Смртноста кја бебињата ке се намали кога негрижата ќе се повика на одговорност
НА БЕБИЊАТА МОЖЕМЕ ДА ИМ ДАДЕМЕ ПОВЕЌЕ ОД ЕДЕН ДЕН, ПОВЕЌЕ ОД ЕДЕН МЕСЕЦ - ПОВЕЌЕОД САМО ОПСТАНОК. МОЖЕМЕ ДА СПАСИМЕ ОГРОМЕН ДЕЛ ОД ДЕЦАТА ШТО УМИРААТ ВО ПРВИТЕ 28 ДЕНА ОД ЖИВОТОТ СО ЕКОНОМИЧНИ И КВАЛИТЕТНИ ЗДРАВСТВЕНИ РЕШЕНИЈА ЗА СЕКОЈА МАЈКА И ЗА СЕКОЕ НОВОРОДЕНЧЕ
Една од најголемите одговорности на секое општество е одговорноста спрема своите деца. Во светот сега постои многу едноставен начин на мерење на тоа што секоја земја го прави за своите најмлади граѓани. Тоа е стапката на смртност кај новороденчињата – бројот на деца што умираат во првите 28 дена од животот на илјада живородени.
Таа лесно се мери и се користи за споредување меѓу земјите, а е одраз не само на ефикасноста на здравствениот систем, туку и на сиромаштијата и на социјалната благосостојба, стапките на болести и квалитетот на животната средина во земјите во развој.
Во земјава имаме втора по висина стапка на смртност кај новороденчињата во Европа. И додека таа е во постојано опаѓање во другите земји од Западен Балкан – овде, во последните години, е во пораст. Но, состојбата може да се смени. На овие бебиња можеме да им дадеме повеќе од еден ден, повеќе од еден месец – повеќе од само опстанок. Можеме да спасиме огромен дел од овие бебиња што умираат во првите 28 дена од животот со економични и квалитетни здравствени решенија за секоја мајка и за секое новороденче.
За смртноста кај новороденчињата да стане дел од минатото, земјата треба да обезбеди соодветна антенатална заштита, прегледи и посети на сите бремени жени во целата земја – особено на жените што живеат на село и кои често се наоѓаат најдалеку од здравствените услуги. Ваквите пакети со бенефиции и права се достапни и финансирани преку Фондот за здравствено осигурување, но сите мајки не знаат за ова и пропуштаат важни прегледи со кои може да се спречат компликации за време на бременоста и на породувањето.
Кога станува збор за грижа во текот на породувањето, исто така, треба да обезбедиме вистинска заштита на вистинското место. Во моментов, болниците со породилни одделенија не се распределени во согласност со потребите на населението и има тенденција на прекумерно упатување случаи за специјализирана нега во главниот град, а тоа го оптоварува здравствениот систем. Со ова мајката и бебето се загрозуваат бидејќи транспортот на новороденчињата е несоодветен – постои недостиг од опрема, превозни средства и квалификуван медицински персонал за итна помош – така што обезбедувањето пристап и брз трансфер до одделенијата за интензивна нега на мајка и на новороденче во случај на компликации, исто така, претставува приоритет.
Има одлични здравствени работници во земјата – но, лекарите и медицинските сестри се толку добри колку што е добар системот во кој работат. Не само што треба да постојат меѓународно акредитирани протоколи и упатства засновани на податоци според кои функционираат повеќето европски здравствени системи, туку стручните лица треба да имаат капацитет да ги применуваат. Некои витални протоколи и упатства не се приспособени – на пример, протоколот за заштита во текот на бременоста, туку се воведени без да се земе предвид конкретниот контекст на земјата. Постојат други протоколи, како тие за водење компликувани породувања и за крвавење по породувањето, но не се спроведуваат целосно, особено во општите болници.
Во последниве неколку години акцентот беше ставен на реновирање и на набавка на опрема, но, исто како со училиштата или со полицијата, тоа што е, навистина, важно е вложување во човечки капитал и систем, кои ќе обезбедат услуги со висок квалитет и грижа каква што заслужуваат граѓаните. Потребен ни е систем во кој ќе се наградуваат квалитетот и темелноста, а негрижата ќе се повикува на одговорност. Тоа не значи дека треба да престанеме со инвестирање во јавната инфраструктура, надградба и одржување на опремата. „Хардверот“ е, исто така, важен, со оглед на тоа што физичкиот пристап до болниците е лошо осмислен, а медицинската опрема често е застарена, лошо се одржува или воопшто ја нема. Поентата е „хардверот“ и „софтверот“ да одат рака под рака за да се обезбеди квалитетна заштита.
На крајот, треба да се осврнеме и на други критични фактори што доведуваат до компликации во бременоста. Во земјава речиси секоја четврта жена пуши за време на бременоста. Ова го зголемува ризикот од неколку негативни здравствени исходи, вклучувајќи и ниска родилна тежина, неонатална смртност, раѓање мртво дете и предвремено породување.
Бремената жена треба да биде подобро информирана за знаците и за симптомите на опасност и за ризиците при трудовите и породувањето. А, најдобар начин да се постигне тоа е преку засилување на мајките и семејствата да бараат и да добиваат квалитетна здравствена заштита.
Ја поздравуваме неодамнешната заложба на Министерството за здравство за изработување акциски план за секое новороденче со цел да се решат овие недостатоци. Заедно со нашите сестрински агенции на Обединетите нации, Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за население на ОН (УНФПА), УНИЦЕФ ги поддржува Владата и народот во исполнување на вроденото право на секое дете на живот. На крајот на краиштата, ова е важно за сите нас бидејќи придобивките од соодветната грижа во првата фаза од животот се трајни и претставуваат главна детерминанта за благосостојбата во целиот животен циклус на детето и за долгорочниот економски развој на земјата.
(Авторот е поранешен претставник на УНИЦЕФ)
* Текстот е објавен во 30.број на „Лице в лице“