Лице в лице, Час по родови прашања

Жените жртви од Крива Паланка немаат доверба во системот: Не се пријавува физичкото, а уште помалку психичкото семејно насилство

Крива Паланка 2 семејно насилство Мрежа Стела РДН

Пишува: Христина Николовска
Фотографии: Freepik.com

Помалите градови и рурални места од земјава не се поштедени од трендот на зголемено семејно насилство. Разликата од големите градови, се чини, e во ограничените ресурси за санација на родово-базираното насилство.

Крива Паланка и околните села, се места каде ова прашање е на маргините. Во овој мал град на североистокот на Македонија, нема ниту една граѓанска организација која се занимава со ова прашање. Не постои ниту шелтер центар за згрижување на жртвите на семеjно насилство и на нивните малолетни деца.

Што велат податоците за 2025 година?

Минатата година, во полициската станица во Крива Паланка биле регистрирани 62 пријави за семејно насилство. Од нив, дури 50 се за семејно насилство врз жени и поголемиот дел од пријавите се однесуваат на физичко насилство. Психичкото насилство тешко се препознава. Самите жртви, уште потешко и го пријавуваат.

Истата година, во Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа – Крива Паланка (ЦСР) се евидентирани десет случаи на насилство. Како што информираат оттаму, сите се случаи на насилство врз жена, сторено од страна на брачен партнер или партнер. Пријавите се однесуваат на физичко и на психичко насилство.

Ова говори дека не сите пријави кои ќе стигнат до полицијата, продолжуваат на процесирање во социјалните служби. Неофицијално, голем дел од жртвите ги повлекуваат пријавите, а постои и голема недоверба во институционалната помош. Затоа, жртвите со сопствени сили се борат со проблемот.

Дел од жените со кои успеавме да поразговарме, а кои сакаат да останат анoнимни, велат дека не сакаат да бидат сместени во шелтер центри во друг град, бидејќи децата им одат на училиште во Крива Паланка и тоа би било голем „потрес“ на рутината на малолетниците.

Како главна причина за преживеаното малтретирање, ја наведуваат зависноста на нивните партнери од пороци, најчесто алкохолизам и коцкање. Една од жените, која е жртва на психичко насилство, за својот сопруг вели дека има „тежок“ карактер.

– Морам да го трпам поради децата и немањето можност да го решам станбеното прашање – вели таа.

Кога насилството се пријавува и е нотирано, на потег се институциите. Но, од друга страна, поголем дел од насилството со кое живеат значителен број кривопаланчанки, особено од повозрасната генерација, не се пријавува. Главните причини се патријархалната култура, локалниот менталитет, но и системските пропусти кои подразбираат селективно и/или ниско ниво на казнивост на насилниците, но и отсуство на мултисекторски пристап од страна на институциите.

Љупка Трајановска, истражувачка за родови прашања, која работела на теренско истражување и интервјуа во 2024 година, со претставници на Центарот за социјална работа Крива Паланка, вели дека причините за непријавување на случаи на семејно и насилство на локално ниво се повеќеслојни и меѓусебно поврзани.

Најчесто, жените не пријавуваат поради страв од последици – губење на работа, економска несигурност, притисок од семејството и заедницата, како и недоверба дека институциите ќе обезбедат навремена и ефективна заштита – вели Трајановска.

Трајановска смета дека во помалите средини, приватноста е ограничена, секој се познава со секого во институциите, што дополнително ги обесхрабрува жртвите.

– Дел од жените ги повлекуваат пријавите токму поради страв дека постапката ќе трае долго и ќе им наштети социјално и професионално. Дополнително, недостатокот на функционални локални услуги има големо влијание. Во Крива Паланка не постои специјализирано советувалиште за психосоцијална поддршка, ниту локално прифатилиште, ниту државно, ниту водено од граѓанска организација. Жените најчесто одбиваат упатување во шелтер центри во други градови, особено поради изолацијата без никаква поддршка од стручни лица за време на престојот, како и поради прекин на работни и семејни врски- вели експертката.

Можат ли жените да си го дозволат „ризикот“ да пријават?

Пресуден е и моментот на двојна виктимизација, со оглед на локалниот менталитет каде сите се познаваат, иако социјалните служби од Крива Паланка тврдат дека секоја постапка е итна и тајна.

Трајановска потенцира дека сериозен проблем претставува и нефункционалната мултисекторска соработка, иако, како што вели, формално постојат тимови и протоколи, во пракса тие ретко функционираат.

– Координацијата со полицијата, здравството, обвинителството и судовите е често задоцнета, фрагментирана или сведена на формална размена на известувања. Во таков систем, жртвата често е принудена да оди „од институција до институција“, што води до повторна виктимизација и откажување од постапката. Без локално достапни услуги, јасна институционална одговорност и економска сигурност за жртвите, пријавувањето на насилството останува ризик што многу жени не можат да си го дозволат. Во малите градови и руралните средини е неопходна сеопфатна и локално достапна поддршка – заклучува таа.

Според неа таа поддршка вклучува формирање функционални локални советувалишта и прифатилишта со финансиска поддршка од локалната самоуправа, обезбедување безбеден превоз и пристапност за жени од рурални и планински подрачја, економска поддршка и активна улога на институциите за вработување на жртвите, специјализирани и континуирани обуки за сите чинители (полиција, здравство, ЦСР, судство и ЈО) и воспоставување реално функционални мултисекторски тимови кои ќе работат координирано и континуирано.

Како „течат“ пријавите за семејно насилство?

Од ЦСР Крива Паланка велат дека постапката за семејно насилство може да се поведе по усна или писмена пријава од страна на самата жртва, роднина, сосед, институција и др. или по службена должност од страна на полиција, здравство, училиште.

Сведоците во овие помали градови ретко се осмелуваат да пријават насилство зад затворени врати во својата околина, со изговор дека тоа е приватна работа. Постои и стравот дека на крајот, брачните партнери ќе го надминат проблемот, па пријавувачот ќе биде виновен за „мешање“ во семејните текови.

Кога ќе се пријави семејно насилство веднаш се вклучува инспектор за малолетничка деликвенција и семејно насилство од Одделот за криминалистичка полиција. Потоа се  известуваат надлежни институции за згрижување на жртвите и предлагање на привремени мерки за заштита од насилство и семејно насилство од страна на социјалните служби – појаснуваат од Секторот за внатрешни работи Куманово, но не прецизираат дали инспекторот доаѓа во Крива Паланка.

Од ЦСР Крива Паланка појаснуваат дека веднаш по добиена пријава се испраќаат покани за разговор на жртвата и сторителот одделно, во просториите на установата, во закажан датум и време и се врши непосреден увид во домот. Се прави индивидуален план за заштита на жртвата во кој се планира кој и што сѐ може да се вклучи како правна помош, економска поддршка на жртвата, психосоцијална помош и поддршка. Кога постои сериозна опасност по животот на жртвата се изготвува и безбедносен план во кој е вклучен мултисекторски тим.

– По поднесената пријава постапува стручен тим кој вклучува социјален работник, психолог, педагог, правник од Центарот за социјални работи. Стручните лица ја информираат жртвата за нејзините права и мерките за заштита. Спроведуваат проценка на ризик дали постои опасност по животот и преземаат мерки, најпрво да се обезбеди сигурна средина за жртвата. Доколку има висок ризик се известува МВР и се преземаат итни мерки за заштита во рок од 12 часа – додаваат оттаму.

Жртвата треба да даде согласност за социјалните служби да предложат до судот мерки за заштита. Од ова правило има исклучоци.

– Заради запирање на насилството, отстранување на последиците од извршеното насилство, ЦСР предлага до судот мерки за заштита од семејно насилство по претходна согласност од жртвата. Доколку во семејството има деца, лица со попреченост или лица кои не можат сами да се грижат за себе, тогаш ЦСР без согласност презема мерки на заштита и поднесува предлог до судот за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство утврдени во законот – одговорија од ЦСР Крива Паланка.

Социјалните служби велат дека ја следат состојбата преку редовни контакти со жртвата при што се проценува дали ризикот е намален, со цел продолжување или измена на мерките. Во случаи кога има непочитување на мерките, службите се должни да поднесат кривична пријава против сторителите.

Совет кој носи длабоки ризици „Ајде, ништо не е, ќе се смирите“

Центарот за социјални работи остварува соработка со МВР, со Судот, со здравствените установи, училиштата. Но, се чини најголеми забелешки од жените жртви од Крива Паланка и околината се на сметка на односот од полицајците кои постапуваат на терен, непосредно по насилството. Жените со кои разговаравме велат дека од овие службени лица, често прв совет кој го добиваат е „да се помират со сопругот“ иако тој е насилник. Во случај на константна психичка тортура, тоа не го сфаќаат сериозно и службеното постапување оди во насока на советување дека во секој брак има несогласувања.

– Жртвата добива психосоцијална помош и поддршка во Центарот преку советодавни разговори кои ги реализираат стручните работници – велат од ЦСР.

Од таму потврдуваат и дека во локалната заедница нема советувалиште во кое на жртвата ќе ѝ се пружи соодветна психосоцијална поддршка и помош за надминување на траумите од насилството и дека на територија на Крива Паланка нема шелтер центар, поради што жртвите се сместуваат во достапните Шелтер центри во државата. Достапен психолог нема во болницата во Крива Паланка, додека специјалист психијатар доаѓа многу ретко. Нема ниту приватни психолози кои даваат услуги од ваков тип.

Каква е улогата на локалната самоуправа?

Од локалната самоуправа велат дека, Општина Крива Паланка, во рамките на своите надлежности и согласно важечката законска регулатива, презема активности насочени кон превенција и унапредување на заштитата од семејно и родово-базирано насилство врз жени.

– Преку програмата за еднакви можности, општина Крива Паланка го вклучува прашањето на семејното и родово-базираното насилство како тема со акцент на превенцијата и информирањето. Во однос на директна парична помош, општината нема финансиска мерка исклучиво за жртви на семејно и родово-базирано насилство, но во согласност со постојните социјални програми и во соработка со надлежните институции, може да обезбеди поддршка во рамки на постојните механизми за социјална заштита – појаснуваат од локалната самоуправа.

Како што информираа оттаму, поддржуваат и/или учествуваат во едукативни и информативни активности, кампањи и настани за подигање на јавната свест за препознавање, спречување и пријавување на семејно и родово-базирано насилство, особено во рамки на значајни датуми поврзани со родова еднаквост и заштита на жените, или во рамки на проекти.

Сепак, свесни се дека намалувањето на бројот на случаи на семејно и родово-базирано насилство бара системски и долгорочен пристап, кој вклучува координирано делување на сите релевантни чинители. Според општината, клучни фактори за спречување на овој проблем се: континуирана едукација и подигање на јавната свест, особено во руралните средини, за препознавање на различните форми на насилство и за охрабрување на жртвите и сведоците да го пријават насилството, зајакнување на меѓуинституционалната соработка помеѓу локалната самоуправа, Центарот за социјална работа, полицијата, образовните и здравствените институции, како и граѓанските организации, обезбедување полесен пристап до информации за постојните услуги и механизми за заштита, особено за жените во руралните подрачја, работа со млади и образовни институции на теми поврзани со родова еднаквост, ненасилна комуникација и здрави семејни односи, како превентивна мерка на долг рок.

Акцент на превенцијата – има ли резултати во пракса?

Општина Крива Паланка смета дека преку комбинирање на превентивни активности, институционална поддршка и засилена соработка со локалната заедница, може постепено да се придонесе кон намалување на семејното и родово-базираното насилство на локално ниво. И од секторот за внатрешни работи Куманово велат дека преку Отсекот за превенција редовно организираат едукативни предавања и ги информираат граѓаните за појава на семејно насилство како и за правата и мерките за заштита при постоење на некои облици од семејното насилство.

Во исто време, и вработените во ЦСР тврдат дека редовно следат обуки за препознавање на овој тип на насилство и постапување по истото, но потенцираат дека немаат соработка со невладини организации бидејќи на територијата на Крива Паланка нема невладина организација која се занимава со оваа проблематика.

Кога ќе се сумираат сите општествени фактори, дополнително и малата системска поддршка на девојките и жените за економска независност, пријавите за семејно насилство како да се исклучок. За нив треба охрабрување, чии темели треба да се постават уште во основното образование, преку соодветна едукација, поддршка од заедницата. Ова подразбира правилна комуникација, солидарност и поголемо едуцирање околу начините на заштита и можностите за помош кои постојат.

Во рамки на соработка меѓу „Лице в лице“ и Мрежа „Стела“, ги објавуваме содржините кои произлегоа по обуката за препознавање родови дезинформации и справување со дигитално родово-базирано насилство. Избраните новинарки и новинари добија менторска поддршка и финансиски придонес за да ги креираат сториите. Содржините кои се финализирани ќе бидат достапни овде, на веб-страницата на „Лице в лице“, како дел од нашата мисија за видливост на инклузивни и одговорни медиумски практики кои придонесуваат кон родовата еднаквост.

Оваа сторија е дел од проектот ReFrame: Stories That Bridge кој e финансиски поддржан од Европска Унија во рамки на Reporting diversity Network program. Содржината е одговорност на Мрежа Стела и не ги одразува ставовите на Европската Унија или на Reporting Diversity Network (RDN).

Читајте ја претходната сторија од оваа соработка

Родово-базираното насилство не е приватен проблем – две измени на Кривичниот законик за заштита на жртви од семејно и дигитално насилство

Прочитајте и:

Кога домот не е безбедно место: Приказната на Ана и суровата реалност на семејното насилство

Напишете коментар