Актуелно

Соништа во сенка поради статусот на „фантом“!

Време на читање: 3 минути
- банер -

Жи­вот во агонија. Таков е животот без документи. Вака, накусо, 19-годишниот Валентин Ракип, про­да­вач на „Лице в лице“, ја опишува својата животна ситуација, која не може да ги добие сите бои што се карактеристика на еден млад човек со проекции за иднината.

Тој е еден од 700 лица „фантоми“ во нашата земја. Потекнува од семејство со седум деца, сите ро­де­ни во домашни услови и ненавремено евидентирани во матичната книга на родени. Станувајќи све­сен што значи да се биде лице без документи, заедно со неговите браќа и сестри се обидувал на најразличен начин да си го среди статусот и со тоа да си ги оствари  основните човекови права – пра­во на социјална и на здравствена заштита и право на вработување. Случајот на Валентин и на не­го­ви­те браќа и сестри е дополнително сложен затоа што неговите родители жи­ве­е­ле во не­фор­мал­на брачна заедница, мајката е српска државјанка, а таткото починал во ме­ѓу­вре­ме, без да признае татковство за сите деца (признал само за едно). Врз основа на едното приз­на­ние за татковство се направени ДНК-анализи, според кои потоа, споредувајќи ги со другите при­ме­ро­ци, се заклучува дека сите деца се роднини од прво колено. Оттука, со помош на Ма­ке­дон­ско­то здружение за млади правници, почнати се две постапки. Едната за добивање граѓански ста­тус врз основа на неговиот татко, постапка почната во граѓански суд во Скопје, и другата почната во МВР за добивање право на привремен престој за странец, врз основа на неговата мајка.

Се­то ова време Валентин добива континуирана поддршка од неговата матична организација Цен­та­рот за згрижување деца од улица, од Асоцијацијата за истражување, комуникации и за развој „Паб­лик“,  издавач на списанието за одржлив развој „Лице в лице“, и од Македонското здружение на мла­ди правници.

Мно­гу е тешко да се биде лице без документи. Некогаш одам по улица и се тресам да не ме за­ста­не полиција, иако ништо не сум направил. Друго е што сакам да работам за да се прехранам, не да питам. Никогаш не сум барал и не сум прифаќал милостина. Добив понуда за работа, преку про­гра­ма­та на „Паблик“, која многу работи ќе ми променеше, но морав да одбијам затоа што не­мам документи. Исто така, многу сакам да патувам и тука низ нашата држава, но и надвор од неа. Член сум на извиднички клуб, но не можам да ги користам и тие можности за движење затоа што не­мам пасош. Живеам во агонија… – вели Валентин.

- банер -

Не­го­ва­та социјална менторка, Магдалена Чадиноска-Кузманоски, вели дека неговиот моментен ста­тус, по автоматизам, му запира важни животни процеси.

На Валентин му се скратени основните човекови права, како што се право на државјанство и пра­во на идентитет. Го вклучивме во програмата на социјално менторство, како еден од нај­од­го­вор­ни­те и најдобри продавачи на „Лице в лице“. Во улога на негов ментор, работиме на пот­тик­ну­ва­ње и на засилување на неговите капацитети, на подобрување на работните навики, на здобивање по­го­ле­ма финансиска писменост. И кога целиот овој процес заврши и доби понуда за работа, удрив­ме во ѕидот на реалноста, односно неможност за вработување поради неговиот статус. Се на­де­вам дека постапката ќе се забрза со оглед на тоа што сите потребни документи се доставени до надлежните органи и го очекуваме нивниот одговор. Валентин нестрпливо ја очекува оваа вест и секојдневно се јавува и се интересира дали има промени. Да не е продавач на списанието, би не­ма­ло и како да се прехрани. Доколку не го пресретнувате Валентин, а сакате да го поддржите, му направивме код, кој гласи KupivOdValentin, па можете и списанието од него да го купите и пре­ку интернет – вели Чадиноска-Кузманоски.

Спо­ред Александра Ефремова од Македонското здружение на млади правници, кое правно го во­ди случајот на Ракип, ова се постапки што се водат многу долго, најчесто траат и повеќе години.
– Случајот на Валентин и неговите браќа и сестри е навистина еден од потешките случаи за утврдување на правен идентитет кои сме ги воделе. Тој е роден во Македонија, од татко македонски државјанин и мајка со српско државјанство. Постапката за упис во матична книга на родените траеше повеќе години, пред се поради тоа што децата беа напуштени од мајката, а таткото почина пред да успее да ги признае татковството за децата, освен за едно дете, сестрата на Валентин. Со огромни заложби од страна на неговите роднини успеавме да ги запишеме децата, но остана проблемот со утврдување на државјанството. Се обидовме да започнеме постапка за прием во српско државјанство, но и таму наидовме на проблеми, поради административни причини. Во моментов нашето здружение води паралело две постапки: едната е за добивање постојан престој како странец, со која постапка, се надеваме дека додека се утврди по судски пат постхумно татковството , ќе му се обезбеди барем странска дозвола за престој, за да по утврдувањето на татковството му биде утврдено и македонско државјанство и добие и македонска лична карта и матичен број.

Напишете коментар