Социјално менторство – поттик кон инклузивен пазар на труд
Првите резултати на социјалното менторство дојдоа само неколку месеци по завршувањето на тренинзите за социјалните ментори во земјава, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и во Албанија. Пренесуваме дел од нив, со верба дека ќе инспирираме и ќе покажеме дека, доколку се овозможи соодветна поддршка и пристап, се добива холистички модел, кој дава соодветен одговор на (не)можноста за вработување, социјалната исклученост и работната интеграција
Ова е мал чекор за човекот, но голем за човештвото, рекол астронаут Нил Армстронг – првиот човек што стапнал на Месечината. Неговата мисла одѕвонува во многу други различни контексти давајќи значење на тие мали, бебешки чекори, кои се основа за напредок.
Социјалното менторство е иновација што ги поддржува луѓето што тешко можат да се вработат за влез и останување на пазарот на труд. Освен што ги вреднува „малите чекори“, ја поставува и насоката имајќи предвид каде одделна личност сака да се движи. Така се олеснува патот, тргнувајќи ги сите пречки што можат да направат проблем на патот до инклузивен пазар на труд.
Секоја маргинализирана група се соочува со различни бариери и предизвици додека влегува или се (ре)интегрира на отворениот пазар на труд. Долгогодишното искуство на „Паблик“ со интеграција на продавачите на уличното списание „Лице в лице“, овозможи податоци кои беа основа за оваа иновација.
Беше креиран Водич за социјално менторство, како и оперативен протокол за активација, мотивирање и задржување на работа на отворениот пазар за труд.
Регионов неодамна ги доби првите 10 ментори за социјална интеграција (социјални ментори), кои произлегоа од оваа програма. Во земјава, како и во Косово, Србија, Босна и Херцеговина и во Албанија, тие работат директно со лица што тешко можат да се вработат по верификувана програма, која подразбира насочување, охрaбрување, мотивирање, препознавање и унапредување на квалитетите на лицата со кои се работи.
Првите резултати дојдоа само неколку месеци по завршувањето на тренинзите, па пренесуваме овде дел од нив, со верба дека ќе инспирираме и ќе покажеме дека, доколку се овозможи соодветна поддршка и пристап, се добива холистички модел, кој дава соодветен одговор на (не)можноста за вработување, социјалната исклученост и работната интеграција.
Работодавците сакаат да вработат лица со попреченост, но има уште работа
Луљета Нухија е социјална менторка од „Даун синдром Косово“, која вработи двајца, а работи на вработување на уште две лица со Даунов синдром во Косово. Таа споделува дека две од лицата со кои таа работеше како ментор се ангажирани како практиканти – еден во одделот за човечки ресурси, а другиот во архивата во компанијата „КОСТ.КОСТТ Ш.А“ – оператор на систем, пренос и пазар на електрична енергија на Косово, јавно претпријатие со 100 проценти државни акции. Во текот на нејзиниот професионален ангажман, главно, работи со деца со попреченост.
– Мојата ориентација како професионалец беше да одговорам на потребите за рана интервенција и едукација, додека вработувањето беше „во сенка“, сон и желба што чекаа да бидат реализирани. Иако раната интервенција е неспорна, вработувањето на лица со попреченост е врв на способностите за самостојност и на независност. Тоа исполнува, мотивира и е храна за душата – споделува таа.
Нухија ги посочува предизвиците со кои се соочувала поради спецификите на лицата со кои работела, а кои се однесуваат на ниска кондиција да одговорат на долги работни часови, во овој случај – цело работно време:
– Затоа, ги ангажиравме со скратено работно време.
Таа објаснува дека била изненадена од бројот на потенцијални работодавци од приватниот и од јавниот сектор, кои биле подготвени да вработат лица со попреченост:
– Но, поради отсуство и / или ограничена систематска ориентација и поддршка за интеграција на лицата со попреченост, вработувањето е само за кратко време или воопшто не е се реализира. Предизвик сам по себе е и идентификацијата на овие работодавци, надминувањето на тоа дека се често недостапни и доаѓање до волјата што ја имаат за вработување лица со попреченост.
Клучниот чекор, вели таа, очекува допрва да дојде.
Најважна ни е довербата што ја изградивме
Мајлинда Хоџа, проектната менаџерка во „Ворлд вижн“ од Албанија, е горда што, по нејзиното вклучувaње како социјална менторка, успеа да го вработи лице со кое работеше на позиција што овозможува поддршка за жени и за девојки жртви на насилство.
– Сега таа се чувствува поподготвена за соочување со новите предизвици бидејќи разви нови капацитети и вештини. Заедно научивме да ги истражиме можностите и да развиеме вештини според побарувачката на пазарот на труд. Социјалното менторство го употребуваме и за реинтеграција на ранливи луѓе во нашата заедница – споделува Хоџа.
Таа појаснува дека е најважно што здобиле меѓусебна доверба.
– Најважните аспекти за оваа доверба, пак, беа јасното водство и чекорите што ги предвидува програмата и заедничката работа со другите социјални ментори од регионов. Од друга страна, мене и на лицето со кое работев ни беше потребна поддршка, а јас имам долгогодишно искуство во граѓанскиот сектор. За успехот придонесе и тоа што имав значајно ниво на информации за главните актери што функционираат кај нас, како и за развојните проекти за унапредување на капацитетите. Имав блиска соработка со нив и можев да го спроведам социјалното менторство преку пошироко партнерство – споделува Хоџа.
Таа зборува и за клучниот чекор – средба на која на лицето со кое работела му ја претставила методологијата за да ги истражи можностите за вработување и да ги развие своите капацитети и вештини во оваа насока.
– Тогаш се согласивме дека ќе работиме заедно за да обезбедиме вработување, поставивме точна распределба на улоги и на одговорност меѓу нас – јас бев поддржувач и олеснувач, а лицето со кое работев ги градеше своите вештини и капацитети за влез на пазарот на трудот.
Хоџа додава и дека и покрај тоа што е итно потребно социјално менторство, предизвикот е да се препознае овој нов концепт и да постојат структури што ќе овозможат ваков тип поддршка за луѓето што бараат работа.
Работиме и на едукација и на сензибилизација на јавноста
Социјалната менторка Јелена Станковиќ од „Осмех“, Србија, постигна успех вработувајќи го лицето со кое работеше како негувателка за повозрасни лица со попреченост во матичната организација во Власотнице.
– Оваа работа таа ја работеше и претходно, во други установи, но откако ѝ се влоши здравствената состојба, не можеше да продолжи. „Осмех“ нуди поддршка за луѓе со попреченост овозможувајќи им низа услуги од социјалната заштита. Преку приспособување на условите и описот на работни задачи, на лицето со кое работев му се овозможи да продолжи да го работи тоа што го знае, во согласност со новонастанатите можности – вели Станковиќ.
Таа појаснува дека успехот бил неминовен поради посветеноста на лицето, како и подготвеноста за соработка и за активно учество во процесот:
– Со заеднички напори и со активно вклучување на бизнис-секторот, успеавме да најдеме работа што ќе одговара на нејзините можности и способности, но и каде што ќе може да придонесе за работодавецот и за заедницата како целина.
Станковиќ вели дека самото нивно вклучување во иновативната програма, преку која се обезбедува услуга за луѓе што тешко можат да се вработат, придонело за подигнување на свеста и на вклучените професионалци.
– Беше лесно да се воспостави соработка со работодавецот, кој е подготвен да им помогне и да ги разбере потребите на лицата со попреченост, но, секако, прво имаше обиди и грешки. Не сите работодавци беа сензибилизирани за потребите на овие ранливи категории и ова, пред сè, произлегува од недостигот на информации и од фактот дека во малите градови и општините тие дури немаа можност да се сретнат со луѓе на кои им е потребна дополнителна помош. Затоа, потребно е да се работи на едукација, информирање и на сензибилизација на целата заедница за потребата од подобрување на квалитетот на животот на лицата со попреченост преку активно вработување – вели таа.
Станковиќ посочува и дека социјално менторство доведе до значителен пораст и развој на нејзините лични компетенции, отвори нови перспективи за начините за обезбедување помош на лицата со попреченост.
Социјалните ментори – агенти на промени на инклузивниот пазар на труд
Сограѓаните што тешко можат да се вработат отсега ќе може да бидат засилени со вештини и со знаења што ќе им овозможат поподготвени да влезат на пазарот на трудот и со тоа да водат самоопределен и финансиски независен живот. Нивните капацитети ќе бидат поддржани со улогата на новопрепознаеното занимање во земјава, ментор за работна интеграција, чијашто едукативна програма е верификувана и од страна на Центарот за образование на возрасни.
По шестмесечна едукација, овие професионалци се здобиваат со звање социјални ментори (ментори за работна интеграција), чијашто главна цел е насочување на лица што тешко можат да се вработат во професионалниот и личен развој.
Автор на оваа методологија е Асоцијацијата за истражување, комуникации и за развој „Паблик“, која преку „Регионалното унапредување на социјалното менторство како пристап за активирање на пазарот на трудот за ранливите лица“, во соработка со Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), прави значителни поместувања во системите на социјална заштита во Македонија и во Западниот Балкан.
– Многубројните состаноци што се спроведоа со бизнис-секторот, со институциите и со граѓанскиот сектор во текот на изминатава година во земјите од регионов ни покажаа дека професијата ментор за работна интеграција станува неопходност на патот кон создавање инклузивни работни места. Податоците од терен покажуваат дека не е доволно на маргинализираното лице што тешко може да се вработи да му биде најдена работа, предизвикот е како тоа лице да се задржи на работното место, како да добие работно место усогласено со неговите афинитети и како на тоа место да се развива професионално. Пречките за влез на пазарот на труд се многубројни и методологијата што ја разви „Паблик“ ги препознава и го води лицето кон нивно согледување, ублажување, надминување – вели Климентина Илијевски, извршна директорка на „Паблик“.
Иницијативата, всушност, е резултат на долгогодишната работа на „Паблик“ на полето на работна интеграција преку уличното списание „Лице в лице“, кое го продаваат лица од ранливи групи и кое го користи социјалното менторство во поддршка на продавачите да се интегрираат на отворениот пазар на труд.
– Ние, како социјални ментори, со засилени професионални капацитети, веќе сме активни на терен во рамки на своите матични организации. Низ целиот процес на работа со лицата на кои им се потребни ментори, ги препознаваме нивните афинитети, работиме на подобрување на нивните вештини и заеднички создаваме креативен импулс, кој ќе ги охрабри полесно да се вклучат во работни активности, а со тоа се влијае и на нивната инклузија – вели Магдалена Чадиноска-Кузманоски, која е дел од првата генерација социјални ментори во земјава и во регионов.
Во моментов во тек е Повик за учество во тренинг-програма за избор на нова група ментори за работна интеграција, отворен до 11 јули 2021 година (повеќе информации на веб-страницата на www.public.org.mk).