Колибарење и традиционални специјалитети – парче понуда од Малешевијата
Овозможување колибарски планински туризам во Малешевијата.
Ова е главната интенција на младата Душица Крстеска, која реши во Берово, сред богатиот биодиверзитет, да создаде туристичка понуда многу поинаква од таа на која сме навикнале досега. Идејата беше препозната и наградена во рамки на конкурсот „Зелени идеи“, во организација на „Арно“, ама поддршката и аплаузите сѐ почесто доаѓаат и од пошироките кругови.
Нејзината замисла е оживување на подзаборавена активност во нашата држава, а тоа е колибарењето, но и промоција на традиционалните малешевски специјалитети.
– Во минатото колибите ги користеле како база за одгледување на стоката на планина, но поради намалување на сточниот фонд, колибите останаа напуштени куќички, кои стигнаа и до фаза на распаѓање. Мојата идеја е да се реставрираат и да се пренаменат за туристички цели за да можеме да ги поттикнеме нивните сопственици да се грижат и да не дозволат уништување на традиција стара со векови – вели таа.
Со претворањето на напуштените колиби во туристички атракции, кои би функционирале на одржлив начин, Душица сака да го доближи колибарењето до туристите за да ги запознае со начинот на кој некогаш живееле нашите претци. Во минатото во Берово, поради потребата од повеќе обработливо земјиште, се граделе колиби, куќички од цврста градба, во кои летно време се собирало целото семејство. Тие помагале во одгледувањето на стоката, правењето сирење, собирањето сено за зима… Зимно време, пак, во колибите најчесто останувале само најстарите за да ја чуваат стоката до пролет, кога сѐ почнувало одново.
Реална е, и не негува соништа дека сама како единка може да стори премногу за заштита на овој феномен, ниту, пак, за заштита на традиционалните специјалитети, и укажува дека овој потфат може да биде хибриден.
– Би било идеално доколку локалната самоуправа, но и државата со нејзините институции, се заложат за заштита на нашата традиционална храна во Македонија, како и во странство. Така би добиле и ознаки за географски одредници и би биле поконкурентни на меѓународниот пазар со производи што се традиционални за нашиот регион. Имаме голем број производители на традиционални специјалитети, но, за жал, ретко кои од нив можат да се носат со финансискиот товар. Доколку државата вложи барем малку време и ресурси, би можеле да добиеме феноменални резултати – нагласува Душица, која верува дека наскоро во Берово ќе може да се организираат и работилници низ кои ќе се учи како се прави сирење и многу други малешевски специјалитети, но и обуки за некои подзаборавени занаети.
Неминовно е да ја прашам колку верува дека нејзината идеја може да влијае на создавање одржлив начин на живеење, но и на поголема заштита на природата, на биодиверзитетот, на планетата, воопшто.
– Ние сме многу мали, една точка во Малешевијата… така некако би изгледале нашите 20-ина хектари на мапа. Но, иако мали, се залагаме и ги поттикнуваме циркуларната економија и социјалното претприемаштво во насока на заштита на природата, а, пред сѐ, на шумите, бидејќи Берово е богато со шуми. Производството и дистрибуцијата на традиционалните малешевски специјалитети што ќе бидат изработени од рацете на малешевските жени, давајќи им предност на жените од ранливите категории, се само поттик и самите да создадат готов производ и, во иднина, и самите да станат успешни претприемачки – споделува таа.
За жал, вели, само мал дел од младите гледаат на проблемите како на предизвици за социјални иновации. Исто така, и многу мал дел од нив се свесни за природата, шумите и за природните богатства што ги имаме:
– Типичен пример од минатата година е неконтролираното сечење државна шума во Берово, „настан“ што се најавува и за оваа година. Природата ни дава диви малини и капини, шумски јагоди, различни видови печурки, чаеви, речиси неограничена количина кислород, но ние упорно одиме против сето тоа и не внимаваме на неа. Ништо не е вечно…
Открива дека во моментов најмногу работи на подобрување на условите за сместување на колибата, која, всушност, и беше дел од наградената зелена идеја, а во финална фаза се и апартманите на Беровско Езеро.
– Почнавме и со опремување на производствен погон за традиционални малешевски специјалитети, но и за традиционални тестенини. Се надевам дека сето ова убаво ќе го заштитиме како трговско име и ќе значи парче понуда од Малешевијата – завршува Крстеска.