Актуелно, Час по родови прашања

Живот по шелтер: Кров над глава и работа – најголем предизвик за преживеаните од семејно насилство

Шелтер

Пишува: Љупка Антеска
Фотографии:  Freepik.com

Економската несигурност, стравот и тивката борба со траумата се дел од реалноста со која се соочуваат жртвите на семејно насилство и по напуштањето на шелтер центрите. Иако засолништето им нуди безбедност и заштита во најкритичниот период, вистинските предизвици често започнуваат токму тогаш кога жените и децата ќе треба повторно да изградат живот надвор од насилната средина.

Од мај 2024 година, Шелтер центарот за жртви на семејно насилство за полошкиот регион, кој го води Центарот за женски права „Етика“ од Гостивар, згрижил 41 жртва – 14 жени и 27 деца. Засолништето е на тајна локација, а безбедноста е строго контролирана.

– Жртвите кај нас се целосно заштитени, никој не знае каде се наоѓа објектот освен вработените – вели претседателката на „Етика“, Себајете Зенку.

Формално, престојот може да трае и до една година, но во пракса, како што додава таа, ретко надминува неколку месеци.

Најкритичниот момент, според искуствата од терен, е излегувањето од шелтерот. Иако жените тогаш веќе не се изложени на директно насилство, тие влегуваат во фаза на длабока економска и институционална несигурност.

– Центрите за социјална работа не можат да обезбедат сместување. Жената мора сама да се снаоѓа, а кога нема приходи и поддршка, таа често нема реален избор, освен да се врати кај насилникот – предупредува Зенку.

Жртвите на семејно насилство – посебна ранлива категорија

Во делот на домувањето, од Министерството за социјална политика, демографија и млади, информираат дека жртвите во моментов се третираат како лица во социјален ризик. Новиот Закон за домување, кој е во подготовка, предвидува тие да бидат препознаени како посебна ранлива категорија. Тоа, според институциите, треба да овозможи појасен и поефикасен пристап до станбени решенија. До тогаш, пак, повеќето од жените остануваат без стабилен кров над глава.

Неопходна континуирана пост-згрижувачка поддршка

Паралелно со материјалната несигурност, траумата продолжува да делува тивко и долгорочно. Психологот Блерита Мустафаи Мазлами посочува дека физичката безбедност не значи и психолошко закрепнување.

– Стравот од повторување на насилството, недовербата кон институциите и чувството дека не припаѓаат никаде се постојани состојби кај многу жени по напуштањето на шелтер центрите – вели таа.

Дополнителен притисок доаѓа и од околината.

– Кога вината се префрла врз жртвата, таа добива порака дека нејзината болка не е доволно валидна. Тоа ја продлабочува траумата и ја руши самодовербата – објаснува Мустафаи Мазлами, додавајќи дека изолацијата често станува механизам за преживување.

Иако институциите укажуваат дека законската рамка предвидува низа мерки за поддршка, теренската реалност покажува голем јаз меѓу правата на хартија и нивната практична достапност. Од Министерството за социјална политика наведуваат дека жртвите имаат право на социјална и здравствена заштита, бесплатна правна помош, психосоцијална поддршка, како и вклучување во активни мерки за вработување и економско јакнење.

Сепак, мал дел од жените реално успеваат да се стабилизираат економски.

– Во нашиот случај немаме пример на жена која започнала сопствен бизнис, а само една жртва доби стан под кирија со поддршка на странски донатори – вели Зенку.

Според неа, недостасува токму континуирана, пост-згрижувачка поддршка која би ги следела жртвите и по напуштањето на шелтерите.

Менторството една од клучните алки во процесот на зајакнување

Во таков контекст, граѓанските иницијативи и мрежи се појавуваат како важна алка на поддршка. Сара Миленковска, менторка во Мрежата „Стела“, посочува дека менторството може да одигра клучна улога во процесот на зајакнување на жените кои се соочуваат со системска нееднаквост и лични последици од насилството.

– Менторството, солидарноста и поддршката ни покажуваат дека не сме сами, ниту во процесот на себепронаоѓање, ниту во надминувањето на системската нееднаквост. Додека чекаме, но и работиме на системски промени, потребно е да се преживее, особено на професионално и академско ниво – вели Миленковска.

Таа додава дека менторските процеси во рамки на Мрежа „Стела“ се дизајнирани да понудат поддршка и разбирање, токму во моменти кога тие изостануваат од општеството.

– Свесни сме дека живееме во свет во кој жените во сите нивни различности, се обесхрабрени да бидат дел од јавноста, да бидат гласни и силни и дека товарот е секогаш ставен на нас, но менторството, колективната грижа и заедницата на жени и девојки ни покажува дека еден друг свет е поинаков – нагласува таа.

Според Миленковска, менторството директно се спротивставува на културата на индивидуалност и конкуренција.

– Тоа покажува дека само заеднички можеме да ги надминеме и системските и индивидуалните препреки – вели таа, посочувајќи дека ваквите модели можат да бидат клучна поддршка и за жртвите на насилство во процесот на нивна ресоцијализација.

Психолозите предупредуваат дека без континуирана поддршка, ризикот од повторна виктимизација останува висок.

– Обновувањето на самодовербата започнува кога жената ќе разбере дека преживувањето е чин на храброст, а не слабост. Но за тоа ѝ е потребна средина во која ќе се чувствува прифатена и безбедна- вели Мустафаи Мазлами.

Приказните од теренот покажуваат дека шелтер центрите се неопходна, но само прва алка во синџирот на заштита. Без системски решенија за домување, вработување и долгорочна психолошка и менторска поддршка, излезот од насилството за многу жени останува привремен, а новиот почеток – неизвесен и кревок.

Оваа сторија е дел од проектот ReFrame: Stories That Bridge кој e финансиски поддржан од Европска Унија во рамки на Reporting diversity Network program. Содржината е одговорност на Мрежа Стела и не ги одразува ставовите на Европската Унија или на Reporting Diversity Network (RDN).

Напишете коментар