Лит-Чет: Лана Басташиќ и Румена Бужаровска
. Басташиќ и Бужаровска се писателки, чиишто книги претходните години стигнаа до широката книжевна публика и до недвосмислени пофалби од критиката, но и писателки што на своите јавни настапи укажуваат на многубројните аномалии на општеството во кое живееме. Во соработка со српското улично списание „Liceulice“, во следниве три броја на двете списaнија паралелно ќе ја објавуваме нивната преписка. Во првото продолжение, читајте го разговорот на Лана, додека е во Цирих, и на Румена, која беше во Маврово, за тоа како се носат со светот во кој има премногу состаноци на „Зум“, а премалку книжевни фестивали
Превод: Иван Шопов
Фотографии: Лилика Стрезоска и Радмила Ванкоска
Румена: Се чувствувам како повторно да пишуваме дневник, и тоа баш заеднички овој пат.
Лана: Мене ништо не ми се прави. Не ми се зумира, не ми се скајпува… Не ми се вклучува во никакви интеракции. Најрадо би дошла кај тебе во Маврово и би ти ги чувала кучињата.
Румена: Ех, сега ги има баш многу. Секако, преку ден се слатки и спијат, а ноќе лаат. Тоа е баш забавно, да си сам во планина и да не можеш да спиеш и покрај тоа што би требало да биде тишина.
Инаку сонувам дека сум на Zoom и дека се кријам под масата зашто не можам да ја исклучам камерата. Па плачам на Zoom и им викам на луѓето НЕ МОЖАМ ВЕЌЕЕЕЕ.
Лана: Сега се сетив на моите ноќни парализи во Маврово. Морам да признаам дека во Цирих ги немам. Иако понекогаш ми се чини дека во Цирих нема ништо.
Румена: А, твојата ноќна парализа беше настан за мене. Местото е волшебно, ама понекогаш е како да си во некоја приказна, па малку знае да биде страшно.
Како ти е во Цирих? Би сакала и јас малку кај тебе. Некогаш ми треба Европа, таа некоја некомплицирана чистота на градот, средена архитектура, чисти улици. Градови без кучиња скитници…
Лана: Да, сѐ е чисто. Сите се многу културни. Децата се чудни.
Румена: Како чудни?
Лана: Не реагираат на ништо. Им се насмевнуваш – ништо. Се шегуваш – ништо.
Те гледаат демек, зошто оваа личност зборува и треба ли да се плашам?
Румена: На кој јазик им зборуваш? 😀 Можеби тука е проблемот.
Лана: Од една страна сакам што сѐ функционира и сѐ е чисто и бла бла бла. Од друга страна имам потреба да излезам на балкон и да врескам. Прочитав дека годишно во Швајцарија 30 илјади луѓе имаат обиди за самоубиство.
Румена: Ми звучи како да е тоа многу, ама статистички немам поим што тоа стварно значи.
Мислам, кога гледаш процентуално. Не знам ни овде колку самоубиства има.
Лана: Додај ги на тоа и клиниките за евтаназија. Suicide tourism in Switzerland.
Румена: Ах, колку ни е весела темава. Очигледно ти годи Цирих.
Лана: Во последно време посебно сум опседната со темата на смртта и смртноста. Го читам Џулијан Барнс, Nothing to be Frightened of. Можеби затоа.
Румена: А може и тоа што има пандемија и сите умираат или се болни. Овде е доста страшно. И уште имавме споен викенд за Велигден и 1 мај. Дојдоа многу луѓе овде во Маврово да се опуштат. Сите куќи полни, пијани мажи пеат народњаци до шумата.
Т.е. не пеат туку се дерат. Тоа беше посебно шармантно. А за Велигден нашата суперфункционална држава реши да нѐ части и да немаме полициски час, па ѝ дозволи на црквата да си прави причест од иста лажичка.
Лана: Можеле наместо телото Исусово да поделат вакцини.
Румена: Можеа, ама секако немаат вакцини 😀
Лана: Мене ми треба нешто помеѓу тие два екстрема – твоите пијани мавровчани кои се дерат и овие комшии во Цирих кои не пуштаат глас со денови.
Румена: Да, те разбирам. Не знам кое место би било помеѓу. Радо би била во Виена сега.
Лана: Јас му се радувам на Загреб во септември. Со тебе и Никола, Луиза, Данило…
Инаку ми здосадија книжевните фестивали, но знам дека ќе биде забавно ако ти бидеш таму. :))
Румена: Искрено, едвај чекам да ве видам. А со оглед на тоа што долго не сум била никаде, баш добро би ми дошол книжевен фестивал. Посебно со тебе, да го „разубавиме“, како тогаш Bookstan, хахахаха.
Лана: Леле, да… Тоа беше летото пред короната, не? „Дојдовте да го разубавите фестивалот…“ После им реков да купат фикус. А се сеќаваш дека на истиот фестивал ни пријде оној лик да ни објасни дека мајчинството е света улога на жената?
Румена: Нѐ прекина сред разговор.
Лана: Се сеќаваш за што зборувавме тогаш?
Румена: За менструалната чашка хахаха
Лана: За менструалната чашка, да хахаха
Румена: Инаку и јас сега ја користам онаа која тогаш ја користеше ти. Мислам, не истата хахаха
Лана: Како рече Круно, можеме да наздравиме.
За нашето изгубено мајчинство
Румена: Колку би сакала да направиме таква реклама.
НЕ Е ДОЦНА ЛАНА СЀ УШТЕ СИ МЛАДА ЌЕ СЕ ПРЕМИСЛИШ! ЗАМРЗНИ ЈАЈЦЕ-КЛЕТКИ!
Лана: Гугл константно ми кажува да замрзнам јајце-клетките. Не се заебавам. Нонстоп.
Румена: Ха, кај мене ФБ мисли дека сум трудна и дебела, па нонстоп ми рекламира вежби за трудници.
Тоа е зашто најдобрата другарка ми роди бебе. Еден геј пријател ми рече да гуглам „gay sex lube“. Пробав, ама ништо. Уште си мисли дека сум трудна.
Лана: Јас помислувам на тоа кога и да видам јајца во фрижидерот. Уште па овие швајцарските се бели како хартија, со розови броеви.
Румена: Инаку секојпат кога ќе им кажам на луѓето дека не сакам да имам деца или дека не сакам да раѓам, ми викаат дека може во еден миг ќе се премислам и дека мора да си замрзнам јајце-клетки. Како моите желби да се погрешни или нереални, како да мислат дека се лажам себеси.
Лана: Да кажеше на 19 години дека сакаш деца, никој немаше да ти рече: можеби ќе се премислиш.
Румена: Баш така.
Лана: Повеќе им веруваме на децата што имаат деца, отколку на возрасните жени што не сакаат да ги имаат.
Румена: Ете, џабе ни зборуваше оној тип на улица во Сараево кога нѐ прекина во муабетот за менструалните чашки…
Лана: Се сеќавам дека беше искрено загрижен за нас. Ни пријде како да извршува света должност. А после ако се жалиш, ти викаат дека расипуваш атмосфера. Човекот просто се загрижи…
Румена: А ти го праша дали татковството е исто таква света улога на еден маж хахаха… и тој се збуни.
Лана: Сега некако ми е жал за него :))) Од СИТЕ луѓе во Сараево маченикот ни пријде НАМ. На вештиците.
Румена: Ма, мене ми е жал што не бев погруба и не му реков да одјебе.
Лана: Не беше ни блага хахаха. Може не се сеќаваш.
Требаше веднаш таму да му бараме СЕМЕ.
„Знаете, да замрзнеме. За секој случај.“
Румена: Премногу сум фина со таквите луѓе. Доаѓа тип, те прекинува да ти мажјаснува за мајчинство откако ти бил на читање. Па тоа никогаш не би им го направил… не знам… На Каракаш и Томаш.
Лана: Хахахаха замисли некој да му пријде на Томаш со муабет „сѐ е тоа океј… алкохолот, жените, книгите… ама кога ќе станеш татко?“
Румена: АХАХАХАХАХА. Дали замрзна сперма?
Лана: Кој ти ги чува децата додека ти одиш по фестивали и резиденции?
Румена: Ах, блазе си ти што имаш жена што прифаќа да се грижи за децата додека работиш. Не се сите такви.
Лана: Жена за медал.
Регионалната мрежа за културна различност – READ е проект финансиран од Европската комисија, со цел да придонесе кон помирување и интеркултурна толеранција. Проектот е спроведен од Институтот Гете – Скопје, заедно со партнерските организации Центар за балканска соработка Лоја (Северна Македонија), Фондацијата Институт за книжевност и промоција (Албанија), организацијата за култура Калем (Туриција), Асоцијацијата Крокодил (Србија) и Мултимедија центар (Косово).
Содржината е изработена со финансиска поддршка на Европската унија. Таа е одговорност само на авторите и нужно не ги претставува гледиштата на Европската унија.