Доза вести

Прослава на книжевноста за деца и млади – со четврто издание на YES фестивал во Скопје

Време на читање: 2 минути

Скопје ќе биде центар на книжевноста за деца и млади за време на четвртото издание на „YES ФЕСТИВАЛ (Млади европски приказни, млади креативци)“. Од 26 до 30 мај, градот ќе пулсира со креативност, литература и инспиративни настани за најмладите, но и за возрасните љубители на книжевноста.

Фестивалот, кој го организира издавачката куќа „Чудна шума“, ќе се одржува на повеќе локации – во повеќе објекти на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, во Младинскиот културен центар и кафе-книжарницата „Буква“.

Главниот дел од програмата, oтворен за публиката, се одвива три дена, од 26 до 28 мај, од 17 до 21 часот во „Младинскиот културен центар“ во Скопје, каде се предвидени повеќе промоции на книги за деца и млади и креативни работилници за деца, кои ги организира „Чудна шума“ и уште неколку издавачки куќи фокусирани претежно на книжевност за деца и млади – „Светулка“, „Сказнувалка“ и „Гаврош“.

Главниот настан, вечерта на 28-ми мај, во 20 часот, е промоцијата на романот за т.н. „возрасни млади“ – „Денови на Блуграс-љубов“ на гостинот на фестивалот, авторот Едвард ван де Вендел. Тој е плоден и разноврсен книжевен творец со романи за млади, детски приказни, песни, публицистика, поезија, сликовници, преводи… тој сѐ умее. Тој е и општествено ангажиран и со своите дела им се обраќа на читателите со топлина, без притоа да ја жртвува книжевната вредност на делото – велат организаторите.

Утрински работилници во библиотеките

Утринската програма се одвива во библиотеките „Браќа Миладиновци“, „Другарче“ и „Страшо Пинџур“, каде ќе се одржат креативни работилници за деца од основни училишта и градинки од затворен тип, поврзани со изданијата на „Чудна шума“.

Оваа година, децата ќе имаат можност да имаат креативни работилници поврзани со книгите „Храброто срце Хермит“ и „Беззборовната Ела“, книги кои обработуваат значајни теми како врсничкото насилство, инклузијата и екологијата. Eдна од работилниците ќе се одржи заедно со ван де Вендел. Работилницата поврзана со неговата книга за деца „Мишка“ ја раскажува приказната за малечката Роја, деветгодишно девојче од Авганистан чие семејство морало да ја напушти родната земја кога таа била премала за да се сеќава – соопштуваат организаторите.

Целосната програма на фестивалот е на овој линк.

Напишете коментар