Панкерски пристап кон технологијата: четворица млади прават блокчејн самит и хакатон во Скопје
Настанот „Blockchain Skopje Hackathon & Summit 2026“ од 15 до 17 мај ќе ги поврзе младите програмери, стартапи и иноватори од регионот. Се очекува да привлече учесници од Македонија и регионот и да го позиционира Скопје како нов центар за блокчејн и иновации.
Четворица млади, секој во различни земји низ Европа, но со силна желба да направат нешто дома, се здружија да организираат блокчејн самит и хакатон во Скопје. Имаат амбиција да изградат нова технолошка сцена во регионот. Бидејќи настанот им се заснова на Web3 технологија, за мене, целиот пристап им е панкерски.
Ајде прво да објасниме за Web3, за сите нас кои не сме од оваа индустрија. Важно е.
Што е Web3 и зошто се зборува толку за ова?
За да може и „баба им“, да ги разбере овие млади умови, ќе објасниме вака: „Фејсбук“ и „Инстаграм“, на пример, се како стокатници во кои една компанија („Мета), која си наметнува свои правила за користење на овие платформи. Ако не „аминува“ „Мета“, и ако не изгради правила по свој терк, не можеш ти ништо да објавиш на „својот“ профил. Плус, ти наметнува правила, како функционира алгоритамот… „Мета“ си одлучува и како се чуваат и користат твоите податоци, ти само кликаш „Се согласувам“ без да читаш и….
Ама ај да не забегувам во оваа тема…
Тука сме за идејава на младиве. Ваквиот концепт на „газда“ и „измеќар“ го нема во Web3 и блокчејн светот. Наместо една компанија да е „газда“ на „зградите“ (платформи) на Интернет, замислуваме дека, сите што ги користат овие згради, заедно ги поседуваат и управуваат со платформите. Сите правила се запишани во кодови, а податоците не се на едно место,туку се распределени, дистрибуирани. Интернет просторот денеска изгледа како да изнајмуваме простор на туѓа платформа за да ја користиме. Идејата за Web3 е да имаш повеќе сопственост и контрола врз дигиталниот простор каде што креираш, работиш, комуницираш… Иако сè уште е во развој, Web3 се гледа како следен чекор кон поотворен и потранспарентен интернет.
Од каде ќе дојде поривот за организирање настан на кој овој концепт е главен, ако не од млади луѓе.
Со двајца од четворицата коосновачи, Тадеј Илијевски и Филип Стефановски, разговараме за тоа што ќе понуди „Blockchain Skopje Hackathon & Summit 2026“ (сите кои читнавте до овде, клик тука за повеќе), кој ќе се одржи од 15-ти до 17-ти мај во Скопје.
Зошто Скопје?
Стефановски вели дека главната цел не им е само да направат настан, туку да изградат екосистем.
– Сакаме да создадеме место каде што луѓето во Македонија нема да учат за блокчејн од страна, туку ќе почнат да градат на него. Тоа значи поврзување на студенти, девелопери и компании и давање реални можности преку проекти, работа и финансирање. На долг рок, целта е Скопје да не биде само корисник на технологија, туку да стане место каде што се создава – рече Стефановски, коосновач и одговорен за дизајнот на настанот.

Ги прашавме и зошто, како млади луѓе кои студираат и работат надвор од земјава, се одлучиле дека токму Скопје треба да биде градот кој ќе го угости овој регионален настан?
– Искрено, затоа што веќе има потенцијал, ама нема платформа. Имаме талентирани луѓе, добри девелопери и интерес за нови технологии, но најчесто тие луѓе или работат за странство или немаат каде локално да се поврзат и да градат нешто заедно. Web3 како индустрија е сè уште отворена и дозволува да влезат нови играчи. Наместо да ја следиме сцената од страна, сакаме да создадеме услови тука да се градат проекти што можат да бидат глобални – вели Стефановски.
Прашани дали гледаат дека младите во земјава и во регионот имаат доволно амбиција и знаења, но немаат платформи, Илијевски објаснува дека амбицијата и знаењето не се проблемот, тоа го имаме.
– Проблемот е што сме израснати во систем што нè учи да следиме однапред дефиниран пат: заврши факултет, па после ќе видиме. Поради тоа, многу млади луѓе растат со некој вид „невидлив плафон“, не затоа што немаат капацитет, туку затоа што немаат каде да го покажат. Затоа и голем дел од талентот завршува надвор. Ние се обидуваме да создадеме платформа каде што тие луѓе можат да се поврзат, да градат и да бидат забележани. И ова е само почеток – вели Тадеј Илијевски, коосновач и одговорен за медиуми и стратегија.
Настан што сака да создаде сцена, не само публика
Гледам дека имаат големи амбиции, па ги прашав и за промената која очекуваат да ја донесат со овој настан.
– Не очекуваме одеднаш да се смени целата сцена, но очекуваме да се случи нешто многу поважно: да почне. Ако настанот успее како што го замислуваме, ќе има нови тимови што ќе продолжат да работат на своите проекти, нови конекции меѓу луѓе што претходно не се познавале, и компании што ќе препознаат талент тука, а не надвор. Тоа е првиот чекор кон градење вистинска Web3 заедница во регионот, нешто што не завршува со настанот, туку почнува од него – вели Илијевски.

Тој споделува и зошто еден млад човек треба да биде дел од овој настан:
– Затоа што ова не е настан за пасивни слушатели, туку за луѓе што сакаат да бидат чекор пред другите. За студентите, ова е можност да влезат во средина каде што знаењето се претвора во пракса, каде што можат да изградат, да се поврзат и да бидат забележани. За поискусните, ова е место каде што можат да најдат нови идеи, таленти и луѓе со кои вреди да се гради понатаму. „Blockchain Skopje“ ги собира тие две страни на едно место – и токму таму се случуваат највредните можности.
Што ќе се случува на блокчејн хакатонот и самитот во Скопје?
Поделен на две сцени и во две концептуални целини, настанот ќе се одржи во „Base42“ и во „Холидеј Ин“ во Скопје. Учесниците ќе имаат можност да работат, учат и се вмрежуваат преку комбинација од практичен хакатон и стручни дискусии со лидери од Web3 индустријата.
Хакатонот започнува на 15 мај во „Base42“, каде учесниците ќе имаат 48 часа да изградат функционални прототипи, со фокус на инфраструктурата „Solana“. Организаторите имаат обезбедено награден фонд од 1.000 евра.
Повеќе информации за хакатонот може да се најдат на официјалната страница, на овој линк.

На 17 мај, во „Холидеј Ин“ е главниот настан, односно „Blockchain Skopje Summit 2026“. Овој настан е за основачи, за актери од овој екосистем и за експерти кои ќе дискутираат за иднината на Web3, за реалните апликации на блокчејн и можностите за развој на регионалниот технолошки екосистем.
Настанот носи и главно обраќање од Иван Бјелајац, а кулминира со прогласување на победниците од хакатонот.
Повеќе за самитот, на овој линк.
Воведен настан ќе решава реални локални предизвици

Дополнително, на 28 април во „Base42“, ќе се одржи воведен настан каде учесниците ќе истражуваат како Solana и ВИ може да се применат за решавање реални локални проблеми. Ова ќе биде подготовка за главниот хакатон. – Наместо теорија и хајп, фокусот е на практична работа, производи и луѓе што навистина градат, токму таму каде што започнуваат новите технолошки приказни – велат организаторите.
Гостин говорник ќе биде Александар Колов, искусен софтверски девелопер со 25 години искуство, кој ќе избере еден реален проблем, ќе покаже како би се решавал со оваа технологија и ќе ја доближи идејата дека технологијата има смисла само кога решава нешто конкретно.
Овој настан го организираат „Blockchain Skopje“ и „Base42“, во соработка со „Superteam Balkan“. Целта му е да инспирира нови идеи и да им помогне на учесниците да дојдат подготвени со јасна насока што ќе градат на претстојниот хакатон.
Сите информации за самитот и хакатонот за блокчејн, ќе најдете на овој линк.
- Панкерски пристап кон технологијата: четворица млади прават блокчејн самит и хакатон во Скопје
- Светски ден на креативноста и иновациите: Повик за мапирање на македонските социјални претпријатија
- Од тишина до акција: Работилница за родови дезинформации и онлајн безбедност за млади
- Апокалипса во доба на „Бриџертон“
- Кој ја слуша женската сцена? „Женски Земјотрес Битола“ отвора простор за гласовите што недостигаат