Доза вести

Поглед низ клучалката на Психијатриската болница во Демир Хисар

„МНОГУ ЛУЃЕ МНОГУ ПОГЛЕДИ“ Е МАКЕДОНСКИ ПРОЕКТ ЗА КОЈ ЗБОРУВА ЕВРОПА,  ВРЕДЕН ОБИД, ДЕМИРХИСАРСКОТО БОЛНИЧКО СИВИЛО ДА ГО ОБОИ СО БОИТЕ НА ОХРИД ПОГЛЕДНАТ НИЗ ФОТО-ОБЈЕКТИВОТ НА ЕДНА МАРГИНАЛИЗИРАНА ГРУПА - ПСИХИЈАТРИСКИ ПАЦИЕНТИ, НА КОИ ИМ ДАВА ЧОВЕЧКО ДОСТОИНСТВО И ЧУВСТВО НА ПРИПАДНОСТ ВО ЕВРОПСКОТО СЕМЕЈСТВО.

Тенката линија меѓу творењето и психијатриските болести, нивната поврзаност и уникатноста на делата на овие луѓе, како и куративниот досег на арт-терапијата, признавам, беше претенциозната идеја за која сакав да пишувам и со која пред неполн месец, заминав во посета на Центарот за рехабилитација при ЈЗУ „Психијатриска болница“ од Демир Хисар. Силно бев инспирирана од приказната-проект „Многу луѓе─многу погледи“ на Центарот за креативни индустрии-НЕБО од Суводол, Демир Хисар, која ги освои срцата на европјаните, заради што и несебично ја поддржаа нејзината реализација. Оваа проект-приказна покажа дека е многу повеќе од еден благороден обид да се погледне на уметноста како на извор на благосостојба за психијатриските пациенти. Наспроти интимните очекувања за голема сторија, оттаму се вратив со грст приземни приказни за човечките судбини на петтемина од штитениците на болницата, кои и учествуваа во оваа активност, но и за тоа колку малку е потребно за нивна среќа.

Додека чекорев кон музичкиот кабинет во Центарот за рехабилитација на психијатриската болница, со силна новинарска љубопитност за она што се крие зад сите врати зад кои се одвива арт-терапија со штитениците на болницата, еден прекрасен женски алт ја надпеваше оригиналната српска поп мелодија што се слушаше во позадина и низ зградата ширеше невообичаена тонска хармонија. Тоа беше гласот на Снежана, 22-годишна девојка на која животот ѝ натоварил многу мака и под чија тежина нејзината психа во еден момент потклекнала.

– Се грижев за мајка ми, која откако почина, јас добив тешка депресија и дојдов доброволно тука да се лекувам. Имав разни периоди на депресија и мислев дека ништо не вредам, но преку учеството во проектот сфатив дека можам и јас нешто да создадам и дека тоа ми дава вредност- сведочи Снеже за ефектите од работата на проектот врз нејзината самодоверба.
Токму благодарение на проектот, таа се ослободи и од фобијата да се качува по скали. Таа е една од петтемина учесници.
Историчарката на уметност, Јасмина Котевска, која е прв човек на „НЕБО“, вели дека целта на приказната во која ги вклучиле петте корисници на психијатриската установа, е да се претстави и сподели македонското културно наследство, како дел од заедничкото европско наследство, преку очите на една маргинална група – психијатриски пациенти.
– Идејата во тоа да се вклучат лица со ментални болести – во нашата приказна тоа беа лица кои се хоспитализирани со различни форми на шизофренија – пред сѐ, се заснова врз европските вредности за почитување на слободата, демократијата, еднаквоста и човековите права, вредности кои еднакво важат за секоја еднинка во светот во кој живееме – вели Котевска и додава дека фотографиите се настанати спонтано, додека ликовните дела се изработувани по тематски предлошки избрани по желба на учесниците, но и по спонтани замисли.

Да умриш да не жалиш

Спонтани и искрени беа и нивните сведоштва за личните искуства низ фазите на проектот и ефектот врз нивната психичка состојба. Така, со сета своја логореичност, Јане, по професија земјоделец и трговец, борејќи се со неконтролираниот наплив на зборови, до приказната за посетата на Охрид и работата на проектот стигна преку некои свои дамнешни сеќавања за купување комбе во Тетово со кое требало со свои пријатели да летува во охридскиот камп Љубаништа. За искуството во проектот вели дека она што го доживеал „беше како што се вели, да умриш да не жалиш“.
И Каролина, сопруга и мајка, вели дека и за време и по проектот се чувствувала феноменално, била порасположена и лесно комуницирала со координаторите и со придружбата од болницата. Тивкиот 37-годишен Ерол, пак, кој веќе една година е во болницата поради, како што самиот вели – дијагнозата Ф20, но и претходно бил „на судско“ одделение заради исход од семејна расправија, едноставно се пронајде во фотографирањето кое му дало сосем нова и позитивна димензија на неговиот живот.
– Проектот не ми го смени секојдневието, туку ми го смени животот. Првпат сликав со фотоапарат, и многу ми се допадна. Сликав сè: цркви, теќето, Куќата на Робевци, Музејот на вода, сакам стара архитектура, сакам сè што е старо. Сега имам голем ќеф да сликам, но немам можности да купам фотоапарат- раскажува Ерол.
Котевска потврдува дека Ерол има најуспешни фотографии и дека за време на проектот покажал навистина искрен интерес за фотографија. Гајтана, интелектуалка со големо академско искуство, која долги години заработувала за живот продавајќи знаење и која по игра на судбината во моментов престојува во психијатарската болница во Демир Хисар, вели изработила мал есеј за уметноста на маргиналците, а по престојот во Охрид како заокружување на сопствените доживувања напишала: „Снагата ми е во Демир Хисар, душата ми остана во Охрид“.

Терапија, антипсихијатрија и арт-терапија

Психијатарот, д-р Павлина Илиеска-Котевска од болницата во Демир Хисар, вели дека не секогаш работите што ги прават имаат некои уметнички достигнувања, но самиот чин на активност е многу корисен во подобрување на состојбата на пациентите. Таа појаснува дека, иако во Центарот за рехабилитација, кој на своите почетоци во 1980-тите години на минатиот век важел за еден од трите најдобри во Југославија, има ликовна терапија, библиотерапија, музичка терапија, сепак далеку сме од светските практики на арт-терапијата.
– Токму и затоа, не само за пациентите кои беа учесници туку и за мене, идејата за проектот „Многу луѓе─многу погледи“ беше воодушевувачка – вели Илиеска-Котевска.
Таа додава и дека не само што благопријатното влијание од можноста пациентите да се сконцентрираат и да ја насочат енергијата во нешто што е креативно има позитивен одраз на нивната состојба и на интеракција со другите пациенти, туку и уште повеќе, таа креативна активност може да претставува поддршка и надвор од институцијата да продолжат да се занимаваат со нешто слично.

Сепак, деинституционализацијата на психијатриски пациенти е мисловна именка и во светски размери иако обиди за крупни чекори во овој правец особено се забележани во 1980-тите години на 20 век кога во Италија, во регионот на Трст, ги затвориле душевните болници и ги вселиле пациентите во изнајмени ставови. Нивното секојдневие ги исклучувало медикаментозните терапии, а вклучувало едукација, социјализација и арт-терапија. Исходот остана непознат бидејќи за жал, огромен бил отпорот на средината и овој концепт познат под поимот антипсихијатрија по извесно време завршил неславно.

Ликовната терапија, но и музичката и останатите окупациони терапии имаат за цел подобрување на здравјето на пациентите, поткревање на нивното расположение и волја преку антимедикаментозен пристап, како и стекнување самодоверба, но и согледување на своите творечки способности.

Котевска појаснува дека, доколку на овие дела создадени од психијатриските пациенти се погледне од уметнички аспект, ќе се согледа главното обележје – склоноста кон стереотипност и принудно украсување, како и анатомска деформација. Инсипрацијата главно доаѓа однатре, а творечкиот чин за нив преставува и монолог со самите себе. Токму тој монолог е експлицитен одраз на нивниот внатрешен пејсаж до кој лекарите целат да допрат и низ кој симбиличен „јазик“ можат да ја согледаат и проценат нивната душевна состојба.
Што од овој артбрут или аутсајдер уметност, како што се нарекува творештвото на психијатриските пациенти и на некои маргинализирани групи, ќе остане како уметнички вредно наследство е друга работа. Историјата на уметност познава извесен број ликовни уметници од периодот на модернизмот кои имале проблеми од психичка природа и дека токму тоа одиграло големо влијание во препознатливоста на нивниот ликовен израз.
– И творештвото во целина, без разлика за кој уметнички медиум станува збор, му е блиско на оној кој во себе го поседува и го носи творечкиот порив, а болеста до одреден степен може да ја условува работата на творецот, но може и да биде главниот стимул во создавањето свој специфичен творечки јазик – истакнува Котевска.
Во оваа смисла и д-р Павлина Илиеска-Котевска потврдува дека во болницата во Демир Хисар има на пример, пациент кој изработува минијатурни дрва од жица и монистра, има и неколку дела изработени во дрво, а има и мноштво успешни слики и литературни творби од некогашниот пациент Јованчо Јоновски, кој сега е починат. Центарот за рехабилитација во 2016 година дури и се јавува како издавач на книга со негова љубовна поезија „Љубичица“, посветена на својата љубовна партнерка која ја сретнал во болницата.

Следниве 10 дена, делата се на изложба во Демир Хисар
Изложбата „Охрид/поглед од другата страна“ е финален производ на приказната „Многу луѓе – многу погледи“, која изминатата година беше избрана за една од десетте најдобри европски приказни во рамки на повикот „Приказни за европското културно наследство“.
Котевска објаснува дека проектот се состои од четири фази кои вклучуваат работилници за фотографија, тродневен престој во Охрид, ликовна работилница и три национални изложби со дела на учесниците во Охрид, Скопје и Демир Хисар, насловени „Охрид/Поглед од другата страна“. Токму последната изложба ќе биде поставена од 18─28 февруари, во Домот на култура „Илинден“, во Демир Хисар, со што се заокружува овој четиримесечен проект. Како дел од програмата „Европски денови на културното наследство“, приказната ја имплементираа Центарот за креативни индустрии─НЕБО од Суводол, Демир Хисар во соработка со ЈЗУ „Психијатриска болница“ од Демир Хисар и партнерските институции галерија „Куќа на Робевци“ Охрид, Музеј на Македонија, Скопје и Дом на култура „Илинден“ од Демир Хисар.
Учесници во приказната, кои изработија ликовни дела и фотографии кои се сега дел од изложбата се: Гајтана Врбовска, Каролина Лучевска, Снежана Неделковска, Јане Крстески и Ерол Етемовски, кои се хоспитализирани во ЈЗУ „Психијатриска болница“ во Демир Хисар.

(Авторката е новинар и магистeр по стратегиски комуникации)

Фотографии: Стефан Шашков

Напишете коментар