Актив арт, Доза вести

Македонска „Пиета“ во време на кризи: Велимир Жерновски носи ургентност на Венециското биенале

Уметникот Велимир Жерновски, со „Пиета“ во време на кризи на Венециското биенале

Проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ од реномираниот мултимедијален уметник Велимир Жерновски ќе ја претставува нашата земја на 61. Биенале за уметност во Венеција што ќе се одржи од 9-ти мај до 22-ри ноември 2026 година. Македонскиот национален павилјон ќе биде сместен на локацијата „Спацио Кастело 77“ на влезот во престижното Арсенале.

Велимир Жерновски во своето монументално дело ја обвиткува препознатливата Пиета со златни ургентни прекривки, изработени од метализиран пластичен филм материјал кој е првенствено произведен за вселенски мисии. Тие се водоотпорни, рефлективни и ја задржуваат телесната топлина. Кураторите, ихомир Топузовски и Аманда Буткез, објаснуваат дека уметникот со овој материјал повторно ја облекува Пиетата за да создаде нови значења. Златото ја обвиткува фигурацијата на делото во афективна сфера на емоции, страсти и страдање. Објаснуваат и дека инсталацијата на Жерновски ги преиспитува границите на човечкото, размислувајќи надвор од нив, создавајќи нови етички сензибилитети.

– Вниманието повеќе не е насочено само кон човечката фигура, туку се проширува кон кревките релации, неизвесните иднини и споделените состојби на изложеност на ургентноста. Под рефлектирачките набори на прекривките, фигурите се појавуваат и исчезнуваат, сугерирајќи протејска трансформација. Состојбата на ургентноста е катализатор на промената. Во денешниот обеспокоен свет делото на оплакувањето бара безграничен хоризонт каде жалењето не е крајна точка, туку генеративен процес што доведува до нови релации и одговорности- велат кураторите.

Доделувањето на наградите и отворањето на главната изложба на Биеналето ќе се одржат на 9-ти мај. Тема на годинашната голема изложба е „Во молски тоналитети“ („In Minor Keys“), чиј куратор е Којо Куох, (Koyo Kouoh) која почина пред една година. Со целосна поддршка од нејзиното семејство, Биеналето одлучило да ја реализира нејзината изложба токму како што таа ја замислила и дефинирала, од тимот која таа сама го избрала. На изложбата ќе се претстават 110 уметници од целиот свет, а во рамките на Биеналето, на локациите Арсенале и Џардини ќе бидат вклучени 100 национални претставувања и 31 дополнителен настан. Венециското биенале веќе 130 години е една од најпрестижните културни институции во светот. Македонија за првпат самостојно се претставила на престижната манифестација во 1993 година.

Велимир Жерновски (1981, Скопје) дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Преку медиумите на цртеж, видео, инсталации, објект-инсталации во јавен простор, пишување и објавување уметнички книги, како и сценски дизајн, тој ги истражува поимите на идентитет, урбаност и популарна култура. Реализирал самостојни изложби во: Њујорк (2010, 2012), Париз (2011), Виена (2009, 2011), Фрајбург (2009), Белград (2014, 2020), Скопје (2006, 2007, 2010, 2012, 2013, 2018). Активно учествува на бројни групни изложби во Европа, САД и Азија уште од самиот почеток на неговата кариера во 2005 година.

Нашето претставување на Биеналето го организира Музејот на современа уметност – Скопје (МСУ), под покровителство на Министерство за култура и туризам. Куратори на проектот се Тихомир Топузовски од МСУ и Аманда Буткез од Канада, а комесар е Авни Ќаили, директор на МСУ.

Инаку, „Пиета“ е еден од најпрепознатливите мотиви во уметноста, кој ја прикажува Дева Марија како го држи мртвото тело на Исус Христос, по неговото симнување од крстот. Темата се развива особено во периодот на ренесансата и барокот, како силен визуелен израз на болка, љубов и жртва. Најпознатата интерпретација е скулптурата „Пиета“ на Микеланџело, создадена кон крајот на 15 век, која се наоѓа во базиликата „Свети Петар“. Со текот на времето, „Пиета“ станува повеќе од религиозен мотив и се користи и како универзален симбол на загуба, тага и човечка ранливост, што современите уметници неретко го реинтерпретираат во контекст на актуелни општествени и политички теми.

Напишете коментар