Да ги вратиме приказните на луѓето и на нивниот глас
Превод: Ивана Лазовска
Живеев на различни места и секаде се чувствувам убаво. Албанија е особено блиска до мојот сензибилитет, таму имам оставено делче од моето срце. Но во Македонија постои нешто поради кое секогаш кога ќе ја поминам границата се чувствувам како да си доаѓам дома. Можеби тоа е семејната блискост и широко отворените врати што ги помнам од моето детство, можеби е мелодијата на јазикот, кој ме одушевува, а кој сè уште не го говорам добро. Можеби поради храната што ја сакам, иако, поради тоа што сум вегетаријанка, секако не поради скарата. Можеби, ја одбрав и поради приказните на луѓето што паѓаат како прашинка на вашите чевли додека се шетате низ улиците на македонските села и градови. Секогаш ќе се враќам во Македонија барајќи ја причината зошто овде имам чувство како да сум дома.
Дојдов во Македонија делумно случајно. Откако дипломирав, барав нешто што би ги комбинирало моите страсти за историја, антропологија, социологија. Тогаш родителите ме предизвикаа да го организирам семејниот одмор. Го одбрав градот Влора во Албанија. По пат застанавме во Скопје, а следниот ден и во Охрид. Не знаев ништо за Македонија и за Албанија. По враќањето од одмор, се фасцинирав од регионот и аплицирав за балкански студии. Потоа се случија неколку коинциденции. Мојот кус текст за Албанија беше објавен во многу познато полско списание за патувања. Една жена од Полска, која го читала ова списание, ме покани на летна практика во нејзината туристичка агенција во Албанија. Агенцијата, пак, следната сезона се разработи токму поради моите активности. Јас бев единствената вработена таму, освен двете мачки, кои беа постојани членови на тимот. Четири сезони им покажував на полските туристи места во Албанија носејќи ги редовно и на дневни патувања во Охрид и во Призрен.
Бргу потоа дојдов во Македонија за велигденските празници во 2016 година. Работев на мојата магистерска теза „Потенцијалите на туризмот за решавање конфликти“, сфатив дека овде можам да ги реализирам аспектите за кои пишувам. Зимата повторно се вратив и целиот семестар го поминав во теренско истражување, ја напишав мојата магистерска и… почнав блог. Токму тој блог во јануари 2020 година се претвори во мал бизнис. Така, веќе пет години јас сум постојано на прошетки низ Македонија.
Македонија ме научи дека луѓето можат да живеат со почит
Овде најмногу ми се допаѓаат меѓучовечките и соседските односи, особено во мултиетнички и мултирелигиозни региони, кои, за жал, ги има сè помалку. Луѓето во Македонија се отворени и гостопримливи. Ја гледам растечката изолација и поделбата на луѓето поради политички ставови, религија (што ја разликувам од вера) или етничка група, но Балканот, особено Македонија, ме научи и ми покажа дека луѓето можат да живеат едни со други со почит и во мир додека нешто не ги вознемири. Тоа „нешто“,обично е систем на моќ.
Луѓето знаат многу приказни за нивните предци или историја, за местото каде што пораснале. Не само постарите, туку и тие на моја возраст, знаат многу, можеби не историски факти, туку некои преданија, приказни што се раскажани од колено на колено – за најблиската црква, местоположба, локални народни приказни или легенди. Веројатно е поврзано со тоа дека генерациите не се изолираат едни од други, туку се во меѓусебен контакт и протокот на приказната е жив и природен.
Промените да дојдат од граѓаните
Кога зборуваме за тоа што мора под итно да го менуваме за да ја унапредиме земјава, ќе зборувам за технички и за метафизички аспекти. Огромен проблем е прашањето за управување отпад, еколошка освестеност и загадување на воздухот, на целиот Балкан. Да, знам дека „оние од врвот“, даваат наредби за уште една хидроцентрала, која ќе ги пресуши реките или езерата, дека тие дозволуваат дивоградби на брегот на Охридско Езеро или џипови и слични возила преку националните паркови. Но, промените што ние, индивидуално, од долу нагоре, треба да им пристапиме, нашите решенија, се од огромна важност. Нешто што нашите баби или мајки го правеле природно – платнени торби место пластични, ограничување употреба на месо, нефрлање храна, поддршка на локални производители. Најважно, можеби, кога веќе не се придржуваме до некористење пластика, тогаш барем ѓубрето да го фрламе в канта, не кај ќе ни текне!
Вториот проблем, кој не важи само за Македонија, е говорот на омраза, расизам, ксенофобија, национализам. Го кажувам со целосна одговорност за моите зборови. Не се работи само за тоа да не си расист или хомофоб, затоа што така се оправдуваш да останеш тивок и да не дејствуваш во одбрана на луѓето што се засегнати и повредени. И ние никогаш нема да бидеме совршено антирасисти. Ја сакам изјавата на Ибрам Х. Кенди за разликите меѓу расизмот и антирасизмот: „Да се биде антирасист е да се признае кога се однесуваме расистички“. Ќе правиме грешки. Ќе бидеме без почит и ќе правиме ксенофобични работи. Но, треба да ја преземеме одговорноста за себе. Дури не е ни дека треба да научиме- ние, всушност, треба многу повеќе да одучиме.
Зборувам похрабро затоа што и јас самата имам искуства како личност од малцинска група. Научив дека основата на омразата е дехуманизацијата. Само кога ќе престанеме да гледаме човек во другиот, кога гледаме суштество што ни е непријател, крволочен ѕвер, сексуално контролиран демон, само тогаш можеме да го мразиме. Но кога луѓето ќе се соочат еден со друг, или кога им кажувам да ми се обратат мене како што му се обраќаат на тоа суштество, говорот омекнува. Не секогаш. Но, доволно често за да продолжам да го правам тоа, да се обидувам да разговарам, да ги предизвикувам. И да се предизвикам самата исто така, јас не сум ангел.
Туризам што решава конфликти разговарајќи со луѓето, не за нив
За темата туризмот да решава конфликти се заинтересирав пред неколку години и изненадена сум колку малку е препознаена и користена во политичката наука, дипломатијата и во меѓународните релации. Има истражувања за туристичката нарација што се користи во Кина, кога туристот е воден за да види само тоа што треба да види за да му се наметне размислување, или во Палестина, каде што националноста на водичот нè поставува од другата страна на конфликтот. Во 2016 година ми се чинеше дека е одлична тема за учење на Балканот, особено Македонија: закон што не дозволува да добиеш лиценца за туристички водич, доколку не си Македонец, водичи што ја приспособуваат нарацијата во зависност од националноста на групата што ја водат, нарација што чепка во темите на меѓусоседски конфликти. Но, јас дојдов до други, иницијално незабележливи проблеми. Како може туристичката нарација да исклучи социјални групи, да ја премолчи културата на исламот, да ги избрише Албанците, Власите или да наметне идентитет? Како може музеите да ја одржуваат нарацијата на конфликт и да користат говор на омраза за да укажат на „непријателот“ од другата националност?
Од друга страна, верувам во туризам што гради мостови. Моето мото е „Треба да разговараме СО луѓето, не ЗА нив“. и „Ако приказната не е твоја, не можеш да напишеш нов крај.“ Сакам луѓето да можат да си ги вратат своите приказните и својот глас. Како? Со поткопување на стереотипите. Со среќавање луѓе и поминување време со нив. Да ги предизвикувам мислењата на луѓето што патуваат со мене затоа што овие мисли не се секогаш нивни, ова се механизми што ги користи нашиот мозок и се лесни за користење и за манипулирање на другите. И водат кон омраза. Но, тие можат да се искористат за да се изгради нешто ново. Договор.
Слепи сме за сопственото културно богатство
Фактот дека не гледаме подалеку од сопствениот нос не е специфика за Македонија, тоа е генерална тенденција. Ние сме слепи. Вака работи туризмот и многу други индустрии. Слепи сме за сопственото културно богатство. Преферираме да платиме стотици или илјадници долари за да ги видиме „другите култури“, а не ја вреднуваме приказната што ни е пред очи. Не велам дека патувањето е нешто лошо, напротив. Постојат две изреки- едната вели дека патувањето едуцира. Втората, надградената, вели, патувањето ги едуцира едуцираните. Значи, ги едуцира тие што сакаат да научат. Учењето нема никаква врска со комфорот. Тоа е тешко, здодевно и непријатно.
Имав среќа да сретнам Македонци што ми ги покажаа скриените бисери во непознати места и села. Еден од овие луѓе што ми ги отворија очите за заборавената и скриена убавина на Скопје, а потоа и на целата убавина на Македонија, е писател, поет, преведувач и, едноставно, мудар човек, Васко Марковски. Повеќето водичи со лиценца што ги сретнав, зборуваа за Македонија како од учебник, а јас сакав да слушнам како размислуваат. Не ги чувствуваа приказните за кои зборуваа. Всушност, не сум сигурна дека воопшто и имаат приказна.
Странците гледаат повеќе од локалните жители, но кога доаѓаш однадвор, исто така, гледаш нешто што не е таму или бараш да ја видиш сликата од брошурата. На некој начин, Македонија има среќа што е понепозната, па туристите доаѓаат тука без очекувања. Доаѓаат без предзнаења и се восхитуваат. Сега се соочувам со тешкотијата да ги убедам туристите и туристичките агенции дека Македонија не е само Охрид или Скопје, и Скопје и Охрид се нешто повеќе од едночасовна прошетка.
Кратово и Прилеп – љубов на прв поглед
Се чувствувам прекрасно и спокојно таму каде што се планините – ова е една причина поради која се вљубив во Македонија. Тешко ми е да одберам едно езеро, пештера, село, планина, дури и обичај, најмногу сум импресионирана од разновидната природа и од културата што произлегува од неа. Но, постојат два града што ги посетувам како да ми се дома. Двата имаат своја специфична магија. Кратово, со човекот што веруваше во потенцијалот на мојата идеја уште пред јас да ја препознаам, мојот прекрасен промотор – Стевче Доневски. И Прилеп, град во кој се вљубив на прв поглед, кој ме дочека со отворени раце и отворени врати од домовите на локалните жители и од каде што доаѓа човекот што ми ја покажа и направи да ја засакам Македонија – Звонко Димовски. Кога сме кај омилено јадење – јас сакам пиперки. Печени и пржени најмногу, но може и на кој било друг начин. Омилен ми е пречекот на гостите со слатко и со чаша вода. Во овој традиционален гест има нешто неверојатно грижливо, отворено, гостопримливо и топло, нешто што не можам да го опишам со зборови. Секојпат е едноставно прекрасно.
(Авторката е туристички водич)