Иван Ајнштајн, инфлуенсер: Популарните настани повеќе не ме инспирираат, ниту ме интересираат, љубовта е тоа што ме води
Ангела Бошкоска
Фотографии:
Моите омилени инфлуенсери воопшто не се јавни личности. Така што, не можам да знам во која насока ќе се движи оваа професија, но споделувањето искуства секогаш меѓусебно ни помага при донесувањето одлуки.
Иван Бошковски, или во македонската јавност познат како Иван Ајнштајн веќе со години е присутен на социјалните мрежи. Најпрво како јутјубер и музичар, а потоа и како инфлуенсер. Во неговите последни објави се забележува промена: тие се ориентирани кон јога, медитација и природа.
Прославувањето преку социјални медиуми носи одредени предизвици и одговорност, а тука се и негативните коментари кои влијаат врз личноста која ја гради. Во интервју за „Лице в Лице“, Иван ни открива повеќе за своите почетоци во кариерата, како се справува со коментарите од публиката, колку локалните културни вредности влијаат врз содржината што ја создава како и неговиот став за перспективноста на професијата инфлуенсер и финансиската стабилност што таа ја нуди.
Најпрво, може ли да ни откриеш зошто одлучи да се занимаваш со инфлуенсерство, која беше причината?
– Уште од мал чувствував повик да се изразувам јавно. Не можев да се пофалам со некоја исклучителна самодоверба, но самата изложеност ми помогна да го надминам тој страв. Тој повик стануваше сè погласен како што многумина ми се заблагодаруваа што сум дел од нивните животи, а не знаев за што точно ми се заблагодаруваат. Едноставно, без да се наметнувам, луѓето околу мене ми веруваа затоа што ме сметаа за разумен и стабилен. Бидејќи сум приземјен, многумина успеваат да се поистоветат со мене и моите лични согледувања да ги вклопат во нивната животна приказна. Така, успеав таа вештина на вообичаена реална проценка да ја насочам кон нешто што мене ми обезбеди кариера, а во меѓувреме ми создаде цел да одговорам на повикот, што беше помагање на луѓето.
Дали твоето образование ти помогна во кариерата како инфлуенсер? Ако да, како?
– Можеби не директно материјалот кој го учев, но цел тој период од животот и околината во која се наоѓав ме оформи како човек. Верувам дека сè што се случува е последица на сè што се случило претходно. Тоа е еден природен развој на светот кадешто секој ја игра улогата што му е доделена.
Како ученик бев секогаш одличен, но никогаш „најдобар“ во ниеден предмет. Во второ одделение (кога веќе се имавме сите соученици меѓусебно запознаено), цртавме снешко по ликовно. Јас бев просечен во цртање, додека училницата изобилуваше со вешти илустратори. Во еден момент другарката што седеше до мене ме замоли да ѝ го проверам и оценам нејзиниот цртеж. Не беше фасцинантен, но не беше ни ужасен. Дадов конструктивна критика, но повеќе обрнав внимание на тоа што ми се допаѓаше и само спомнав што би можело да се подобри. Веднаш потоа, другарчето пред мене го побара истото и за неговиот цртеж, и јас на фин начин го оценив и неговиот. Наредно што знам, целиот клас се нареди во редица јас да им ги проверам цртежите. Јас бев тотално збунет, знаејќи дека не сум најврвниот уметник во просторијата, а тоа ме прави недоволно квалификуван за јас да пресудам што е добар цртеж. Но, сепак го сторив тоа и секому му посветив соодветно внимание. Многу години подоцна, сфатив дека таа позиција ми била назначена благодарение на мојата вештина за давање ненасилен, а сепак искрен фидбек.
Секој што има желба да се подобрува, повеќе ги цени непристрасните критики, отколку пофалните зборови кажани „ради реда“.
(сакам само да додадам на приказната дека наставничката ми се изнасмеа на мојот снешко)
Следејќи те преку социјалните мрежи се забележува дека последните постови (барем од кога последно разговаравме на оваа тема) се повеќе ориентирани кон јога, природа. Го споделуваш, претпоставувам, она што го живееш. Дали забележа промена во реакциите на твоите следачи, во однос на поддршка или негативни коментари?
– Забележав промена во моите следачи. Всушност, тоа е тоа што отсекогаш се случувало при секоја моја промена. Нашата природа како битија на овој свет е да се менуваме, а со тоа се менува и динамиката на целокупното постоење. Дел од следачите си заминуваат, притоа доаѓаат нови кои резонираат со мојот моментален стил на живот, а дел од тие што остануваат се менуваат и растат заедно со мене (оние најлојалните). За јавна личност е сосем нормално секогаш да има и позитивни и негативни коментари. Тоа е една од цените што ги плаќаат. Би кажал дека балансот на позитивни и негативни коментари остана непроменет во голема мера, но она што највеќе се промени е глобалната заинтересираност, се намали бројот на луѓе, но се зголеми заинтересираноста на оние кои моментално ја оформуваат таа група што очекува содржина од мене. И многу сум благодарен што развојот е токму ваков, затоа што ми дава подлабоко значење на сè што творам.
Влијаат ли локалните културни вредности врз содржината што ја создаваш и како?
– Сѐ помалку. Тоа е така затоа што сѐ поретко сум изложен на медиуми (вклучувајќи и социјални мрежи) и безумното полнење со секакви информации од околината стана реткост во мојот живот. Популарните настани од околината повеќе не ме инспирираат, ниту ме интересираат. И онака, сѐ што навистина треба да знам за да не делувам како исфрлен од светот, доаѓа до мене. Но, ова не значи дека сум комплетно изолиран. Опкружен сум со луѓе на кои љубовта им е единствената вистинска вредност. Па оттука, љубовта е тоа што го живеам и ме води низ сѐ во животот, вклучувајќи ја инспирацијата за содржината што ја креирам.
Дали соработуваш со други инфлуенсери и брендови? Врз основа на што ги одбираш/прифаќаш соработките?
– Влијаат неколку фактори. Најважно ми е да не се работи за кауза со којашто не се согласувам, затоа што така би одел против себе. За ова не постои возможна спогодба, за разлика од понуди за кои сум неутрален, па постои можност за компромис. Се разбира, најдраго ми е кога соработувам со лица кои се залагаат за истите идеали како мене, затоа што тоа е многу повеќе од тезга, односно е следење на поголема цел и испишување заедничка приказна.
Можеш ли да ни опишеш ситуација кога си добил критика за твоја содржина? Какви беа тие коментари?
– Неминовно постојат консумери на социјалните медиуми кои носат какви сè не заклучоци базирани врз неколку-секунден reel, без желба да ја разберат поголемата поента и причина што тоа парче е бесплатно споделено во етерот. Луѓето повеќе сакаат да зборуваат отколку да слушаат. Уметноста на слушањето е најдлабок акт на човечка емпатија и скромност, каде што можеме да ја допреме суштината на човечкото искуство – не преку наметнување, туку преку примање.
Бидејќи ме праша за мое искуство, не би одвоил некоја конкретна ситуација, но во последно време победуваат невалидните претпоставки дека сум наркоман и понижувањата кога користам англицизми.
Секој негативен коментар повеќе открива за внатрешниот свет на оној кој го изговара, отколку за личноста која е негова цел – тој е всушност прозорец кон сопствените неразрешени болки, несигурности и недостатоци. Она што нè дразни кај другите е всушност нашата сопствена неинтегрирана сенка, проектирана надвор како одбранбен механизам на егото, да не се соочи со сопствените внатрешни демони. Негативните зборови се всушност молк на душата која бара исцеление, криво испратена порака на болка која наместо лекување, создава дополнителни рани во меѓучовечките релации. Вистинската трансформација започнува кога наместо да судиме, ќе научиме да набљудуваме – прво себеси, а потоа и другите – со онаа длабока емпатија која препознава дека зад секој критички глас стои повредено срце кое бара разбирање.
Дали сметаш дека твојата моментална заработка од инфлуенсерство е доволна за твоите потреби и зошто да, односно зошто не?
– Иако е мој основен извор, никогаш не се ограничувам да заработувам само врз основа на мојата популарност. Највеќе затоа што секогаш ми е интересно да испробувам нови работи, а парите се само најлесно средство за размена на таа енергија што ја вложуваме при извршување некаква дејност.
Се разбира дека ми е доволно. Доволно ми е да ги заводолам основните потреби за живот. Доволно ми е да си ги остварам сите соништа и доволно за да останам со чист образ. Повеќе ценам доволно отколку многу. Доволно ми е да ја надминам материјалната желба и да ја прегрнам светата уметност на задоволството каде благодарноста е вистинското богатство. Не го мерам изобилието во она што го поседувам, туку во способноста да ја препознаам и почитувам извонредната совршеност на она што точно ми треба во овој момент.
Како би ја оценил моменталната пазарна конкуренција во областа на инфлуенсерите?
– Немам истражувано. Немам ни потреба да дознаам. Мојата процена на труд е индивидуална, независна од други брендови или инфлуенсери. Работам посветено, квалитетно и од душа.
Што мислиш за иднината на инфлуенсерството? Какви се твоите долгорочни планови и дали размислуваш за промена на професијата?
– Општо, инфлуенсерството како професија, како и сите останати професии, ќе опстане ако совесно му се пристапува. Меѓутоа, сепак сме само луѓе кои се научени да земаат за да имаат, па, како и секоја друга професија кога ќе забележи голем подем, многумина наоѓаат начин како да ја злоупотребат. Но, и тоа е дел од сценариото кое универзумот го има напишано за нас, и, најверојатно мора да настане хаос за да се роди потреба за мир.
Прилично сум сигурен дека ќе опстане како професија, затоа што, инфлуенсерството, во суштина, е нечие влијание врз некого, заради идолизирање на личноста или ставот кој таа го има на одредена тема. И, не мора да се однесува само на популарни фигури. Моите омилени инфлуенсери воопшто не се јавни личности. Така што, не можам да знам во која насока ќе се движи оваа професија, но споделувањето искуства секогаш меѓусебно ни помага при донесувањето одлуки.
Прочитајте и други содржини:
- Социјалното менторство создава подготвена и поддржана работна сила
- Иван Ајнштајн, инфлуенсер: Популарните настани повеќе не ме инспирираат, ниту ме интересираат, љубовта е тоа што ме води
- Ставови на младите: Додека работам, треба и да уживам
- Имаме одговорност за градење подобра иднина
- Хормоналниот дисбаланс кај жените: Патот низ перименопауза, менопауза и постменопауза