„Лице в лице“ на изложба во Швајцарија
Насловницатa на „Лице в лице“ број 52, е дел од меѓународната изложба „Како уличните списанија менуваат животи“ со која се одбележува 30. годишнината од постоењето на Меѓународната мрежа на уличен печат ИНСП, чиј дел е нашето улично списание. Изложбата беше отворена неодамна во галеријата „Корнхаусфорум“ во Берн, Швајцарија.
На изложбата е претставенa насловната страница на „Лице в лице“ број 52, која ја дизајнираше Ружица Мандичевска (Руки Чуки). Ова издание беше посветено на економско зајакнување на жените. Изложбата има и мултимедијален карактер, со вклучени гласовни пораки од повеќе продавачи и клучни луѓе во движењето на уличниот печат.
Галеријата во Берн е позната како место кое дава фокус на општествено релевантни теми. Таа посветува цела изложба на брилијантната идеја зад уличниот печат, рефлектирајќи на општествено-политичките околности во локален и во меѓународен контекст. Во најавата за изложбата се вели:
Споделуваме успешни приказни кои немаат сигурен исход. Луѓето кои се погодени од сиромаштија, бездомништво или други форми на маргинализација продаваат весници и списанија на улица и со тоа заработуваат приход. Во светот постојат стотина улични списанија и весници и сите имаат свој, единствен карактер. Сплотени се во Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП), која годинава одбележува 30 години. Но, бројките бележат пад! Кризата во печатените медиуми, зголемените трошоци за хартија и печатење и базата на клиенти што сè повеќе се врти кон дигитална содржина или која ретко носи готовина со себе, сугерираат дека концептот на уличните весници се соочува со големи предизвици. Изложбата „Како уличните весници ги менуваат животите“ ја слави идејата за уличните весници, давајќи значење на ова меѓународно движење.
Изложбата се одржува во соработка помеѓу галеријата и швајцарското улично списание „Сурприс“, па настанот ќе даде особено внимание на приказните кои се дел од него: „Кои беа луѓето кои првично го продаваа „Сурприс“? Кои се тие денес? Како се менуваше списанието со текот на годините – и каква врска имаат градските туристички прошетки, кафето, хорот или фудбалот со уличното списание?“
Кураторка е Ребека Доминг, која вели:
– Последниве неколку месеци размислувам за Петар Пан кој си ја бара својата сенка. Си поставував прашања како: Каде ми се слепите точки на оваа тема? Какви предрасуди имам? Што не гледам? Тимот на „Сурприз“, особено Сара Винтер Сајилир, застана покрај мене како Ѕвончица и ми покажа каде сум ја заборавила сенката. Исто така, јасно е дека уличниот печат е во средиштето на процесот на учење, во смисла на деколонизација и различности. Верувам дека тематската изложба станува позначајна и посложена кога повеќе автори придонесуваат за неа. Ова е причината зошто партиципативноста станува сè повообичаена во изложбените формати. И овде се работи за светлина и за сенка. Кога некој предмет е осветлен од различни агли, сенката исчезнува.
Прочитајте повеќе за изложбата, во изјавата на кураторката Доминг на овој линк.
Изложбата ќе биде отворена до трети август годинава. Повеќе за изложбата и галеријата на сајтот на „Корнхаусфорум“, како и на веб страницата на швајцарското улично списание „Сурприз“.