Лице в лице тема

Фарма што гради пријателства, а не муштерии

Сточарството е концепт – начин на живот. Не е лесен, но има пријатен вкус и спокоен сон. Верувам дека околностите што ги живееме денес ќе резултираат со сѐ повеќе храбри одлуки кај младите во иднина. Дојде времето кога е неопходно сите да размислуваме и да се стремиме кон самоодржливост на нашето домаќинство, вели Давид Неделковски, сопственик на козарската фарма „Кози млеко планина“.

Меѓу две молзења на козите, добив одговор на сите прашања што му ги поставив на младиот Давид Неделковски, кој десетина година живее во Раштак, и тоа по своја одлука.
Ја напуштил археологијата, ама и градската врева, асфалт и здодевни канцеларии. На сметка на тоа, станал побогат со личен избор на работа, чист воздух, фарма што расте од ден во ден.
Негово одбрано утринско друштво се кокошки, кози, јариња, кучиња, мачиња… ластовички.
Убаво е, вели, чувството кога ќе го почнеш денот и те чекаат сите што те сакаат.

– Jа сакам природата, ги сакам животните. Козите се друштвени и немаат проблем со луѓето. Го користиме секој момент кога е убаво времето да се прошетаме низ падините на Скопска Црна Гора – вели младиот козар.

Козите, пак, си имаат и свои имиња, и повеќето си ги знаат.

– Тие се индивидуи со свој табиет и нарав, имињата ги добиваат во однос на тоа што нѐ опкружува. Едно време читав многу советски класици, па имаме Олга, Петра, Оливера. Под влијание на „Битлс“ и рокенролот, имаме Џуди, Џенис, Саманта, потоа имаме по појави – Муња, Атомик, традиционални – Јована, Златица, Хана, Бранка. На јарињата не им даваме имиња веднаш, ги чекаме прво да покажат карактер – вели овој ведар, млад и вреден претприемач.

Открива дека неговата фарма „Кози млеко планина“ е често место за посета од страна просветните работници и дечињата, кои секогаш имаат можност да пробаат козјо млеко, младо, старо, биено или крем сирење, кашкавал, и домашна мекица.
Од неодамна вклучена е и во друштвото на „Genuine experience“, платформа за автентични туристички искуства, преку која домашната јавност и туристите може да резервираат термин, и за дружба со козите, и за дегустација на производите.

Има(в)ме куп причини да си поразговараме со инспиративниот Давид.

1. Што беше клучно за создавање на фармата и кој момент беше пресуден за трансферот урбана средина – природа во Раштак?

– „Кози млеко планина“ е производ на сплет на животни околности и можности на семејниот колектив. Реакција на тесниот простор за маневар во урбаната средина и потребата за господарење над сопственото време. Пресудна беше локацијата на село Раштак и неговата близина до Скопје. Во Раштак живееја моите баба и дедо. Демократски, дома изгласавме да почнеме да се занимаваме со одгледување кози и со производство на козји млечни производи, па се фативме со работа и со практично изучување на козарството. Јас, во тоа време, студирав археологија и паралелно работев. За жал, ги прекинав студиите, а за среќа имав можност да ги почувствувам предизвиците, но и благодатите на природата како луѓето од праисторијата. Промената не одеше лесно, но ме мотивираше фактот дека човекот е најприспособливото суштество на планетава.

2. Што е тоа што забележувате дека недостига, можеби и како системска поддршка, некаква стратегија, за што повеќе млади луѓе да го прават истото што и вие?

– Сточарството е концепт – начин на живот. Не е лесен, но има пријатен вкус и спокоен сон. Верувам дека околностите што ги живееме денес ќе резултираат со сѐ повеќе храбри одлуки кај младите во иднина. Многу луѓе имаат контактирано со мене изминатиов период, луѓе што размислуваат за одгледување добиток, живина или за земјоделство. Секоја поддршка е од полза и стимулира прогрес, но, тука е пресуден и духот и подготвеноста за предизвици. Прекумерната поддршка е штетна за креативноста. Дојде време кога е неопходно да размислуваме и сите да се стремиме кон самоодржливост на нашето домаќинство. Свесноста за здравата храна и здрава околина се во континуиран пораст и тоа е позитивен сигнал. 

3. Влеговте во деветтата година на постоење, да се множат. Кои ви беа најголемите предизвици за овој период? Што ве изненади пријатно, а што непријатно?

– Ви благодарам многу од името на „Кози млеко планина“ и од целото стадо. Изодевме долг пат, многу пречки и искушенија, но и сладости за кои вреди човек да се разбуди и да го почне денот. Кога ја стартувавме одисејава, козарството не беше најпопуларно, дури и кон нашиот избор се гледаше со подбив и со предрасуди, што поради мерките од 50-тите години, што од урбаниот комфорен начин на живот што нѐ разгали и тоа „учи сине за да работиш во канцеларија“. Впечатокот беше дека ако е козјо млеко или сирење, по правило треба да има непријатен мирис и вкус, а притоа по светов се прават млечни чуда од козјо млеко. Нескромно ми е драго што осум години се трудиме да го промениме тоа, и имаме некаков придонес, а уште ми е подраго што луѓето го забележуваат тоа.

4. Кои се вашите сојузници во овој поход, на кој начин се манифестира поддршката кон вас? Како се соочувате со скептиците?

– Основата на „Кози млеко планина“ е да имаме пријатели, а не муштерии. Тука е пресудна довербата на која работиме секој ден. Прифаќаме сугестии и издржани критики. Волјата за учење никогаш не прекина, а тоа најдобро и најрано го препознаа од „Слоу фуд Македонија“ и од „Слоу фуд Водно“, каде што и членуваме. Тоа е екипа луѓе свесни за можностите со кои располагаме, со визија за позелено утре, за задржување на традиционалните вкусови и нивна афирмација и презентација насекаде, луѓе што се трудат да направат позитивна промена и да го вратат достоинството на малите локални производители бидејќи и нашите колеги од светот, исто како нас, се трудат и работат секој ден. На сите им препорачувам да се запознаат со „Слоу фуд Македонија“ и со нивната филозофија, верувам дека секој ќе се пронајде.
Тука се и старите пријатели и роднините од градот, кои ни помогнаа во изградбата на шталите и сѐ уште ни помагаат во рамките на своите можности и познавања. Тука е и Алекс Пуци, девојка што создава вкусни ракотворби од нашите производи, кои личат како на тие од високоразвиените земји.      Тука се „Мен енд маунтаин“ и нивната „Сончева“ од која сме дел и ние, поддршката на социјалните мрежи каде што ни значи секое „допаѓање“ и секој коментар. Ќе има и дополнителни изненадувања наскоро. Списокот на пријатели и на поддржувачи е долг и континуирано расте, а со тоа и нашата одговорност.
Што се однесува до скептиците, добро е да се има критичко мислење, но, тоа треба повремено да се  проверува, по себе знам.

5. Каква професија е козарството? Доволно ли е само да се има желба или потребно е и нешто друго?
По што е значајна оваа сезона, летните месеци? Колку кози имате во моментов? Што друго одгледувате?

– Козарството е комплексна гранка од сточарството, која има цел да обезбеди храна за човекот. Појавата на сточарството и на земјоделството се суштински елементи на неолитската револуција и за почетокот на организираниот начин на живот за кој денеска знаеме. Сѐ уште трагам по одговори на оваа тема, за почетоците на припитомувањето и за раната појава на сточарството во археолошките, зоолошките и во антрополошките трудови на териториите на Средниот Исток, Северен Еуфрат, Анадолија, териториите на денешен Изреал, Јордан, Иран, Ирак, за да можам да го разберам целиот процес на развојот на сточарството и на козарството. Во науката се смета дека козата е првиот припитомен добиток, првенствено за месото и за кожата, а со појавата на керамиката и за употреба на млекото.

Комплексноста е во тоа што козите се живи суштества и е потребен надзор преку целата година. Се молзат во сезона двапати на ден, сакаат да јадат, да пијат вода, важна е хигиената во шталата, хигиената пред и по молзењето… Пријателите на шега ми велат дека од 365 дена, ние работиме 380.

Мој совет до сите што планираат или размислуваат да почнат со одгледување  кози е да почнат со помал број, и што повеќе од времето да го делат со нив и да ги анализираат. Сметам дека комуникацијата е пресудна, а  покрај тоа може и многу да се научи од нив.
Овој период од годината се собира сточна храна за преку зимата, и од тоа зависи кондицијата на козите за наредната сезона. Излегуваат на пасење во природа секогаш кога дозволува времето. Раштак изобилува со дабова шума и со богата биоразновидност преку целата година. Овој период почнуваат плодовите, прво дудинките, кои се неизбежна станица овие денови. Сливите, исто така, се едни од нивните омилени плодови, по нив на ред се крушките, желадите, шипинките… Во моментов имаме 60-ина кози и 20-ина јариња, а тука се и нашите верни чувари, кучките Маша, Меда и Бура. Имаме и три мачиња во шталата, ластовички… И имаме многу идеи на кои работиме.

6. Колку работите на традиционален начин, а колку ѝ давате предност на модернизацијата, машини, апарати?

– Треба да се балансира, па се стремиме да бидеме спој меѓу традиционалното и модерното. Водени од благосостојбата на козите, а со тоа и на фармерот, неопходно е одгледувањето да биде одржливо и продуктивно, козите да бидат здрави и витални, да живеат еден нормален и среќен живот уживајќи по шумите и по пасиштата. Наша силна страна е дарежливоста на планината на која се хранат козите, која подоцна се пренесува во млекото и во млечните производи. Од оваа година молзењето се одвива машински со цел да се извлече максимумот на чистотата и на квалитет на млекото и, секако, да ни заштеди енергија за негова обработката. И јас самиот имав борба со себе и морална дилема околу начинот на молзење, и бев против употребата на машина за молзење, но, сум грешел. Ако рачното молзење е чисто, тогаш машинското е кристално чисто, и ова сознание ме чинеше многу енергија, а со тоа и прогрес. Од почетокот на употребата на млекото, па сѐ до пронаоѓањето вакцина против бруцелоза, човештвото ризикувало, додека ние денес имаме привилегија да консумираме безбедно млеко и производи од свежо млеко. Природно е човекот да се стреми да си ја олесни работата, а таа е врзана со благосостојбата на животните.

7. Вашата работа може да биде едукативна за млади посетители. Имате ли организирани посети за јавноста? На кој начин се залагате да го поттикнете изборот на вашиот стил на живеење кај вашите пријатели, и воопшто граѓаните, кој има многубројни бенефити?

– Лани за првпат направивме отворен ден на фармата, со поддршка на „Слоу фуд Водно“, со цел луѓето да се запознаат со организацијата на фармата и со козарството, воопшто. Интересот беше голем. Учителката Бети дојде со дечиња од нејзиното одделение, во придружба на родителите. Имавме скромна дегустација и забавно дружење. Дечињата бликаа со насмевки, прашања и импресии, галевме јариња и кози. Тоа е еден од најубавите моменти во мојот живот.

Го поздравувам големиот интерес за посета на фармата, особено на училиштата, но и на совесните родители и пријатели што сакаат да нѐ посетат и одблиску да се запознаат со козите и со нашиот начин на живот.  Се подготвувавме и оваа година да направиме отворен ден, но актуелната ситуацијата со вирусот ни ги одложи плановите.

Со вакви настани – добиваат сите. Луѓето и децата добиваат одлично искуство за паметење, се запознаваат од каде доаѓаат млекото и млечните производи и колкав е трудот до финален производ, но и ние производителите, градиме доверба и поголема почит кон нашиот труд и секојдневие.

8. Постои ли поддршка меѓу малите производители?

– До мене допираат сѐ повеќе вредни и чесни луѓе, производители од најразлични области, но претежно сите сме со обврски и имаме многу малку време за дружење и за запознавање. Одговорот е „да“. Сметам дека е потребно време за да се усогласат работите, а за тоа е потребно да има почесто настани како „Слоу фуд салон“ и Фестивалот на органска храна, каде што можеме да се собереме, ние, производителите,  да ги презентираме нашите производи, но и да се запознаеме меѓу нас.

9. Колку животот на село може да влијае на создавање одржлив начин на живеење и поголема заштита на природата, на биодиверзитетот, на планетата, воопшто?

– Дефинитивно може да влијае, но потребно е време за резултатите да бидат видливи. Самата прошетка со козите е инспиративна и создава нови идеи или старите се разработуваат од ден на ден. Ми се чини денот да трае и 60 часови нема да завршам сѐ што имам замислено. Но, се вели, човек ако реши и планина ќе помести. Само, во мојот случај, идејата е да ја култивираме планината и да живееме во согласност со неа. Наидувам на многу пречки, но не ме демотивираат. Напротив, создаваат отпор и ме наведуваат на потрага по решение.
10. Какви планови негувате со фармата за следниов период? Какви производи нудите во моментов и како, на кој начин, јавноста може да дојде до нив / да нарача?

– Јас сум задоволен што „Кози млеко планина“ ја има утврдено својата цел и знае како да стигне до таму. Се надеваме дека наредната сезона ќе почнеме со еколошка амбалажа, за која сега не сме во можност. На повидок се нови полиња од областа на руралниот туризам бидејќи ние и Раштак сметаме дека, навистина, имаме што да понудиме и да покажеме.
Секој може да нѐ следи и да стапи во контакт со нас преку социјалните мрежи на профилот на „Фејсбук“ „Кози млеко планина“ и на „Инстаграм“ и да се информира за нашите производи и за начинот на кој функционираме.

Напишете коментар