Доза вести, Магазин, Одговорна иднина

ОДГОВОРНА ИДНИНА: Загрижувачки пад на приврзаноста на децата кон училиштето

Време на читање: 5 минути

Според наодите од Студијата ХБСЦ во нашата земја, секое трето девојче и секое четврто момче на 15 години во земјава се чувствува неподдржано и неприфатено во своето семејство, а така се чувствува и секое второ девојче и секое трето момче на 15 години во однос на своите наставници

Маја Цветаноска

Масовното и интензивно користење на можностите за поврзување и видливост, кои ги нудат социјалните медиуми, се, можеби, една од најпрепознатливите и универзални карактеристики на човештвото на 21 век. Воедно, тоа е и извор на големи грижи, особено кога е во прашање здравјето на децата и на младите. Истражувањето на влијанието на користењето на социјалните медиуми врз менталното здравје на младите е комплексно и постојните наоди не водат кон сигурни заклучоци. 

Една нова студија фокусирана на факторите што влијаат на менталното здравје на децата и на младите, спроведена на примерок од 12.041 адолесценти од Обединетото Кралство (Panayiotou, M. et al, 2023) заклучува дека времето поминато на социјалните медиуми има најмало влијание врз менталното здравје на младите, во споредба со другите фактори, како што се врсничкото насилство, недостигот од семејна поддршка и незадоволството од училиштето. Овие наоди упатуваат на потребата за натамошно истражување на комплексната поврзаност меѓу употребата на социјалните медиуми и клучните системи на поддршка на децата и на младите, како што се семејството и училиштето, во кои треба да се гради нивната психолошка отпорност. Во овој контекст, би сакала да погледнеме во податоците што ги имаме на располагање за нашите деца и млади во поглед на нивното користење на социјалните медиуми и системите на поддршка.

За младите – социјалните медиуми се во функција на одвлекување на вниманието од нивните грижи и проблеми

Во 2022 година, во рамки на Меѓународната лонгитудинална Студија за однесувањата поврзани со здравјето кај деца на училишна возраст на 11, 13 и на 15 години (ХБСЦ)[1], во која нашата земја учествува веќе 20 години, по шести пат се спроведе национално истражување на репрезентативен примерок од 5.136 ученици од наставата на македонски и на албански наставен јазик. Наодите во врска со користењето на социјалните медиуми и игрите на интернет покажуваат меѓуродови и возрасни разлики. Со возраста, опаѓа бројот на момчиња, а расте бројот на  девојчиња што известуваат за  проблематично користење на социјалните медиуми, што значи дека биле преокупирани со нивно користење, ги запоставувале другите активности, се чувствувале лошо кога биле спречени да ги користат и сл. Секое петто девојче и секое десетто момче на 15-годишна возраст известува за проблематично користење на социјалните медиуми.

Во поглед на игрите на интернет момчињата се тие што почесто известуваат за проблематично користење од девојчињата. И едните и другите повеќе играат игри на интернет на 11 години (секое петто момче и секое десетто девојче ), потоа бројот опаѓа на 13 години и се одржува до 15 години.

Објаснувањето на младите на 15 години за оваа состојба е дека користењето на социјалните медиуми и игрите на интернет се во функција на одвлекување на нивното внимание од нивните проблеми и притисоци што ги чувствуваат од средината и се обид да се вратат во детството кога се чувствувале побезгрижни.

Само ги избегнуваме проблемите и сакаме малку време за нас. Тоа време што го поминуваме на игрите и на социјалните мрежи само значи дека сакаме да отидеме во друг свет каде што е поубаво, полабаво, без стресови, макар и на 10 минути, вели едно 15-годишно момче од една скопска гимназија.

Сметаат дека со активностите на интернет ги избегнуваат стресот и притисокот и ако имаат повеќе поддршка од родителите и од општеството ќе имаат помала потреба од социјалните медиуми. Разликите меѓу момчињата и девојчињата се гледаат во родовите стереотипи, кои се типични за една патријархална култура – во игрите има натпревар и насилство, однесувања што се очекуваат од момчињата, а, пак, социјалните медиуми ги поставуваат стандардите за изглед и однесување, што се очекува од девојчињата.

Проблематично користење на социјалните медиуми – ризик за нарушена благосостојба

Менталното здравје е капацитет за чувствување, мислење и постапување на начин што ја зголемува нашата способност да уживаме во животот и да се соочуваме со предизвиците со кои се соочуваме. Кога зборуваме за менталното здравје на младите неопходно е да го гледаме во контекстите во кои живеат и кои треба да бидат нивна поддршка и ресурс за здравјето, а тоа се, пред сѐ, семејството и училиштето. Според наодите од Студијата ХБСЦ во нашата земја со возраста децата ја губат поддршката во секој од нив, а особено девојчињата. Според овие наоди, секое трето девојче и секое четврто момче на 15 години во земјава се чувствува неподдржано и неприфатено во своето семејство, а така се чувствува и секое второ девојче и секое трето момче на 15 години во однос на своите наставници. Најприфатени и поддржани се чувствуваат од своите соученици, особено момчињата, кај кои приврзаноста е константна на сите три возрасти, а кај девојчињата опаѓа со возраста.
Направена е анализа на податоци од 29 земји од Студијата ХБСЦ за поврзаноста на интензивното и проблематично користење социјални медиуми со благосостојбата на младите, чијшто дел е и менталното здравје и системите на поддршка (Maartje Boer et al, 2020). Заклучокот од оваа анализа е дека младите што пријавиле проблематично користење на социјалните медиуми се во особен ризик од нарушување на благосостојбата, а училиштата, семејствата и клиниките ги гледаат како контексти за препознавање на оваа состојба, давање поддршка и преземање интервенции.

Бледнеат училишната и семејната поддршка

Уште еден релевантен податок за нашата земја е трендот на опаѓање на приврзаноста на децата кон училиштето, од 2002 година, кога сме биле на врвот на земјите учеснички во Студијата ХБСЦ (64 проценти момчиња и 70 проценти девојчиња изразиле висока приврзаност), па сѐ досега со речиси преполовени резултати (38 проценти момчиња и 42 проценти девојчиња). Училиштето како клучен систем на поддршка за децата и младите континуирано ја губи својата улога за повеќе од половина од децата.

Овие наоди се во согласност со сознанието дека за менталното здравје на децата и на младите покритична од изложеноста на социјалните медиуми е поддршката што ја добиваат од нивните најважни возрасни лица, родителите и наставниците. Затоа од клучно значење е што поскоро да одговориме на прашањата за тоа што се случува со семејната и со училишната поддршка на децата и како да се реставрира. Исто толку важни прашања се и тие што се поврзани со благосостојбата на родителите и на наставниците бидејќи ако е таа загрозена, се доведува во прашање нивниот капацитет да бидат потпора за децата и за младите.

Од суштинско значење е да се работи на поддршка на нивните капацитети за соочување со предизвиците на кои наидуваат секојдневно, како и на капацитетите за поврзување и за поддршка на децата. Концептот на релациски компетенции (Elsbeth Jensen at al., 2015) во чијашто срцевина се емпатијата, уважувањето на индивидуалноста, способноста за менување на перспективата и заинтересираноста за детето и неговите потенцијали дава добра рамка за создавање интервенции во образовните институции. 

(Авторката е психолог и член на Националниот истражувачки тим на Студијата ХБСЦ)


[1] hbsc.org
hbscmacedonia.wordpress.com


Фото: Freepik

 Оваа содржина е објавена во 53. издание на „Лице в лице“, кое ја носи темата за решенија за градење инклузивен пазар на труд.
Може да го купите од нашите продавачи, или од веб продавницата, достапно е на овој линк .

Напишете коментар