Со мал ветер в грб, со мало поместување на коцките во системот, а со многу верба и ентузијазам, нешто што се чини невозможно, станува возможно. Преку социјално менторство жени што преживеале насилство стануваат одличен работен кадар, а претпријатијата добиваат квалитетна работна сила
Kога дигнав два прста за менторство при работна интеграција на жени што преживеале насилство, првата реакција беше огромна задршка. Скепса, па и страв од залудно потрошено време во нешто за што системот не е подготвен. И не само во нашата земја, туку и во регионот. Колку што повеќе се информирав, толку повеќе вагата натежнуваше кон ПРОТИВ, не зашто не е потребно, туку поради стравовите, поради стереотипите во средината, нерешените системски прашања, неподготвените институции…
Нема шанси да вработите, а уште помалку да задржите на работното место жена жртва на насилство! Стереотипите се длабоко вкоренети, силна е зависноста на жената во руралните средини, нема свој имот, нема каде да се врати! Срамот е голем! Нема кој да ја заштити, стравот доминира, дури и полесно ѝ е да остане кај насилникот!
А што ако се обидеме? … Нека биде неуспешно, ама да се обидеме да дејствуваме надвор од старите шаблони, да си поставиме предизвик…
И со сета скепса околу нас и обесхрабрување, се обидовме. „Паблик“, заедно со UN Women Скопје, и со сите организации и институции што работат со овие групи, а беа подготвени да дадат шанса на еден нов пристап – да видиме што ќе се случи кога економски ќе ги засилиме овие жени! И ова беше партнерски пристап – обединети организации, институции, бизнис, добро обучени социјални ментори (ментори за работна интеграција) и силен систем за поддршка на менторите.
Подготвените социјални менторки беа борците во првите редови. Тие го пробиваа патот – беа ветер в грб, мотиватори, насочувачи на лицата со кои работат, но и уриваа барикади, отвораа пат, ги будеа за одредени прашања и ги активираа институциите, а, исто така, и претпријатијата. На последниве им требаше квалитетна работна сила, а меѓу овие жени, особено ако се соодветно водени и насочени, има значителен квалитет, само треба да се најде вистинскиот начин за да се препознае и надгради нивниот капацитет и да се стави во служба на потребите на пазарот на трудот. Програмата за социјално менторство го овозможува тоа.
Нема да ги набројувам пречките, ги знаеме сите и многу се. Но, сојузништвото беше силно и беше распослано низ сите сектори и тој сојуз донесе победа за тимот, кој отиде на натпревар без очекувања и со многу скепса.
Преку програмата за социјално менторство се вработија 13 од 15 жени, а другите две, кои веќе беа на работно место, се засилија за да напредуваат и да добијат подобри позиции на постојните работни места и повисоки примања. Ниедна од нив не се врати кај насилникот. Две жени отворија сопствен бизнис, други две го унапредуваат своето формално образование, а најголемиот дел од нив беа вклучени во обуки за подобрување на своите вештини што ги направи поконкурентни на пазарот на труд.
Како? Јасно беа утврдени нивните афинитети, капацитети. Пречките за кои системот засега не нуди трајни решенија, ги тргнавме од патот. Грижата за децата и во иднина не смее да остане проблем што ќе оневозможува излегување на пазарот на труд на овие жени, ниту брзината во обезбедувањето образовен асистент. Брзите решенија што ги донесувавме во овој сегмент носеа и резултати, а и претпријатијата и институциите каде што се случија вработувањата беа отворени за потребата од приспособување кон потребите. Тие мали поместувања значеа и можност за големи промени во животот на некои од жените вклучени во програмата.
А во лицата што долго остануваат невработени, често поради пречки на кои системот не обрнал внимание, се крие огромен човечки потенцијал. Значаен дел од нив се жени.
Преку програмата добија и претпријатијата и институциите во кои се случија вработувањата. Што? Квалитетен работник и свртување на погледот кон нова потенцијална работна сила, кон еден скриен пазар на труд од кој со мали поместувања на коцките може да се добие многу. А работна сила, поради значајните миграции во изминатиов период, има сè помалку. Добија и целосно посветени вработени поради определбата на жените да свртат нов лист во сопствениот живот, но и лојални вработени на компаниите што нудат хумани, фер финансиски и недискриминирачки услови.
Потврда дека сме направиле одлично поврзување ни е прашањето: „Можете ли да ни понудите уште некое вакво лице?“ но и отвореноста на бизнисот да учи за придобивките што ги носи инклузивноста на работното место.