понуди ништо друго, освен гола егзистенцијална филозофија, нерегулиран афект, автоматска нерасположеност, казна и обвинување
Радмила Живановиќ
Родителот е среќен кога неговото дете е среќно, мирен е кога неговото дете е мирно, сигурен е кога знае дека направил сè за да ја осигури безбедноста на сопственото дете. Денес, дополнително, родителот преживува кога секојдневно гледа и проверува дали и неговото семејство преживеало. Го живееме, можеби, најинтензивниот период во кој семејствата принудно битисуваат заедно, во кој имаат можност подолго и поблиску да се сретнат, да ги погледнат и да бидат со своите деца. Но, дали тоа доволно долго и доволно блиску е нешто што ги подобрува релациите со децата, ја подобрува семејната атмосфера, ги зближува членовите, нѐ прави подобри родители? Или, пак, нѐ преплавува, не знаеме како да избегаме од ова, па често чувствуваме дека се вртиме во магичниот круг на сѐ подлабока исцрпеност, без можност да допреме до изворите што ни овозможувале да се напоиме со енергија за со поголема љубов и внимание им се вратиме на децата.
Исцрпеност на родителските капацитети
Прегореноста ги прогонува родителите, токму поради неможноста јасно да се постават граници, да се направи личен пресек на активностите, да се помести фокусот од напрегнатоста, да се направи сета можна компензациска практика што го смирува и така брзото живеење. Како смрдливиот воздух оваа есен во Скопје – залегнува, тежи и тешко се разбиструва.
Исцрпеноста на родителските капацитети, поради потребата постојано да се менаџира животот според јасно утврдени протоколи, создава ситуација во која безнадежноста и очајот силно тропаат на вратата на родителските неуспеси. Кога родителот во подолг временски период се бори за да опстане, му се уништува и најмалиот атом на задоволство од живеењето. Тој се гаси, станува автомат, не успева да понуди ништо друго, освен гола егзистенцијална филозофија, нерегулиран афект, автоматскa нерасположеност, казна и обвинување.
За љубов без цел, за грижа без услов, не може да стане ни збор затоа што нема простор во целата таа затрупаност од „мора“ и од „треба“, тоа силно следење и држење до крутата практика типична за едно минато време. Време што не е веќе тука.
Пет фази – ги препознаваме ли?
Родителското согорување настанува поради прекумерен хроничен стрес, генериран од меѓузависноста на личноста со контекстот и со условите на живеење, кој ги надминува капацитетите и начините на функционално соочување.
Поради неефикасно раководење на појавените извори на стрес, се намалуваат капацитетите за живот на родителот, тој слабее во своите полиња и покажува големо незадоволство од себеси и од својата блиска околина. Според aвторите Прокачини и Кифабер, постојат пет фази на родителско согорување.
„Впрегнување“ е првата фаза во која родителот презема најголема одговорност и автономија во воспитувањето на децата. Се чувствува единствено одговорен за нивната состојба. Во оваа фаза, родителот тешко предава одговорност на друг член од семејството.
„Сомнеж“ е втората фаза во која родителот целосно, без сопирање и преиспитување се предава на многубројните обврски. Тој воопшто не ја преиспитува сопствената вклученост и ангажираност, иако наѕира одредени слабости, нервоза и вознемиреност. Работата воопшто не ја предава никому затоа што никој нема да ја заврши толку добро колку самиот тој.
„Транзиција“ е третата фаза и таа е пресудна за доброто на семејството. Во овој момент родителот се чувствува веќе исцрпен, депресивен и лут со сопствената улога и е незадоволен од животот и од придонесот кон семејството. Во исто време е исклучително лут поради тоа што не се вклучени другите. Доколку не му се случат значајни лични промени почнува да ги обвинува партнерот и децата за сопствениот неуспех и незадоволство.
„Повлекување“ е четвртата фаза во која родителот се повлекува од семејството и од пријателите, и одбегнува да ги слуша потребите на детето и обврските околу него. Расположението варира од целосна исклученост, до импулсивно и интензивни изливи на бес или плач во несоодветни ситуации. Овие изливи многу тешко може да ги контролира и често потоа чувствува вина.
„Финална фаза“ е петтата фаза на родителско согорување, во која родителот целосно се дистанцира, повлекува и оттуѓува од родителските обврски и од децата. Следува конфузија, очај и нерасположение. Родителот ја губи смислата на својата улога во животот на детето, доживува силно разочарување и неуспех. Впечатлива се неангажираност, нерасположеност, негрижа за себе и за домот, целосно повлекување од социјални, професионални активности и од домашни обврски.
Исцрпеноста води кон невозможна контрола
Родителската исцрпеност е директно поврзана со високо идеализираната слика на себе како родител во однос на тоа каков би требало да биде, а не каков би можел да биде, во согласност со условите во кои се наоѓа. Најчесто подразбира неможност да се искуси задоволството од исполнување одредени, навидум нормални акти на грижа за децата, и задоволството се случува само кога децата ќе ги достигнат тие, навидум, високо предвидени цели на родителството. Тоа подразбира да се одржува идеализирана слика за сопствените деца. Така родителските цели се реализираат преку реализација на детските цели и постигнувања. Доколку родителот или детето не работат во согласност со таа идеализирана претстава, тогаш се појавува силна и континуирана корекција поради неприфаќање на ситуацијата и на условите. Таа постојана корекција ги црпи капацитетите на функционалните и хранливи релации. Големиот притисок на родителот многу лесно се прелева во притисок кон околината, кон децата. Големото разочарување како родител многу лесно се прелева во разочарување од семејството и од децата.
Родителското согорување е, исто така, поврзано со потребата да се задржи контролата дури и над ситуациите што е невозможно да се контролираат. Доколку родителот не може да ја контролира самата ситуација, ја компензира контролата таму каде што може. Родителот што брзо гори, својата љубов првенствено ја покажува преку контролата, силното внимание и влијание врз децата. Кај овој родител постои нагласена потреба да се контролираат поматеријалните и поегзистенцијални аспекти на семејното живеење, каде што читањето книга или заспивањето на децата многу лесно и брзо се заменува и се компензира со прекумерна работа и со преземање повеќе обврски и одговорност од што е потребно.
Поддршка за враќање на скапоцениот капацитет на родителството
Родителите што се склони кон согорување, имаат многу намалена, а често и непостојна грижа за себе. Сметаат дека грижата за себе е многу себична, го потценуваат слободното време или времето во кое „не се случува ништо значајно“, го потценуваат сопственото време и вредноста. Многу често се обземени во една многу крута возрасна улога преку која грижата за децата ја извршуваат одговорно, но често ја изоставуваат емоционалната компонента, затоа што не знаат каде може да ги одведе. Овие родители не ги слушаат потребите на телото за одмор и репарација, го отсекуваат емоционално-телесниот дел од себе, и можат да одат до крајна и самоуништувачка мотивација без крај и задоволство од сработеното. Често имаат нарушен биоритам и работите ги завршуваат длабоко во ноќта.
Потребно е да се пронајдат начини, било со поддршка на семејството, или стручно лице, да се поврати скапоцениот капацитет на родителството, со цел да се користи соодветно и одговорно, посебно во непредвидливи и тешки животни услови. За да се постигне тоа, потребно е ревидирање на очекувања од себе и од другите, кршење на идеализацијата и реобновување на сликата за себе и за сопствениот живот, приоритет според потребите, времето и ресурсите, креирање сопствено време и грижа за себе преку соодветна рутина, но и пуштање и препуштање на контролата и на одговорностите на другите, активно слушање на најблиските и дозвола да се биде различен. Секако, неопходно е и споделување и кокреирање со најблиските, нивно активно вклучување, пронаоѓање задоволства во реалниот контекст и постигнувања, создавање нов квалитет и стил на живеење, вклучување на сопствените капацитети и вредности во сликата за себе, активно користење „не“ во согласност со ограничувањата, издржана и умерена телесна практика, како и време за релаксација и контакт со себе и со сопствените потреби.
По целата оваа реалистична и жива приказна, тоа што единствено ни останува нам на родителите, е да зборуваме погласно за присутноста и за искуството со овој феномен и да си дозволиме да ги рекреираме и засилиме личните капацитети на едно поавтентично и поприсутно родителство.
(Авторката е психолог-психотерапевт од „Психотерапика“ – Здружение за психологија и за психотерапија)
Photo: Freepik