Струга го доби првиот вработен продавач
ОРГАНИЗАЦИЈАТА „ПОРАКА НОВА“ ПЕТ ГОДИНИ РАБОТИ СО ЕДЕН ПРОДАВАЧ, А ОД ОВАА ГОДИНА ТОЈ СТАНА ПРВОТО ЛИЦЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ КОЕ Е ВРАБОТЕНО ВО ОРГАНИЗАЦИЈAТА ОД НЕЈЗИНОТО ОСНОВАЊЕ ПРЕД 36 ГОДИНИ. ПАНДЕМИЈАТА ДОНЕСЕ НОВИ ПРЕДИЗВИЦИ, НО ТИМСКИОТ ДУХ И ЦЕЛТА ЗА ПОДОБРО ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ, ВОДИ КОН ПОЗИЦИИ КОИ ЈА АКТИВИРААТ ЦЕЛАТА ЗАЕДНИЦА, ЗА ПОГОЛЕМ, ЗАЕДНИЧКИ УСПЕХ
Струшката организација „Порака Нова“, која е дел од мрежата партнерски организации што го дистрибуираат „Лице в лице“ во Струга и во Охрид го вработи Игор Шајноски, единствен продавач на уличното списание во овој дел од земјава. Со ова, Игор стана првиот вработен со попреченост во оваа организација од нејзиното основање до денеска, и еден од (за сега) ретките продавачи на „Лице в лице“ кој има редовно вработување.
Вработувањето на Игор се случи во април, во екот на пандемија, а планот се крчкал три години. Низа чекори што ги правел Шајноски, влијаеле како предизвик за секретарот на организацијата – Анита Гаговска, која долг период ја анализирала продажбата во Струга и навиките на Игор. Планот што го направила таа пред три години, созреа неколку месеци пред да ни се случи пандемијата.
– Од првиот ден оваа година Игор доаѓаше на работа во „Порака Нова“ во 8 часот и си заминуваше во 16. Рамноправен колега со сите нас. Си има свое биро и задолженија. Првите три месеци беше практикант, а од април е и вработен – вели Гаговска.
Игор пак, е горд што е вработен.
– Мене ми е најубаво кога се продава списанието и кога го нудам. Можам и да одморам на брегот на Охридското езеро. Моја препорака кога го продавам е дека им кажувам на сите, посебно во Струга, дека треба да се однесуваат добро и одговорно кон продавачите. Јас се чувстувам многу добро и корисно, ги соборив рекордите а сега сум и вработен, имам нови вештини. Станувам сè посвесен за проблемите, предизвиците, решенијата во општеството и тоа е поради оптимизмот кој ми го носат „Порака Нова“ и „Лице в лице“ – вели Игор.
Долгорочен, а не сезонски план
Гаговска, појаснува дека организацијата, веќе 5 години работи со него како единствен продавач, кого средината го има прифатено одлично и забележува солидни резултати во продажбата.
– Тоа е и благодарение на менторството на Стефан (исто така вработен во „Порака Нова“), кој започна како волонтер за продажба, а остана во организацијата и сега е вклучен во многу проекти и програми – вели Гаговска.
Имајќи предвид дека Струга е туристичко место, во летниот период продажбата е најголема. И покрај тоа што Игор во летните месеци честопати наоѓал сезонска работа во други фирми, остварувал солидна продажба со „Лице в лице“. Но, планот на одговорните луѓе во „Порака Нова“ сакале да направат многу повеќе.
– Долг период тој се ослонуваше на политичките партии, кои му ветуваа вработување. Минатата година само што се договоривме, утредента го чекав на работа, и ми кажува дека почнал на работа благодарение на партијата. Немате претстава како се почувствував. Целата работа која со години ја работам, со цел подготовка и воведување на лицата со попреченост на пазарот на трудот, ми паѓа во вода, поради локални играчи со судбините на граѓаните. Резултатот го знаев – во септември Игор ќе е без работа. Решив да не кревам паника, туку да почекам. Кон крајот на минатата година повторно почнав да му го актуелизирам планот, но овој пат закажав состанок со мајка му, со Игор и со Стефан. Го изложив планот пред сите, со бројки и факти. Долгорочен, а не сезонски план. И така почнавме – раскажува Гаговска.
Планот на „Порака Нова“ опфаќа неколку фази, соработка со фирмите, и план за редовна улична продажба во Струга и во Охрид. Игор и Стефан изработиле и детална листа на јавни и приватни претпријатија кои, да не се случеше пандемијата, ќе ги посетуваале со цел да им ја претстават идејата за партнерство со нив во процесот на вработување на Игор во „Порака Нова“. Гаговска појаснува дкеа организацијата ги утврдува конкретните начини на соработка со компаниите и институциите, договара колкава количина на спиаснија ќе откупат, а Игор им ги доставува во точно определен термин .
– Целта на сето тоа не е само вработување на едно лице со попреченост, туку чекор кон креирање на подобро општество за сите нас – споделува Гаговска.
Праќаме порака за вработување на лица со попреченост, не на фиктивни, туку на позиции адаптирани според нивните способности
Таа споделува и дека продажбата во првото тромесечје била за 4 пати зголемена во споредба со продажбата во истите месеци во изминатите две години.
– Тоа е одличен показател дека сериозно сме ја сфатиле работата и дека е време Игор да го вработиме на неопределено време. Со тоа што тој е првиот вработен со интелектуална попреченост во „Порака Нова“, од нејзиното основање до денес, ги одбележуваме 36-те години ангажман на организацијата. Со ова, ние исто така даваме порака за зголемување на бројот на вработени со Даунов синдром во фирмите ширум светот, но не само фиктивно вработување на незначајни потценети позиции, туку на позиции адаптирани на нивните способности. Игор е првиот самовработен со Даунов синдром во Струга, во југозападниот плански регион, а можеби и во Македонија – вели Гаговска.
Успех преку тимска работа, мотивација и јасна визија
Игор пак е вклучен во сите планирања и одлучувања што се однесуваат на неговата работа. Гаговска споделува дека заедно со него се прави распределбата на средствата и јасно му е каде и како се насочени приходите од продажбата на списанието. Вклучен е во контактирање на компаниите и присуствува на сите состаноци со нив.
– Игор и Стефан се еден совршено усогласен тим, кој верувам дека е само на почетокот на постигнување повисоки цели. Имавме и мала криза кај Игор, но работевме на неговата мотивација за работа и успеавме самиот да почне да верува во работата која ја работи. Еден ден, Игор и Стефан беа на терен, а кај мене во канцеларија дојде еден од потенцијалните клиенти за да потпише договор. Тие претходно разговарале за одреден број на списанија, но јас издејствував поголема бројка. Кога се вратија Стефан му ја соопштил веста, и Игор дојде кај мене возбуден за да ми се заблагодари. Беше пресреќен, а јас едвај се воздржав да не заплачам. Да, и после 15 години искуство, некои ситуации знаат да ме трогнат – споделува таа.
Гаговска, од нејзиното долгогодишно искуство, споделува и интересен аспект во однос на мотивацијата кај лицата со попреченост:
– Секој човек, кога е исполнет на работното место и гледа видливи резултати, е мотивиран да постигне уште повеќе, а кај лицата со попреченост тоа се множи со сто. Се надевам дека оваа практика на продажба на списанието и вработување на други лица од маргинализирани групи граѓани, ќе ја применат и други организации низ Македонија. Ние сме подготвени да дадеме поддршка и менторство.
Стефан Малески, кој ја координира продажбата на Игор и е вклучен во сите чекори од планот на организацијата, споделува дека оваа иницијатива е надополнување, унапредување на динамиката на продажба на списанието. Тој појаснува дека во првите два месеци оваа година, посетиле 30-тина правни субјекти, а во престојниот период ќе работат на зголемување на бројот на поддржувачи.
– Најмногу ми се допаѓа што, од самиот почеток на мојата работа во организацијата, сите одлуки, иницијативи се носат заеднички и заеднички се работи на нив, има вклученост, внесување новини кои едноставно не дозволуваат монотонија и носат кон поголем успех. Работам на повеќе проекти и програмски целини, но во процесот со „Лице в лице“ сум ментор на Игор, и му помагам во процесот на продажба и дирекно во комуникација со локални компании. Јас сум главната алка во спроведувањето на целата иницијативата за унапредување на продажбата на списанието, како маркетинг, креирање на листа на потенцијални клиенти, воспоставување на контакт со потенцијалните клиенти и потпишување на меморандуми за соработка со истите, изработка на план за доставување на списанијата и план за улична продажба. Работиме со двомесечен план за продажба, а со поставување месечна цел за продажба од минимум 750 списанија, кој во првите два месеци од годинава е задоволен, и се стремиме кон зголемување на продажбата во месеците што следуваат – споделува Малески.
Малески споделува дека од овој процес многу научил. Вели, неговиот начин на работа е со посветеност и верба во успех.
– Ако веруваш во она што се впушташ да го работиш, и си доволно посветен, успехот е неминовен. Од година во година, поддршката на нашата работа е сè поголема, но има уште многу работа. Очекувани ни се реакциите – некаде срдечни, но и некаде само на збор. Мал е бројот на локални бизниси кои се приклучија на оваа наша иницијатива, а оние што веќе се претплатени, бројката е од две до 20 списанија- вели Малески.
Меѓу првите кои се приклучиле на иницијативата на „Порака Нова“ се фитнес клубот „Форма вита“ и фирмата „Синерга“.
Мими Стојаноска од „Форма вита“ појаснува дека таа пристапила кон сорботката со „Порака Нова“ и во други аспекти- спортски часови за лица со попреченост, па од таму имало и многу други соработки. Клубот работи со деца кои се поттикнуваат на спортски активности, но и на инклузија – вклучувајќи лица со попреченост во дел од часовите.
– Тоа се покажа одлично, имавме позитивни реакции и од родителите и од децата со типичен развој. Игор е многу популарен во Струга, нема кој не го знае. Инспирација е. Двапати месечно тој доаѓа во термините кога имаме часови во студиото, а го најавуваме и на социјалните мрежи – вели Стојаноска.
– Игор доаѓа во нашата фирма со години, многу убаво работи, ние сме многу задоволни од неговиот убав пристап – културен е и фин – вели Дарко Новак од „Синерга“, компанија што придонесува во исполнување на планот на „Порака Нова“.
При купување онлајн, со кодот IgorPoraka – директна поддршка за „Порака Нова“
Летниот период кој следи, вообичаено беше омилен за Игор, поради тоа што тој можеше слободно да шета крај охридското крајбрежје, комуницирајќи со луѓето и нудејќи им го уличното списание. Постои можност за поддршка на Игор и работата на „Порака Нова“ преку внесување на кодот IgorPoraka при купување преку интернет електронска или печатена верзија на списанието.
Ако го пресретнете Игор во Струга и во Охрид, побарајте од него картичка на која има QR код со детален опис како да купите од веб продавницата и да го поддржите.
36 години активна работа со заедницата
Порака Нова во февруари оваа година одбележа 36 години од своето формирање. Тоа, вели Гаговска, значи 36 години континуирана поддршка на лицата со интелектуална попреченост и на нивните фамилии во остварување на правата кои им се загарантирани со закон, а и 36 години работа со заедницата и подигање на свеста за потребите и правата на лицата со посебни потреби со цел нивно вклучување во секој аспект на живеењето. Таа памти како пред седум години започнале со четири продавачи во Струга, наишле на бројни предизвици – слаба мотивација на волонтерите, нередовна продажба, неотвореност на дел од волонтерите за работа со лица со попреченост, немотивираност и слаб ангажман на продавачите, несфаќање на сериозноста на ангажманот, влијанија од семејствата на продавачите, демотивација на продавачите од односот на средината разбирајќи ја продажбата на списанието како милостина, а не како сериозен ангажман на лица од маргинализирани групи на граѓани.
– Со текот на годините решававме одредени предизвици. На средината ѝ беше потребно време да ја разбере мисијата на списанието и на соработката со „Порака Нова“ – вели Гаговска.
Ме инспирира бранувањето на езерото
Игор е голем вљубеник во природата, во Охридското езеро и во неговото родно село, Радожда.
– Уживам во убавините кои, за среќа, можам секојдневно да ги гледам и доживувам. Слушајќи го бранувањето на езерото, секогаш добивам инспирација – вели Игор, кој сака да чита и поезија.
Споделува дека за него се важни и традициите, културното наследство
– Тоа е душата на Струга и на Радожда. Но, ми пречи уништувањето на трската, на прородата на езерото, ми пречат дивите депонии во Струшко. За ова можам да зборувам многу. Не е добро да уништуваме, сите живееме од ова, од оваа убавина. Странските гости доаѓаат до овде за да уживаат во убавините и треба да имаме почит кон природата и кон културата која оставила печат овде – вели Игор.