Живот на село – чекор напред кон одржливо живеење
ПРЕСЕЛБАТА НА СЕЛО НЕ Е ЛЕСНА, НО ЈАСНО Е ШТО НИ ТРЕБА: ВИЗИЈА, ВЛАДИНА СТРАТЕГИЈА, ИНВЕСТИЦИИ И ЗАЛОЖБА ЗА РАЗНОВИДНОСТ НА ПОЛИТИЧКИОТ И НА ФИНАНСИСКИОТ ФОКУС ОД УРБАНИОТ КОН РУРАЛНИОТ ЖИВОТ, ЗАДРЖУВАЈЌИ ГИ ПРЕДНОСТИТЕ НА ДВАТА СВЕТА. ТОА Е ВИЗИЈА ШТО, ВО СЕКОЈ СЛУЧАЈ, ТРЕБА ДА СЕ ОСТВАРИ, ПОДОБРО ПОРАНО, ОТКОЛКУ ПОДОЦНА, ПОРАДИ НЕОДРЖЛИВАТА ПРИРОДА НА ЕКОНОМИЈАТА НА „ГОЛЕМИОТ ГРАД“ И КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ
Скопје ја вшмукува живоста од целата држава. Ги привлекува луѓето што имаат соништа за работа во јавна администрација, за заработка, за големи автомобили, за бегство од сиромаштијата. Во градот се и најголемиот дел од финансиите, дом е на сите владини институции и национални агенции, како и на најголемиот дел од седиштата на приватните компании. Меѓународните организации и дипломатски мисии се лоцирани овде. Истото важи и за повеќето граѓански организации. Градот бара целосен фокус врз себе и своите потреби и желби.
Нѐ задушува со загаден воздух, секојдневно ни се закануваат, веројатно, некои од најлошите возачи во светот, нашите даватели на услуги прво си се услужуваат себе, а населението бара начин како полесно да добие нешто. Секој маж и жена гледа само за својата партија или пријатели. Нуди прекрасна култура, музика, дружба по кафеани, фасцинантно минато, културна разновидност и станува сѐ попривлечен за странците. Важно е дека, сепак, е близу за да се вратите на село за време на викендите.
Потребата од рурална регенерација е итна и очигледна
Одете со автомобил или пеш до таму. Вратете се во селото на баба ви, доколку можете, но и додека сè уште можете. Присетете се на величествените планини, зелените шуми и на студените потоци полни со риби. Патувајте со својата фантазија за мирен селски живот, плодоносно земјоделство, недопрена природа, старата куќа, идилата. Потоа погледнете го своето село со отворени очи и кажете ми што гледате.
Кога јас возам или пешачам низ вашите села и отворен простор, јас го гледам сето ова што претходно го споменав и уживам да сум таму. Но, исто така, гледам и запуштени имоти, разурнати села, грди нови градби, кои не се градени во согласност со урбанистичките прописи, неуспешни проекти, луѓе како се борат да се занимаваат со земјоделство додека патиштата се во лоша состојба, а инфраструктурната поддршка е минимална. Ја гледам и неподготвеноста на потрошувачите да платат фер цена за производот. Гледам масовно диво сечење на шумите, со што земјата се оголува и се остава без чист воздух, и ѓубре фрлено насекаде, кое го донеле луѓето од градот што дошле на излет, од неодговорните возачи и невнимателните локалци. А не гледам многу луѓе. Селото, крвотокот што го одржува вашиот стил на градско живеење, се празни.
Но, од каде доаѓа оваа опасност што нè демне? Ова е толку мала земја, со прекрасна историја на успешно земјоделство и претприемаштво. Потребата и придобивките од руралната регенерација се итни и очигледни.
Економскиот пораст во селата низ целиот свет им помогна на милиони да си ја подобрат својата егзистенција, придонесе за појава на рурална миграција и ставање крај на сиромаштијата, особено кога е поддржано од политика за социјална заштита, развој на инфраструктурата и промоција на локалната економија. Климатските промени бараат трансформација на поставеноста на приоритетите во однос на руралниот развој, нов систем за производство на храна, менување на фокусот надвор од градовите. Некои места бележат просперитет со традиционалните занимања како што е земјоделството и одгледувањето овци, но и со нови иницијативи како што е руралниот туризам и архитектонската обнова. Постои извонреден развој на поголемите рурални индустрии како што е винската. Пред сѐ, постои огромен потенцијал кај селата за економска и општествена обнова.
Што е потребно за да се привлечат луѓето повторно да се вратат на животот надвор од големите градови?
Секој мора да има работа, место за живеење, да постои добра сообраќајна поврзаност и да има пристап до пристојни услуги. Мора да се концентрираме на тоа за што нè бива. Но, исто така, мораме активно да ја сакаме оваа земја, да ја почитуваме нејзината природа, да преземеме лична и колективна одговорност за нејзин одржлив развој. Мора да имаме веродостојни податоци од селата. На пример, кога креаторите на политика и граѓанските организации зборуваат за сиромаштијата и за маргинализираните групи, дали тие ги вклучуваат луѓето што живеат во сиромаштија во селата? Мораме да имаме напредна и позитивна владина стратегија, локални и регионални тела, претприемаштво и иновации, почит за тие што и понатаму работат и живеат во руралните области, заложба и, над сѐ, многу напорна работа.
Ајде за момент да размислиме за дел од овој потенцијал.
Самите владини институции што толку многу затаија во заштитата на животната средина и во ревитализацијата на градските средини на економски и на социјален план, прво треба да спроведат реформи, да создадат работни места во земјата и да престанат со трупање непотребна државна администрација. На пример, постои огромен потенцијал за некорумпирано раководење и работење во областите на управување шуми, заштита на природата и рибарство.
Со ефективна стратегија за превоз кон руралните подрачја, ќе има добри работни места за одржување на малите патишта во добра состојба – а не да се исчистат еднаш и да се остават да пропаѓаат. Овие работи можат да ги вршат луѓето што живеат во областа, а на кои тоа ќе им помогне да останат, но и за да дојде нова, свежа сила. Секоја владина институција може да се праша што би можело да се направи и надвор од градовите, исто така како што се прави во моментов во градовите.
Исто така, мора да се има предвид земјоделскиот сектор, особено малите и средни претпријатија. Мора да запомниме дека 85 проценти од земјоделските имоти во светот се помали од два хектара. Овој сектор треба да се трансформира врз основа на нови, еколошки одржливи модели, кои му помагаат на руралниот развој и ги задржуваат луѓето на нивната земја, продуктивни и со очите вперени кон иднината. На таквиот бизнис му требаат субвенции што имаат јасно дефинирани цели и кои се користат правилно, како и социјална заштита за да се овозможи поризичен и иновативен развој во поддршка на земјоделството, лозарството, хортикултурата, пчеларството, овчарството и производството на сирење – нашата сакана традиционална храна за локална потрошувачка и извоз. И мора да ги купуваме нашите локални производи заради поддршка на стопанството на нашата земја и за да се задоволи нашето сетило за вкус со сезонски производи.
Негувањето на руралното претприемаштво и разновидноста на работните места, особено за жените и на младите, бара развој на вештини и, повторно, поддршка, чијашто цел е руралната инфраструктура. На пример, има голем потенцијал за вработување во руралниот туризам, доколку се даде вистински совет и почетна помош. За да се олесни ова треба да се сработи многу, на пример, да се реновираат старите селски куќи, да се привлечат луѓе да ги посетат и да живеат на такви места. Веќе има успешни примери како што се Јанче, Галичник или Брајчино и туристичките агенции работат на подготовка на такви понуди. Уште повеќе, работа треба да се заврши за ревитализацијата на националната мрежа на планински куќи, поврзано со планински спортови, проекти за конзервација, заштита на дивиот свет, водење хостели, водичи, промовирање на овие работи на заинтересираните посетители. Веќе постојат одредени можности за туристите „дегустатори“ – сирење, вино, селски оброк, пешачење, возење велосипед, јавање и сето ова уште повеќе може да се развие.
Многу работа треба да се заврши во делот на истражувањето и поддршката, или оживувањето на историјата, културата и на традицијата на селото, позитивен придонес за националниот идентитет и благосостојба. Има археолошки локации што не се доволно истражени и на кои треба да се поработи, да се истражи историската меморија, разновидната култура итн… и сето тоа може да се направи во нашите села, преку истражувачки проекти што ќе им донесат корист на овие локалитети.
Работа од дома може да биде работа од село
Со современата технологија и културата на работење од дома сѐ е можно, од секаде, вклучително и од селата. Доколку повеќе луѓе сакаат да работат во рурална средина, тие со себе ќе го донесат притисокот за подобра инфраструктура и услуги и заедно со локалните заедници ќе бараат подобрување.
Исто така, потребен е голем ангажман за да се среди хаосот што го направивме – да се собере ѓубрето, да се расчисти шутот, да се исчистат и порибат реките и потоците, да се засадат дрвја и да се отстрани фрлениот мебел по шумите. Зошто луѓето да не бидат платени за ова? Зошто тоа не се прави редовно?
Што е со службениците за поддршка на локалната заедница? Децентрализацијата на редот и на поредокот може да биде од корист за засегнатите рурални заедници, на пример, со легално сечење дрва и легално градење. На тој начин криминалците може да станат чесни граѓани.
Преселбата на село не е лесна, но јасно е што ни треба: визија, владина стратегија, инвестиции и заложба за разновидност на политичкиот и на финансискиот фокус од урбаниот кон руралниот живот, задржувајќи ги предностите на двата света. Тоа е визија што, во секој случај, треба да се оствари, подобро порано, отколку подоцна, поради неодржливата природа на економијата на „големиот град“ и климатските промени.
Државата е на крстосница и не треба да чека на ЕУ или на кој било друг за да се реформира и да се развие. Постојат итни приоритети што мора да се разрешат надвор од големите градови. Пред сѐ, мораме да престанеме да го романтизираме животот на село и да престанеме да фантазираме дека селото од нашето „наследство“ е, и секогаш ќе биде, таму. И да престанеме активно да го уништуваме со нашето незнаење и неодговорност. Но, отидете и потрошете ги своите пари таму. Инвестирајте во рурален бизнис. Испробајте се дали можете да работите и / или да живеете таму. И, евентуално, уживајте во поздрав и попросперитетен живот на село.
РУРАЛНИ ПРАВИЛА: почитувај, повторно размисли, реновирај, поправи, ревитализирај.
Елегија за селскиот живот Остар воздух, кобалтно небо, слава на годишниот дар. Дожд од златести лисја, солзи од лутите пили, паднати другари расчистеното земјиште сменето, потоците задушени во песок. Горе високо овците ги пронашле последните тревки, а овчарите ги чистат трлата. Семејство собира крв црвени бобинки за на пазар. Послушнете! Во мртвата тишина кучето чувар лае; а во шумата осамено клукајдрвче клука по паднатото дрво. Оваа земја сакана што умира. | Elergy for Rural Life Crisp air, cobalt heaven, glory of the year’s turn. It’s raining golden leaves, tears for the angry saws, fallen comrades; cleared earth shifting, streams drowned in sand. In the high places, the sheep find the last grass and the shepherds clear the pens. A family picks market berries red as blood. Listen! In unnatural quiet a guard dog barks; and in the woods a lonely woodpecker hammers into fallen wood. This is a land loved and dying. |