Мистериозниот Бислим крие прекрасни тајни
Пчиња, река што извира во соседна Србија и по својот пат, до крајната дестинација Вардар, поминува еден сосема обичен пат – низ села, долини, планини. На овој пат, сепак, има едно мало необично место. Реката спокојно поминува, но над неа се издигаат карпести предели правејќи прекрасна симбиоза и создавајќи една живописна локација.
На само 15 минути од Куманово е лоцирано и селото Пчиња, кое нуди прекрасен поглед на оваа локација. Мала, но живописна клисура, е најдобриот начин да се опише Бислимска Клисура.
Природни убавини и можност за нова авантура
Откривањето нови места носи посебно задоволство и возбуда. Светот е огромен и исполнет со убавини што не можеме ни да ги замислиме, но и нашата држава е полна со такви, неоткриени места. Затоа, омилена викенд-активност ми е токму тоа, откривање ново ќоше на оваа планета Земја. Откако од повеќемина ќе слушнеш дека има една интересна клисура кај Куманово, ќе ја ставиш на агендата и ќе чекаш вистински момент за посета.
Едно неделно сончево утро решивме дека е време да ги откриеме тајните на Бислим и се упативме натаму. На 50 километри од Скопје, лесно достапна за рекреативци, но привлечна и за алпинисти, Бислимска Клисура е релативно непознато место, кое нуди природни убавини и можност за нова авантура.
За оваа клисура некој ќе рече и дека е мал кањон, и нема да погреши. Со своите високи карпести предели, токму на ова место таа потсетува на кањон. Реката Пчиња сосема мирно и спокојно си тече по својот пат и во меѓувреме ги дели карпите на два дела. Таму горе, во најразновидните карпести релјефи се кријат многубројни пештери, пропасти, остатоци од антички градби, кои сведочат дека ова место одамна било живо и населено. Разновиден растителен и животински свет, што прави вистинска авантура од истражувањето на ова место.
Рај за љубителите на карпа
Сонцето и првите мали цветови ни се потсетници дека доаѓа пролетта и ни се показател дека ова ќе биде еден убав ден. И така е! На излез од селото Пчиња се наоѓа влезот во клисурата. На повеќе локации има информативни табли, а патеката на движење е соодветно обележана. Набрзо, по влезот, нè пречекува високо издигната карпа, а таму гледаме повеќе спортски качувачи, кои уживаат во вертикалите што ги нуди ова место. Рај е и за љубителите на карпа. Гледаме повеќе насоки за качување и јасно е дека ова е совршено место за овој адреналински спорт. Но, и за тие што, сепак, не се искусни во екстремните спортови.
Ова место е совршено за сите, и за мали деца и за повозрасни, но и за планинари и за љубители на адреналин. Доколку си кондициски подготвен може со часови да ја истражуваш оваа природа, но ова место е идеално и за љубителите на кратки прошетки. Мала прошетка низ клисурата и излет со добро друштво е рецептот за совршен ден.
Да го чуваме и заштитиме тоа што ни е оставено
Клисурата е долга 6,5 километри, се протега од вливот на Кумановска Река во Пчиња до село Пчиња и до неа може да се пристапи од повеќе места, но наша почетна точка е селото Пчиња. Оттука почнува нашето истражување и полека се упатуваме кон горниот тек на реката.
Патеката нè води дел покрај реката, дел нè качува низ карпестите предели. Наместа стрмно низ варовничките карпи, но заштитната ограда е тука за да ни го олесни качувањето. На почетокот од патеката се наоѓа и Дуенички Пештер, една од помалите пештери во оваа област. Лесно е пристапна и влезот во неа е едно посебно искуство. Но, во пештерите треба да се пристапува многу внимателно, не е препорачливо без заштитна опрема, осветлување и стручен придружник. Ние само љубопитно ѕиркаме, нема многу украси, кои се својствени за другите пештери во овој регион.
Во оваа клисура најдолга пештера е Студен Пештер, 90 метри, а најдлабока пропаст (вертикална пештера) е Маркова Куќа, длабока околу 40 метри, додека со својот пештерски накит, најинтересна е Лишков Пештер. Понатаму патеката отвора поглед подлабоко во клисурата, каде што стрмните страни се речиси вертикални, а низ нив, во змиулеста форма, забрзано тече Пчиња. Секој чекор нуди нова слика, а ние продолжуваме по патеката, до други остатоци од античко време, до друга помала пештера. И сфаќаме дека милиони години природата го создавала местото, такво какво што е денес. Многу народи ја оставиле својата трага на ова место. Нам ни останува само да го чуваме и заштитиме тоа што ни е оставено.
Денот полека завршува, а оваа мала прошетка е како да си открил некоја долго чувана тајна. Откривме многу мал дел, оваа клисура нуди уште многу скриени тајни, но тие ќе ги оставиме за следна посета, некој друг ден… ја замислувам напролет, сосема раззеленета, со многу цветови, пеперуги и со истиот неверојатен поглед. Бислим, малата мистериозна клисура со многу прекрасни тајни.
И шарени цветови, ама, за жал, и догорчиња
Посетата на Бислимска Клисура е вистинско доживување, мало бегство од реалноста, нешто сосема поинакво од нашиот секојдневен живот во град. Но, има и неубави моменти, кои те враќаат во реалноста. И во оваа природа, по патеката покрај шарени цветови ќе забележиш и по некое шише, пакување од храна, догорчиња… Џабе се сите убавини што ги имаме, ако не знаеме да ги чуваме ние самите – луѓето што дошле да се им се одушевуваат на природните убавини не внимавајќи што оставаат зад себе.
(Авторката е планинарка и вљубеник во природата)