Зелена џунгла во сечиј дом
Кој е Цветко?
Тоа е замислен лик на млад ентузијаст на кој ботаниката му е пасија. Се роди во годината за која најмалку сакаме да зборуваме. Но, што е тој? Идеја или олицетворение на пасија? Цветко е носител на важна зелена порака, ширење убава мисла и, најважно од сѐ, Цветко е тој што го раззеленува сечиј дом.
Дали е кактусот за вас?
„Мене не ми оди со растенија“ е најчестата реченица што ја слушам. Ова, до некаде, е и вина на цвеќарите во нашата држава. Знај дека интернетот е бесконечна книга и многу лесно можеш да дознаеш кој вид растение е совршено за тебе!
Кактус не е растение за секој почетник! Многу е битно да знаеме дека кактусите се растенија што живеат во посебни услови, многу поинакви од тие што ги имаме ние. Имате директно сонце во јужна соба? Тогаш, можеби, кактусот е за вас, но, запаметете, водата е некогаш и непријател!
Внесете добра вибрација во домот
Како се вика ова? Го добив на подарок. Социјалните мрежи се одличен медиум каде што со една фотографија пријателите ботаничари ќе ви помогнат да разберете што точно сака вашето растение за и тоа да процвета како што му прилега.
Растенијата ни помагаат. Сите уживаме во зеленило, шума, полјана… донесете го тоа дома. Докажано е дека растенијата помагаат при смирување и носат вкупна добра вибрација во домот.
Вистини и заблуди за вашите зелени пријатели
„Не можам да си дозволам растение во моментов“. Имате пријател што има растенија, а пропагација и расадување се најдобар начин за множење на растенија, лесни, едноставни и одлични подароци!
„Не е убаво да имаш растенија во собата во која спиеш“, растенијата прават размена на кислород и на јаглероден диоксид. Точно, но, тие количини се толку мали што не се забележуваат во една соба. Слободно имајте си ги вашите зелени пријатели во соба со вас. Запаметете дека некои се штетни доколку се изедат и внимавајте при контакт со деца и со миленичиња!
„Каде да научам повеќе“?
Интернетот е најдобар пријател. Замислете место каде што никој не зборува за политика, разлики и за несогласувања. За среќа, повеќето ботанички канали во Македонија се токму тоа. Зборуваме за растенија и како да имаме уште повеќе. Секој е добредојден!
И така зелени пријатели и тие што ќе станете наскоро зелени. ☺
Уживајте во таа мини-џунгла, помогнете ѝ да расте и, најбитно, растете со неа во секоја смисла. Дозволете си едно благородно уживање што возвраќа со плод, буквално!
(Поздрав од Цветко – @the_cvetko на „Инстаграм“)