„Стрип Трип“ отвори конкурс за стрип корица: Креирај нов еко-суперхерој и освои награда
Фестивалот „Стрип Трип“, го отвори вториот конкурс за изработка на стрип корица, овојпат со фокус на создавање нов еко-суперхерој. Учесниците треба да осмислат оригинален лик и да го претстават преку креативна стрип-корица, а најдобрите ќе освојат парични награди и шанса нивниот јунак да стане дел од серијалот „Тим ЕКО“.
– Осмисли свој оригинален јунак, направи карактер дизајн и нацртај стрип корица со него. На корицата можеш да вклучиш и лого, наслов, па дури и името на јунакот – објаснуваат организаторите.
„Тим ЕКО“ е стрип серијал кој преку суперхерои инспирирани од природата ја промовира важноста на заштитата на животната средина и користењето обновливи извори на енергија. Серијалот е создаден од „Еко-Свест“ и „Макстрипови“, а автори се Давор Драмиќанин и Здравко Гиров.
Организаторите информираат дека ќе бидат доделени три награди од по 6.000 денари, а избраниот карактер има можност да стане дел од некоја од следните епизоди на „Тим ЕКО“. Дополнително, пофалените учесници ќе добијат и стрип-албуми од серијалот.
Еден од главните услови е ликот да биде целосно оригинален, а илустрациите не смеат да бидат изработени со алатки за генерирање слики базирани на вештачка интелигенција.
Делата може да се достават дигитално на е-поштата [email protected], при што се препорачува формат А3 со резолуција од 300 dpi, или физички на адреса: Здружение „Макстрипови“, ул. „Горан Стефановски“ бр. 1/5, 1000 Скопје. Рокот за пријавување е 20 мај 2026 година.

Првите епизоди од „Тим ЕКО“ се достапни бесплатно на веб-страницата на „Еко-Свест“, каде заинтересираните можат да се инспирираат пред да го креираат својот суперхерој. Повикот го спроведува здружението „Макстрипови“, во партнерство со организацијата „Еко-Свест“.
- „Стрип Трип“ отвори конкурс за стрип корица: Креирај нов еко-суперхерој и освои награда
- Отворен конкурс за наградата „Илија Жупаноски“: 3.000 евра за трудови против дезинформации
- Панкерски пристап кон технологијата: четворица млади прават блокчејн самит и хакатон во Скопје
- Светски ден на креативноста и иновациите: Повик за мапирање на македонските социјални претпријатија
- Од тишина до акција: Работилница за родови дезинформации и онлајн безбедност за млади