Во лето охридски домат и цреши, во зима ресенски јаболка!
Локално произведената храна е највкусна и најсвежа, па употребувајќи ја придонесувам и кон одржливо земјоделство и економски развој. Поддршката на мали локални органски фарми и производители за мене секогаш е на прво место
Одржливата исхрана денес се чини е прилично комплексна идеја. Меѓутоа, во основа, таа има позитивно влијание и на луѓето и на планетата Земја и сега, но и во иднина. Зошто? Затоа што помага во одржување на доброто здравје на луѓето, истовремено осигурувајќи се дека планетата ќе има доволно ресурси за да нахрани идни генерации. Звучи комплексно, да. Но, ако се земе предвид дека до пред 50-ина години, за нашите прабаби и прадедовци, тоа што денес го нарекуваме одржлива исхрана било секојдневие, полесно можеме да добиеме претстава што, всушност, значи „одржлива исхрана“:
Локално одгледана и произведена (во сопствените градини и ниви) сезонска храна, претежно базирана на свеж зеленчук, овошје, цели зрна и мешунки. Или од денешен аспект: Исхрана што се стреми кон заштита на биодиверзитетот и на екосистемите, а истовремено е здрава, природна, прифатлива, достапна (физички и економски) и користи оптимум природни и човечки ресурси
Секој избор што ќе го направите, а го намалува негативното влијание на животната средина, придонесува во „одржливоста“. Не постојат строги правила дали некој начин на исхрана е поодржлив од некој друг. Eдна храна може да биде одржлива за еден, друга за друг.
Но, еве неколку правила кон кои јас се придржувам и верувам дека придонесуваат во одржливоста, борбата со климатските промени и во зачувување на планетата и на човечките ресурси.
Храна од растително потекло. Избегнувам да го користам терминот веганска бидејќи на нашите простори овој термин сѐ уште строго се осудува. Но, посебно ме радува фактот што последниве неколку години терминот „веганизам“ ја прошири својата дефиниција од борба против експлоатација на животните, во борба против експлоатација на животните, борба против експлоатација и уништување на планетата Земја и борба за одржување витално и добро здравје на единките. Исто така, многу ме радува што терминот „веганизам“ се редефинира и од социјален аспект и луѓето стануваат сè посвесни за придобивките од веганската исхрана и за влијанието што го има на планетата. Токму ова е и моето гледиште. Месо не јадам веќе 17 години, а последниве неколку години консумирам само храна од растително потекло. Оваа моја практика има неколку причини: подобро здравје и виталност на организмот (кожа, коски, концентрација, енергија, телесна тежина), помала емисија на гасови, помало количество потрошена вода и повеќе живи и здрави животни… Според мене, стремење кон исхрана базирана на растителна храна е еден од најдобрите совети што би можела да го дадам на некој што сака да придонесе во одржливоста, но и да се грижи за сопственото здравје.
Пример за влијанието на различни типови млеко врз животната средина: За производство на млеко од крава е потребно 650 квадратни метри земја (малку повеќе од два тениски терена), што е 10 пати повеќе отколку за производство на истата количина овесно млеко.
Но, за да се храните одржливо не мора да значи дека не треба воопшто да јадете месо. Доколку сакате да јадете месо, обидете се тоа да биде органско, од локална фарма…
Еве уште еден илустриран приказ колкава е емисијата на гасови за производство на протеинска храна.
Сезонско. Сезонско овошје и зеленчук секој ден, не само како салата настрана, туку цела порција! Многу сум среќна што ова поднебје ни дава голема палета сезонско овошје и зеленчук. Се трудам тоа максимално да го користам со консумирање сезонски намирници – во лето охридски домат и цреши, во зима ресенски јаболка. Последниве неколку години замрзнувам сезонско овошје и зеленчук за да ми биде достапно и кога не му е сезона.
Свежо. Избегнувам конзервирана и пастеризирана храна. Сѐ што можам купувам свежо и сама го приготвувам. Воопшто не консумирам процесиран шеќер, па десертите ги правам од јатки, какао, свежо или дехидрирано овошје.
Локално произведено. Локално произведената храна е највкусна и најсвежа, па употребувајќи ја, придонесувам и кон одржливо земјоделство и економски развој. Поддршката на мали локални органски фарми и производители за мене е секогаш на прво место.
Посета на пазарче. Освен што купувам локални и свежи сезонски намирници, со пазарењето на зелените пазарчиња ја намалувам консумацијата на пакувани производи. Кога пазарам носам платнени торби во кои ги пакувам намирниците. Купувам и поголема количина јатки и мешунки, кои ги складирам во стаклени садови.
Минимално процесирана храна или, најдобро, комплетно зготвена дома. Не секогаш имаме време за да ги подготвуваме сите оброци сами дома, па често посегнуваме по процесирана, брза или полуприготвена храна. Процесираната храна не само што не е здрава, туку е и поголем загадувач отколку домашно зготвената. Да, побрза е и посоодветна во деновите полни со обврски, но за таквите денови на сила стапува „подготовката однапред“ или сега веќе популарниот термин „meal-prep“. Секогаш правам распоред на исхрана за една или две недели. Така знам што треба да зготвам секој ден, што треба да испазарам и кои нутритиенти ќе ги внесам. Па, така, за викенд пазарам намирници потребни за следните денови, подготвувам количина на различна храна, која потоа ја складирам во стаклени садови и оди во ладилник или замрзнувач за да се јаде во текот на целата недела.
Вода, најдобриот пијалак што постои. Повторно, за среќа, кај нас сѐ уште имаме чиста вода за пиење. Тоа е непроценливо богатство. Пијам многу вода, од чешма, со себе секогаш носам стаклено шише за да дополнувам. Се трудам што помалку да купувам пластични шишиња, а комплетно престанав да пијам газирани сокови. Доколку ми се пие сокче – ги активирам соковникот и цедалката.
Колоритна чинија. Доколку ме следите на „Инстаграм“, веќе знаете дека мојата чинија секогаш мора да е шарена. Тоа е моето правило, знам дека колку што повеќе бои имам во чинијата, толку повеќе различни производи и групи внесувам во оброкот. Плус, така ниту еден оброк не ми е здодевен, храната што ја јадам е здрава, вкусна и, пред сѐ, пријатна за моите очи.
Да нема дилеми, изборот на храна што ја јадеме, може позитивно (или негативно) да влијае на природата и на подобрување (или влошување) на нашето здравје, здравјето на нашите најблиски и здравјето на планетата. Голем број земји во светот се борат со сериозни предизвици во навиките на јадење. Некаде тоа е сиромаштија и неисхранетост, меѓутоа сѐ почест проблем во поразвиените земји е и дебелината. Овие предизвици се проследени и со екопредизвикот, односно како тоа што го јадеме се заканува на животот на земјата и под водата. Се надевам дека, кој колку може, ќе придонесе за одржување на рамнотежата во природата и дека ќе оставиме нешто од планетата за идните генерации …
Рецепт за растително брауни од киноа, лешник и од суво грозје – без додаден шеќер
Потребни состојки:
Прв слој:
½ шолја киноа (киснета во вода преку ноќ)
1 супена лажица путер од кикиритки
2 супени лажици какао
½ шолја суво грозје
1 шолја вода
1 супена лажица екстракт од ванила
1 супена лажица јаворов сируп (замена: сируп од урми, но може и сосема да се изостави)
Втор слој:
½ шолја непечени лешници
½ шолја кокосови трошки
½ шолја суво грозје
1 супена лажица јаворов сируп
Доколку смесата е густа, може да се додаде течност по избор (кафе, вода) за да се добие потечна смеса
¼ шолја црна чоколада
½ лажичка кокосово масло
Подготовка:
Киноата се потопува со вода и се остава да кисне во фрижидер преку ноќ. Накиснатата киноа убаво се процедува од водата и се става во блендер заедно со другите состојки додека не се добие еднолична течна смеса.
Смесата се истура во подлабоко тавче за печење, обложено со хартија за печење, и се става во загреана рерна да се пече 20 минути на 170 степени. Погледнувајте го по 17 минути.
Додека првиот слој се пече, се подготвува вториот слој. Состојките се ставаат во блендер и се мелат додека не се соединат. Доколку смесата е премногу густа, можете да додадете вода, кафе или некоја друга течност (на пример, сок од портокал) додека не ја добиете посакуваната густина. (Јас лично сакам да добијам погуста смеса, која ќе ја изронам врз првиот слој).
Испечената кора од киноа се вади од рерната и се остава да се олади пред да се додаде вториот слој.
Чоколадата се топи со кокосово масло. Врз изладениот слој од киноа се става комбинацијата од вториот слој. Се полева со растопената чоколада и се сервира со свежи јагоди.
Ова брауни е меко и сочно. Одлично е во комбинација со кафе, но и самостојно како ужина. Поради киноата, богато е со аминокиселини, растителни влакна, магнезиум, витамин Б, железо, калиум, калциум, фосфор, цинк, витамин Е исо голем број антиоксиданси. Богато е со протеини и со здрави масти и нема глутен.
(Авторката е жител на планетата Земја)
Instagram @marijamarijamarija