Магазин, Одговорно претставување

Истокот нѐ повикува на авантура!

Едукативниот центар за зачувување на природата во Негрево го собра на едно место сето знаење за регионот околу реката Брегалница нудејќи содржини за деца, млади и за возрасни

Знаете ли дека подрачјето на сливот на реката Брегалница е главен и најзначаен воден ресурс во источна Македонија? А дека во близина на селото Негрево вирее ендемичниот вид инсектојадно растение?

[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]

Вложувањето во одговорни патници неминовно значи заложба за едукација што нуди свесност и носи еден куп „аха“ моменти.  Тоа се мигови кога, учејќи нешто ново, се одушевуваме на чудесните природни убавини, но и на сознанието колку е важно да ги зачуваме и да ги употребуваме на одржлив начин.

На само три километри од Пехчево, или два часа возење од Скопје, на едно место e собрана биолошката разновидност на сливното подрачје на реката Брегалница, која во должина од 211 километри опфаќа 226 видови птици, повеќе од 1.400 видови флора и 629 видови габи. Сето ова спакувано во објект што нуди интерактивни елементи за активности на отворено, содржини и колорит со кој, неретко, и возрасните се заигруваат.

Запознајте го Едукативниот центар за зачувување на природата во Негрево, кој сето знаење за областа околу Брегалница го собра на едно место нудејќи содржини за деца, млади и за возрасни. Содржините, распределени во неколку простории, нè учат и нè освестуваат за значењето на водата и за значењето на Брегалничкиот Слив, нè запознаваат со летот на царскиот орел, циклусот на движење на водата во природата, живеалиштата на ретките растителни и животински видови, нè потсетуваат како изгледаат семињата на земјоделски култури што се одгледуваат во брегалничкиот регион.

Објектот е реконструирана стара училишна зграда, која има своја нова намена благодарение на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој е координиран од „Фармахем“.

Едукативниот центар работи секој ден во неделата, освен понеделник и четврток, од 8 до 16 часот. Повеќе на ecnegrevo.mk.

Ливада со ендемично инсектојадно растение

Во близина на едукативниот центар е локалитетот Јудови Ливади. До таму се пешачи два километра по „Патеката на Петко и шумските жители – пехчевска авантура”, која е за ученици и за други заинтересирани вљубеници во природата. Таму вирее ендемичниот вид за овие простори, инсектојадното растение муволовка (Drosera Rotundifolia), кое се храни со инсекти.

Во блиска околина на едукативниот центар се и куп интересни места – Пехчевските Водопади, адреналинскиот парк, протнување низ карпата Вртена Скала. Штип, Лозово, Берово, Малешевијата, Пехчево, Осогово, Плачковица, Кочани, овој дел на нашата земја носи специфики што се интересни за одговорните патници.

По прогласувањето на Осоговските Планини за заштитено подрачје, еден од најголемите успеси на Програмата за зачувување на природата, и по низа истражувања на биодиверзитетот, јасно е дека е клучно да ги употребувам природните ресурси на одржлив начин. Оттука е и слоганот на програмата, по која таа стана препознатлива – „Со грижа до бериќет“.  Само така овој регион ќе се развива одржливо зачувувајќи ја специфичната интеракција меѓу човекот и природата.

Изработен е целосен туристички пакет, со мапа, водич и апликација на „Андроид“ со најзначајните туристички локалитети, природни, културни и историски знаменитости, како алатки за идните туристи во Малешевскиот регион. Овде, издвојуваме неколку.

Чешиново – омилената туристичка дестинација на штрковите

Најголемото гнездо на штркови во Европа се наоѓа во Чешиново. Поволните услови за ова место да биде омилена туристичка дестинација на штрковите придонеле токму општината Чешиново-Облешево да биде позната по гнездата на штрковите, кои ги има повеќе од 200. Оризовите полиња се нивните омилени ресторани. Посетителите имаат можност да се качат на видиковец и одблизу да ги видат и да се фотографираат со овие популарни туристи или жители на селото.
Во регионот Средна Брегалница, во селото Чифлик, исто така, е познато и дрво во кое има повеќе од 20 гнезда на чапји.

Илин Камен – каде што небото се огледува во оризовите полиња

Лесново, како единствено село издигнато на вулкански кратер, познато е по манастирот „Св. Гаврил Лесновски“. Во близина се Лесновските Пештери, кои се осветлени и уредени, како и планинарските патеки. Илин Камен, пак, нуди незаборавна глетка – цело кочанско поле и небото, кое се огледува во оризовите полиња. Ручекот е спремен на полјана, нуди уживање од вкусна традиционална храна и пречек како за пријатели. Воздухот на Пониква е, веројатно, доволна причина да се упатиме натаму. Старата воена зграда е претворена во туристички инфоцентар, каде што на интерактивен начин посетителите ќе одберат што да посетат, но и да уживаат во прекрасниот поглед на Осоговските Планини.

Малешевија – твојот дом на планина

Љубителите на авантуристичкиот туризам ја познаваат Малешевијата и Пијанечкиот крај[3] . Берово е веќе на туристичката мапа како Охрид на истокот, а специфика во која веруваме е колибарењето – колиби во природа, во кои туристите ќе можат да преспиваат и да бидат пречекани. Понатаму ja препорачаме и глетката на најмонументалните дрвја на Малешевските Планини, кои се обележани со мобилната апликација „Оld Growth Trees“.

Неодамна беа промовирани и новите пешачки, велосипедски и планинарски патеки со вкупна должина од 230 километри. Освен воспоставување мрежен систем на овие патеки, развиен е водич и мобилна апликација за активен туризам (Hike and Bike in Maleshevija) за сите посетители што ќе дојдат во Малешевијата да се чувствуваат како дома, но и локалното население да има можност да развива одржлив туризам нудејќи авантури, традиционална храна и споделување нови искуства.


[/ihc-hide-content]

Напишете коментар