Економијата базирана на знаења е иднината за развој на градовите, а колку тие ќе бидат атрактивни да привлечат бизнис, зависи од условите што ќе ги создадат. Затоа, голем број глобални градови и метрополи се промовираат како „зелени“ и преку тоа се обидуваат да привлечат инвестиции или т.н „зелени претпријатија“ за да не заостанат во својот развој
Зелено брендирање за поголема атрактивност
Зеленото брендирање на градовите се наметнува не само во економска смисла, туку и како последица на еколошките нарушувања на животната средина во индустриските и во постиндустриските градови. Деиндустријализацијата ја принудува градската управа да наоѓа нови мобилни форми на капитал. Во услови кога градовите се под закана од влијанија на климатските промени, од нив се очекува да преземат сѐ поголем број иницијативи и да го понесат товарот на адаптација и на ублажување на последиците.
Колкаво е влијанието на урбаната зелена политика како двигател на економијата – може да се види на примерот на два азиски града. Енормното загадување на воздухот во Хонгконг во изминатите две децении претставувало закана, па голем број компании почнале да размислуваат за повлекување на своите претставништва од градот. Истовремено, високото загадување придонело за зголемување на болничките трошоци и за намалување на продуктивноста. Од друга страна, во истиот период, градоначалникот на Сеул промовирал спектар зелени иницијативи, од електрични автобуси до програми за еколошка реставрација на главниот поток низ централното подрачје и негова трансформација во линеарен парк со мултифункционална намена. Овие активности ја промовирале Јужна Кореја како земја на чиста технологија, што довело до зголемување на бројот на работни места, како и до зголемување на атрактивноста на Сеул како регионален бизнис-центар во овој дел на Азија.
Ефект на позитивна препознатливост
За пожелен град се смета тој што нуди актрактивни работни места, добри услови за домување, ефикасен јавен транспорт, квалитетни можности за образование, добро осмислени културни и рекреативни содржини достапни за голем дел од популацијата, како и квалитетни еколошки услови за живот.
Новите технологии овозможуваат комуникацијата на дневно ниво да се врши од која било локација. Ваквите можности го ослободуваат човекот од физичка присутност на едно место заради вршење одредена дејност и му оставаат иможност да одбере град што им одговара на личните преференции и стил на живеење. Натпреварот меѓу градовите се сведува на можноста на градот да привлече и задржи висококвалификувана и креативна работна сила. Ова е отрезнувачки момент на градовите што заостануваат во урбаниот развој.
За еден град да стане препознатлив, тие што се занимаваат со планирање треба јасно да ги издвојат главните црти и преку нив да создадат програми што ќе го трансформираат во атрактивна урбана средина. Основната цел на оваа политика е да се постигне ефект на позитивна препознатливост на градот. Брендирањето е процес преку кој низа градови се пројавуваат како атрактивни и нудат нешто ново и препознатливо. Одредени градови (како Дубаи, Сеул), во своите развојни програми избрале определени карактеристики и ги претвориле во своја препознатливост, независно од тоа дали се однесува на модерна архитектура, екологија, висока технологија или прераснуваат во центри за состаноци, иницијативи, конвенции и изложби, и тоа го искористиле за да бидат постојано во фокус на светските збиднувања.
Претприемачки ориентирани градови
Ако се разгледа развојната политика на глобалните градови се забележува дека сѐ повеќе од нив се ориентираат кон создавање јавни зелени површини. Урбаниот дизајн на 21 век на зеленилото во градот гледа како на фокални точки, кои може едно место да го претворат во полицентричен систем, кој ќе влијае врз виталноста на целата негова територија. Градовите во своето брендирање може да користат и одредени знаменитости, кои покрај моментот на препознатливост на урбаниот пејзаж, имаат и економска, еколошка и социјална вредност. Овие урбани форми, кои може да вршат и друга функција, имаат и формат на туристичка атракција и често се јавно зелени простори со функционално зеленило и со урбана опрема.
Механизмите на пазарите ги принудуваат локалната власт и економија да се преориентираат кон надворешни извори на средства. Сѐ повеќе градската управа го добива епитетот претприемачка градска управа со оглед на тоа дека голем број проекти имаат карактеристики на инвентивност и на остварување профит. Претприемачки ориентираните градови меѓусебно се натпреваруваат во три фактори: талент, иновации и креативност. За еден град да привлече лица со овие карактеристики мора да понуди висок квалитет на живеење и високи и добро платени работни места.
Економијата базирана на знаења е иднината за развој на градовите, а колку тие градови ќе бидат атрактивни за да привлечат бизнис, зависи од условите што ќе ги создава градот. Поради сето ова, голем број глобални градови и метрополи активно се промовираат како „зелени“ и се обидуваат да привлечат инвестиции или т.н „зелен бизнис“ со цел да не заостанат во својот развој.
Нови парадигми за одржливост – основа за добро градско управување
Пејзажното уредување е уште еден пристап што се користи од градската управа за подигање на квалитетот на живење. Под зелена инфраструктура на град се подразбира физички и функционално поврзана мрежа на зелени површини што заедно испорачуваат еколошки сервиси и придобивки на општеството. Основни компоненти на урбаната зелена инфраструктура се урбаните паркови, урбаните шуми и отворениот простор. Овие форми, истовремено, покрај естетската вредност во просторот, имаат ефект врз намалување на одредени влијанија, како што се намалување на температурата, загадувањето, бучавата. Новите парадигми за одржливост станаа основни параметри што треба да се следат за добро градско управување. Ваквите зафати на раззеленување на градот, сепак, се соочуваат и со предизвици. Делумно, тие се и под влијание на економските состојби во едно општество. Предизвикот се состои во наоѓање решение како, од една страна, да се постигне зелен урбан развој со услови на пораст на бројот на жители. Од друга страна, пак, се предизвиците на намалување на буџетот, кои се однесуваат на вакви активности, со што се создава опасност од застој во урбаниот зелен развој.
(Авторката е доктор од областа на социолошките науки – еколошки аспекти на урбано планирање град)