Климатски феминизам: Eколошката правда е социјална правда!
Климатскиот феминизам согледува дека борбата против климатските промени е директно поврзана со родовата нееднаквост и затоа ја мобилизира женската популација во првите редови на движењето за еколошка правда.
Афродита Рамос
Според Обединетите нации, 80 отсто од луѓето кои се раселени поради климатските промени се жени. Постојат многу причини зошто жените и маргинализираните заедници се несразмерно погодени од деградацијата на животната средина. За време на природни катастрофи, жените потешко можат да се евакуираат и да побараат помош поради традиционалните општествени улоги, кога на нивна одговорност се оставени децата и постарите членови. На пример, за време на цунамито во Индискиот Океан во 2004 година, 70 отсто од жртвите беа жени. Исто така, влијанијата на климатските промени и зачестеноста на природните катастрофи интензивно влијаат на приносите на земјоделските култури, како и на директното губење на пригодни земјоделски земјишта, што ги прави економски ранливи жените кои се потпираат на земјоделството за егзистенција. Дополнителен притисок врз нив врши и дискриминацијата, кога пристапот на жените до ресурси како што се кредити за земјиште, земјоделско или друг вид на образование се ограничени. Ова придонесува за несигурноста на нивниот опстанок. Така, според Светската програма за храна, жените сочинуваат 60 отсто од гладните во светот.
Експлоатација на ранливи жени во климатски предизвикана миграција
Друг сериозно алармантен проблем е насилството и трудовата експлоатација на економски и социјално ранливи жени во услови на климатски-предизвикана миграција. На пример, во областите каде што водата веќе е дефицитарна, жените и девојчињата често мора да патуваат долги растојанија за пристап кон вода, што може да ги доведе во опасност од насилство. Исто така, после катастрофалните земјотреси во Турција, меѓу жените кои се евакуираа и беа сместени во привремени кампови, беа пријавени случаеви на сексуални насилства.
Влошените природни услови предизвикуваат и ширење на заразни болести преку загадени живеалишта, а покрај тоа, загадувањето на воздухот предизвикано од согорувањето на фосилните горива е поврзано со негативни репродуктивни и развојни исходи, што може несразмерно да го погоди по кревкото здравје на жените и децата.
Секако, како и секое друго општествено или политичко движење, климатскиот феминизам не е имун на критики. Некои критичари тврдат дека климатскиот феминизам може да биде искористен за корпоративни интереси, односно нивната девиза да биде искористена за “greenwashing” т.е. површно претставување на зелени практики за да се помине покрај надворешни регулативи, а всушност да не се преземе вистинска акција за климатските промени. Други пак тврдат дека фокусот на родот зацврстува стереотипни поими за жените како „чувари“ и „негуватели„ на животната средина, наместо да ја препознава различноста на женските искуства со неа. Други порадикални критичари тврдат дека климатскиот феминизам не оди доволно далеку во решавањето на основните причини за климатските промени, како што се капитализмот, колонијализмот и патријархатот, а исто така, ги занемарува проблемите на расната и класната сегрегација.
Промовирање на женското лидерство во климатските активности
Овие податоци илустрираат како климатските промени не се само еколошки проблем, туку и предмет на социјална и родова дискусија. Сепак, и покрај тоа што се меѓу најпогодените, жените често се недоволно застапени или пак се целосно исклучени од процесите на донесување одлуки поврзани со климатските промени. Климатскиот феминизам се обидува да ги реши овие разлики ставајќи ги жените не само во првите редови, туку и на лидерските позиции на движењето за еколошка правда. Ова вклучува промовирање на женското лидерство во климатските активности, поддршка на организации предводени од жени и мобилизирање на жени-гласачи во дискусиите за зелените политики, давајќи предност на нивните искуства и мислења.
Во нашиот регион, жените можат да се активираат во климатскиот феминизам преку учество во „грасрут“ климатски феминистички движења (grassroot movements), како и да лобираат за развивање на зелени агенди на политичките партии во своите држави. На глобално ниво постојат многубројни можности за климатска едукација и адаптација од организации кои работат на решавање на пресекот на родовите и климатските промени.
Во Македонија имаме неколку зелени невладини организации и женски здруженија, како и студии на тема жени-земјоделки, но немаме организации кои ги соединуваат овие поими. Области кои се актуелни за нашето подрачје и кои би можеле да се равиваат интензивно во рамките на една таква организација се обуки за практицирање на биоинтензивно земјоделство, климатски-паметни технологии, климатска адаптација преку зачувување и реставрација, како и одржливо управување со еколошки ресурси. Со мотивација и одговорност секој(а) што би сакала да започне вакво движење во нашата држава, би можел(а) да аплицира за различен вид на поддршка од климатските феминистички организации.
Жени во првите редови – за порамноправна и одржлива иднина за сите
Пример за климатски феминизам во акција е работата на Глобалната алијанса за зелена и родова акција (GAGGA), мрежа на организации предводени од жени која работи на унапредување на родово одговорни климатски решенија. GAGGA ги поддржува женските организации во Латинска Америка, Африка, Азија и некои делови од Европа, обезбедувајќи им ресурси и обука за да им помогне да станат лидери во борбата против климатските промени. Women and Gender Constituency (WGC) од Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (UNFCCC) обезбедува платформа за размена на информации помеѓу членките и Секретаријатот на UNFCCC. Исто така, гарантираат дека состаноците, работилниците и конференциите вклучуваат учество и претставување на женското граѓанско општество и невладини организации кои инаку не би можеле да присуствуваат. Друга мрежа која вреди да се спомене е Women’s Earth and Climate Action Network (WECAN) која соединува многубројни феминистички климатски организации од целиот свет. Климатскиот феминизам ја препознава меѓусебната поврзаност на еколошките и социјалните прашања и се застапува за нивното заедничко решавање. Со ставање на жените во првите редови на движењето за еколошка правда, можеме да создадеме порамноправна и одржлива иднина за сите.
(Авторката е новинарка во Брисел)