Репортажа

На Гренланд не чекаме, туку уживаме во животот!

Време на читање: 10 минути

Толку е топло што ми иде да си ја излупам кожата. Со забрзан чекор се пробивам по чаршиската калдрма, додека мали солени поточиња ми се слеваат од челото до глуждовите. Вода, пекам во себе, само вода и малку ладовина, па ќе видам кои ми се гостите за вечерва. Не поодувам уште долго кога, ете го, пред мене се издигнува засолништето од скопскиот пекол, убавиот Куршумли-ан. Лето е и Скопје е, а тоа значи дека преку ден едвај се живее. Но денес е трети ден „Македокс“ и, сепак, во градот-котел се дише некако леко – одмора мислата за целовечерно кино под отворено небо, колку и да е мачна дневната жега. Но, не можам да останам спокојна ниту за миг, ме чека работа, имам пет толкувачки сесии во текот на вечерта, а тоа значи адреналин до плафон и катапулт низ пет различни света. Го стегам пенкалото, чкртам имиња и наслови по тефтерот. Режисери, монтажери, локации и теми, дланките ми се потат, уморна сум и ми се пие кафе. Или вода… Мислата ми ја пресекува дневната песна на оџата, не разбирам ниту збор, но си го преведувам во гласник што ми порачува да забавам, да не исчекувам, да видам каде сум и, конечно, да одам по кафе. Cтанувам и послушно тргам назад по калдрмата, правец некое ќоше што вари турско во секое време, кога по пат среќавам еден од гостите за вечерта. Разменуваме краток муабет, па во знак на учтивост го канам да ми се придружи, и тој прифаќа.

Прва средба со Арктикот                  

– …А каде во Гренланд поточно, во Нук?
– Да.
– Аххх, првин ќе слеташ во Кангерлусак, една голема пустина од мраз и тук-таму по две-три куќички, ништо нема. Прекрасно е. Потоа ќе дојде едно црвено пропелерче, ќе се качите во него и ќе слетате во Нук. А кога ќе одиш, во кој период?
– Во октомври.
– Оххх, кога ќе стигнеш пред тебе ќе се распостеле морето меѓу фјордовите, ќе видиш уште на слетување, а бидејќи одите во октомври, тоа значи дека ќе бидете таму кога ќе почне да паѓа свежиот снег – занесено, со детски восхит ми раскажува Виктор Косаковски, големиот руски документарист, кој минатото лето гостуваше на „Македокс“ со филмот „Акварела“, чијшто стожерен лик е водата.
Господинот Косаковски веќе не е присутен на масата, тој е таму некаде среде замрзнатиот гренландски појас обидувајќи се да замрзне уште некоја санта мраз со камерата. Го следам подзината, па ме снемува и мене. Сега слушам само тишина од снежење, стојам на палубата, а пред мене се протега белосин недоглед. Треба да одам на Гренланд за еден месец. Не знам ништо за Гренланд, освен дека е спроти Исланд и дека има многу мраз. Тоа не ме растревожува туку ме радува, веќе некое време чувствувам повик кон некаде далеку и тоа, секако, на север, мојата најдрага географска цел. Руската снежна сказна за Гренланд ми става шеќер во кафето и ми навестува убави времиња, расте желбата за првата средба со Арктикот.
Не можам да се сетам од кога и зошто толку ги сакам студот и северните предели на Земјава. Како низ магла, во главата имам две слики од детството, исечоци од први сеќавања. На едната, мајка ми се враќа дома од пат и ми покажува книга со слики од Скандинавија, некакви идилични снежни пејзажи, па дрвени куќи со покриви од трева. Сигурна сум дека нема поубаво место на светов и неуморно  прелистувам, одново и одново. На другата, се санкаме со дедо ми на Водно на некое ритче, небото прснува во розова боја, а снегот и студот ни ја засолнуваат смеата, да си ја имаме, да остане само за нас. Па така, минатиот мај, кога мојот драг пријател од Стокхолм ми предложи да им се придружам нему и на уште двајца негови пријатели да волонтираме на фестивал за нордиска култура во Нук, главниот град на Гренланд, прифатив со истата детска обземеност.
Првите неколку соопштувања за тоа каде ќе одам годинава беа придружени со „Гренланд? А бе бегај, депре е тоа, ништо нема, само мраз.“, „Демек има фестивал таму? Ја мислев нема ни луѓе.“ „Добро, кој иде на Гренланд? Немаш ни чевли, има да измрзнеш“. Со други зборови, ако не сте љубители на големи, пусти пространства од мраз поштедени од разноразни туристички каприци, без интернет каде што ќе ви текне и со природа што ве кани да молчите, да оставите, да се препуштите, тогаш, веројатно, Гренланд ќе ви биде студено место на планетава. На другите топло им препорачувам да се сетат на него следниот пат кога ќе затворат очи за да замислат желба.

Гренланд повикува на одмор

За да стигнете до Гренланд, најголемиот остров на светот, морате да изберете меѓу единствените две авиокомпании што летаат до таму – AirIceland и AirGreenland. Тоа значи дека, најверојатно, ќе летате или преку Рејкјавик или преку Копенхаген. Нашето патешествие почна во Копенхаген од каде што рано наутро полетавме кон Нук. Летот до првото авионско прекачување трае околу 5 часа, пред да слетате во Кангерлусак, или најголемата порта до Гренланд. Кангерлусак (на гренландски „голем фјорд“) е населба што се наоѓа на крајниот западен дел од островот и се протега на фјорд долг 170 километри низ кој поминува арктичкиот круг. Овде има околу 540 жители, а населбата е основана во 1941 година, кога била отворена како американска воена авиобаза. Меѓу другото, ова гратче-населба има неколку куќи, хостел, еден пристоен бар со билјард, едно гранапче, но и концепт-продавница (пребарајте ја на „Инстаграм“ дизајнерката Bibi Chemnitz), градинка, училиште и амбуланта – оддалеку сите личат на конзерви претворени во функционални градби среде бела пустина. Исто така, Кангерлусак е точката од која почнува единствениот пат до појасот од мраз на Гренланд, кој поминува покрај неколку вериги од мраз. Годишно, тука има повеќе од 300 дена со бистро небо, па затоа е едно од најпогодните места за средба со Поларната светлина (Aurora Borealis). Искуството под светлината нека остане неопишано додека не биде опеано како што му прилега. Црвениот пропелер пристигнува на аеродромот и за помалку од еден час се наоѓаме во Нук.
Уште на влегување, главниот град на Гренланд повикува на одмор. Возејќи се по патот со нашиот домаќин Јан, дознаваме дека островот нема автопатишта, туку секој неопходен транспорт се одвива по воздушен или воден пат, па во Нук со пешачење можете да стигнете „до крајот на патот“. Сознанието дека има пат што завршува на крајот од свијокот под планината ме смалува меѓу џиновските фјордови што ѕиркаат во далечината и веќе не мислам што е следно. Сонцето влегува на задното седиште, му правиме место, па нѐ придружува додека во тишина ја набљудуваме карпестата тундра издигната над морската ширина. 

Се разбиравме со насмевки

Во куќата за престој нѐ пречекуваат три деца, кучето Фидо и Алиона, срдечна, насмеана госпоѓа со потекло од Русија, чијашто кујна со поглед кон морето никогаш не затвора, дури ни за нас, волонтерите, па во следните денови ни станува главно збирно место наутро и доцна навечер. Првиот ден поминува брзо, а вечерта се отвора „Нук нордиск култур фестивал“, фестивал за промоција на нордиска култура, кој се одржува секоја втора година. Почнат е во 2015 година, а неговиот фокус е на уметноста и на културните вредности што произлегуваат од соработката меѓу нордиските земји. Програмата нуди музички настапи, театарски претстави и изведби, ликовни изложби, литература, работилници итн., во кои публиката и посетителите се активни учесници со цел да се урнат границите меѓу гледачите и изведувачите и да се создадат нови искуства и доживувања преку неочекувани средби и познанства. Како волонтери, во текот на фестивалските денови најчесто работевме со луѓето од локалната заедница, кои со задоволство даваат логистичка поддршка, најчесто волонтерски, давајќи му голема важност на фестивалот како редок културен настан што се одржува во нивниот мал град. Моето волонтирање беше во кујната во уметничкиот центар, каде што се подготвуваше храна за уметниците и се миеја садови. Работев со тројца крајно харизматични средовечни гренландски господа, кои не можеа да ми го запомнат името, ниту јас нивното, па ме довикуваа со „Македонија!“. Комунициравме со мимики и со смеење. Секој волонтерски ден беше заокружен со ноќниот живот во Нук, а тоа подразбира посета на „Daddy’s“ и „Mutten“ пред да завршите во диското „Manhattan“. За два-три дена веќе ги знаете сите, и уметниците и барменот и еден куп локални жители.

Заедницата ужива во сплотеноста и во спокојот на секојдневието

Во Нук живеат 16.800 жители, од вкупно 56.170 на целиот остров. Заедно со Сисимиут, Илулисат и Квакорток, Нук е еден од најголемите градови и главни административни центри на Гренланд, сите издигнати на западниот дел од островот. Во градот се наоѓа центарот на домашната државна управа и други институции како гренландскиот универзитет и кампус, чиишто училници гледаат кон морето, мразот и фјордот. Што велите за стипендија на Гренланд? Градските музеи за уметност и за национална историја ќе ви покажат како се развивал арктичкиот живот на овие простори и несебично ќе ви го претстават богатиот живописен фолклор на ескимската култура. Во Нук има и библиотека со редовни поетски и детски читања, културен центар со кино, како и филмски фестивал, кој се одржува во септември. Во Нук нема трговски центри, „Старбакс“, „Зара“ и „Мекдоналдс“, ниту ресторани со органско, веганско, лактофри што и да е.            

За среќа. Овде пријателствата и познанствата се склопуваат лесно и непосредно. Ако го набљудувате локалниот живот, ќе забележите дека заедницата ужива во сплотеноста и во спокојот на секојдневието. Ретко се насетува некаква паника или немир, а уште поретко ќе видите некој некаде да ита.
„Кога снимавме на Гренланд, бев дојден со мојава руска екипа. Едно утро, очекувавме еден нуркач, жител на Гренланд, требаше да патува седум часа до кај нас. За беља, се успавме, а тој веќе беше пристигнал пред еден час и си седеше во кујната. Јас почнав да му се извинувам, ми беше непријатно што човекот толку патувал, па сега уште и да нѐ чека. А тој ми вели „Ништо страшно, без гајле. Ние на Гренланд не чекаме, туку уживаме во животот“.
Приказнава ми поминува низ глава како оправдување додека едно утро доцнам на закажан состанок во канцеларијата на гренландското филмско здружение и фестивал каде што треба да го претставам „Македокс“ и да зборуваме за потенцијална фестивалска соработка меѓу Гренланд и Македонија.

Земја на луѓето

Доцнењето поминува незабележано, со насмевка се запознаваме, гледаме кои документарни филмови ни биле заеднички годинава во програмата. Надвор има бура, нема каде да се оди, па ми го покажуваат документарниот филм за гренландската рокенрол-група „Sumé“ (на гренландски „Каде?“), односно за првиот рокенрол-албум во историјата на Гренланд издаден на гренландски јазик. Албумот „Sumut“ („Каде одиме?“) се појавува во 1973 година во еден од клучните периоди за гренландската историја, како одговор и критика на данскиот империјализам и колонијална политика. Гренланд е територија што припаѓа на Кралството Данска, кое ги поставува и шири своите колонии на островот од раниот 18 век до 1953 година кога, конечно, добива статус на полуавтономна административно-територијална единица. Во наредната деценија доживува забрзана т.н. „модернизација“ при што се проширува инфраструктурата, но истовремено згаснуваат голем број староседелски населби и еден од главните рудници, а локалните жители се принудени да ги напуштат своите домови и да се преселат во активните гратчиња и населби каде што им се нудат „евтини, модерни живеалишта“ и пристап до здравствените и образовни установи, најчесто предводени од Данците. Принудно преселените завршуваат како принудно вработени во рибарската индустрија, која го остварува својот профит со тоа што ја концентрира доселената популација во неколку исплатливи гратчиња. Истовремено, гренландскиот училиштен систем ја засилува стратегијата за учење на данскиот јазик со цел да го подобри квалитетот на образованието, кое се очекува во иднина учениците да го надградат во Данска. Ваквите мерки и политика, меѓу другото, резултираат со сериозно запоставување на гренландскиот јазик и со потенцијална загрозеност на домородното население. Кулминацијата на данското угнетување се јавува во 1964 година кога на сила стапува законот „критериум според родно место“, кој им овозможува низа социјални поволности (повисока плата и работнички услови) на јавните функционери од Данска, додека функционерите од Гренланд ги лишува од нив. Конечно, овој закон станува симбол на политичката нееднаквост меѓу Данците и Гренланѓаните, кои по години борба, во 1979 година успеваат да се здобијат со статусот „домашна државна управа“. Постколонијалната траума и болната колективна меморија ја раѓаат рокенрол-револуцијата и новиот музички бран на Гренланд. „Sumé“ пее гласно на гренландски за одземената слобода на ескимскиот народ, а откривате и дека стиховите на групата за првпат ги воведуваат зборовите „револуција“ и „угнетување, кои дотогаш не постоеле во гренландскиот јазик. Си заминувам среќна, публиката на „Македокс“ ќе добие гренландски документарни филмови во некое идно издание. Во наредните денови учам – вистинското име на мојов душевен дом не е Гренланд туку „Калалит Нунат“ („земја на луѓето“), а јазикот не е гренландски, туку калалисуитски. 

Ќе треба да се гази по нов пат…

Деновите забрзано се ретчат, па и покрај мрачните облаци се качуваме на малото бротче што крстари по замрзнатото море додека безмилосниот студен ветар ни ја гребе кожата и ни ги пара ушите. Ама не ни студи, убаво ни е. Одеднаш пред нас се издигнува санта мраз, а од другата страна е истопорен фјордот – сега го гледаме одблиску и веќе нема потреба од зборови до крајот на денот. Секој изговорен восхит е недостоен за оваа величественост. Со молк си го даваме овој завет и се враќаме дома. Вечерта, по диско, Алиона нѐ носи во кујна и ни послужува боршч со месо од ирвас.
– Сега е сезоната на лов, па месото од ирвас е најдостапно – ни објаснува таа. Следно, одиме на пазарот за китови. Внатре, белите ѕидови и плочки стануваат сликарски платна, а секое замавнување со сатарот, секое заривање во масивните тела го слика страшниот суд. Пред нас сцени од крвава апокалипса – штом ќе се подредат на излогот меѓу стаклените амбалажи и купчето бела хартија за пакување, се претвораат во мртва природа.
Останати се уште ден-два, наскоро ќе мораме назад в град. Се обидуваме да собереме уште малку пејзаж, цел ден се искачуваме по снежната планина зад куќата. Последно утро. Попладне имаме лет за Кангерлусак, па следниот ден за Копенхаген. Кангерлусак нѐ пречекува назад со – 15 степени во ноќта, полупразен билјард- бар со мајка и заспано бебе, и купче поднапиени американски војници. Излегуваме на цигара, а над главите ни блеснува поларната светлина. Одиме на спиење.
Назад сме во Копенхаген, низ градот се движам како дух. Драги ми се градовите,   а особено вревата што ја прават, но сега едвај постојам по улиците, никако не успевам да се претопам во овој убав град. Нешто како да е откинато, или се претвора во нова чистинка. Значи, ќе треба да се гази по нов пат, да се следи некоја нова светлина. До следното полетување.

(Aвторката е преведувачка и надежна ученичка по шведски јазик и нордиска култура. Репортажата е подготвена на крајот на 2019 година)

Автор на Фотографии Hugues Quesnel

Напишете коментар