Соништа во сенка поради статусот на „фантом“!
Живот во агонија. Таков е животот без документи. Вака, накусо, 19-годишниот Валентин Ракип, продавач на „Лице в лице“, ја опишува својата животна ситуација, која не може да ги добие сите бои што се карактеристика на еден млад човек со проекции за иднината.
Тој е еден од 700 лица „фантоми“ во нашата земја. Потекнува од семејство со седум деца, сите родени во домашни услови и ненавремено евидентирани во матичната книга на родени. Станувајќи свесен што значи да се биде лице без документи, заедно со неговите браќа и сестри се обидувал на најразличен начин да си го среди статусот и со тоа да си ги оствари основните човекови права – право на социјална и на здравствена заштита и право на вработување. Случајот на Валентин и на неговите браќа и сестри е дополнително сложен затоа што неговите родители живееле во неформална брачна заедница, мајката е српска државјанка, а таткото починал во меѓувреме, без да признае татковство за сите деца (признал само за едно). Врз основа на едното признание за татковство се направени ДНК-анализи, според кои потоа, споредувајќи ги со другите примероци, се заклучува дека сите деца се роднини од прво колено. Оттука, со помош на Македонското здружение за млади правници, почнати се две постапки. Едната за добивање граѓански статус врз основа на неговиот татко, постапка почната во граѓански суд во Скопје, и другата почната во МВР за добивање право на привремен престој за странец, врз основа на неговата мајка.
Сето ова време Валентин добива континуирана поддршка од неговата матична организација Центарот за згрижување деца од улица, од Асоцијацијата за истражување, комуникации и за развој „Паблик“, издавач на списанието за одржлив развој „Лице в лице“, и од Македонското здружение на млади правници.
– Многу е тешко да се биде лице без документи. Некогаш одам по улица и се тресам да не ме застане полиција, иако ништо не сум направил. Друго е што сакам да работам за да се прехранам, не да питам. Никогаш не сум барал и не сум прифаќал милостина. Добив понуда за работа, преку програмата на „Паблик“, која многу работи ќе ми променеше, но морав да одбијам затоа што немам документи. Исто така, многу сакам да патувам и тука низ нашата држава, но и надвор од неа. Член сум на извиднички клуб, но не можам да ги користам и тие можности за движење затоа што немам пасош. Живеам во агонија… – вели Валентин.
Неговата социјална менторка, Магдалена Чадиноска-Кузманоски, вели дека неговиот моментен статус, по автоматизам, му запира важни животни процеси.
– На Валентин му се скратени основните човекови права, како што се право на државјанство и право на идентитет. Го вклучивме во програмата на социјално менторство, како еден од најодговорните и најдобри продавачи на „Лице в лице“. Во улога на негов ментор, работиме на поттикнување и на засилување на неговите капацитети, на подобрување на работните навики, на здобивање поголема финансиска писменост. И кога целиот овој процес заврши и доби понуда за работа, удривме во ѕидот на реалноста, односно неможност за вработување поради неговиот статус. Се надевам дека постапката ќе се забрза со оглед на тоа што сите потребни документи се доставени до надлежните органи и го очекуваме нивниот одговор. Валентин нестрпливо ја очекува оваа вест и секојдневно се јавува и се интересира дали има промени. Да не е продавач на списанието, би немало и како да се прехрани. Доколку не го пресретнувате Валентин, а сакате да го поддржите, му направивме код, кој гласи KupivOdValentin, па можете и списанието од него да го купите и преку интернет – вели Чадиноска-Кузманоски.
Според Александра Ефремова од Македонското здружение на млади правници, кое правно го води случајот на Ракип, ова се постапки што се водат многу долго, најчесто траат и повеќе години.
– Случајот на Валентин и неговите браќа и сестри е навистина еден од потешките случаи за утврдување на правен идентитет кои сме ги воделе. Тој е роден во Македонија, од татко македонски државјанин и мајка со српско државјанство. Постапката за упис во матична книга на родените траеше повеќе години, пред се поради тоа што децата беа напуштени од мајката, а таткото почина пред да успее да ги признае татковството за децата, освен за едно дете, сестрата на Валентин. Со огромни заложби од страна на неговите роднини успеавме да ги запишеме децата, но остана проблемот со утврдување на државјанството. Се обидовме да започнеме постапка за прием во српско државјанство, но и таму наидовме на проблеми, поради административни причини. Во моментов нашето здружение води паралело две постапки: едната е за добивање постојан престој како странец, со која постапка, се надеваме дека додека се утврди по судски пат постхумно татковството , ќе му се обезбеди барем странска дозвола за престој, за да по утврдувањето на татковството му биде утврдено и македонско државјанство и добие и македонска лична карта и матичен број.