Образованието е истражување, осознавање на индивидуалниот потенцијал и создавање одговорни граѓани!
Ако на ученикот не му ја разбудиш љубопитноста, патувањето низ образовниот процес ќе му биде како возење во автомобил што мора да биде туркан зашто моторот не запалил. Бавно, неинтересно, клаустофобично и со мал дострел. Дали моторот ќе запали, зависи од наставникот, а кој ќе ја добие можноста да биде наставник и колку ќе се вложува во неговото знаење за развој на љубопитноста како мотор на достигнувањето, зависи од образовната политика.
Образованието што го консумира денес просечниот македонски ученик, практично му скратува речиси четири години од животот. Односно, според Индексот на човечкиот капитал на Светската банка, кога ќе наврши 18 години ученикот во Македонија ќе достигне само до 56 проценти од својот потенцијал. Единаесет години во клупа на тој начин се преведуваат во 7,3 години ефективно образование.
Пандемијата нè измести од образовниот шаблон, но моментот на криза може да се гледа и како можност за пресвртница. И во овој простор кога треба да се донесуваат брзи одлуки, важно е што по многу долго време, се отворија вистинските прашања во образованието, покрај тоа како ќе се одвива наставата во време на пандемија – развој на наставникот и враќање на неговото достоинство, свртеност кон потребите на новите генерации и отвореност да се постават основи за тоа како се учи и какви идни граѓани создава нашето образование.
Повеќето досегашни реформи ниту беа добро пречекани од тие за кои беа наменети, донесоа резултати. Но, и понатаму контролните тестови се најчестиот начин на оценување, а, како што нагласуваше меѓународниот советник за образование сер Кен Робинсон, учењето се случува во умот и во душата, не во тестовите. И целта на образованието е да ги поттикне младите да бидат љубопитни, да сакаат да истражуваат и да научат како се набљудува од различни агли, а процесот на решавање на проблемите да е предизвик низ кој ќе растат и ќе се осознаваат себеси.
Се сеќавате на неговиот ТЕД говор – „Училиштето ја убива креативноста“? Сега, кога пандемијата нè извади од шаблонот во кој се препелкавме, важно е да погледнеме во можностите и во потребите, тргнувајќи од прашањето – Што е целта на образованието?
а) Полнење на контејнерот со факти зашто колку што повеќе знаеш, толку повеќе вредиш!
или
б) Движење на учениците кон одговорни граѓани, кои размислуваат критички и низ процесот го препознаваат и го развиваат својот потенцијал.
До фактите денеска доаѓаме со еден клик на компјутер или на телефон, а создавањето одговорна популација со критичко размислување што ќе создаде подобро општество е процес во кој се вложува зашто трансформацијата на општеството почнува од трансформацијата во образованието.
Дигиталните алатки и мултимедијалните содржини што ќе се развијат сега и понатаму треба да се развиваат и применуваат во наставата, а учениците во иднина сè повеќе треба да стануваат истражувачи, да се поттикнуваат сами да стигнуваат до решенијата, секако, користејќи ги и алатките на дигиталната ера.
Бројката од 15 ученици во клас каква што имаме во време на пандемијата треба да си ја задржиме и во иднина, зашто искуствата покажуваат дека тоа е идеалната бројка за работа каде што може да се развие одлична интеракција, но и тимска работа и простор секој ученик да го добие потребното внимание.
Училниците, пак, да ги дизајнираме според потребите на учениците, а тоа треба да биде простор во кој тие се чувствуваат пријатно и колку што е возможно да се движиме кон настава во природа.
А програмите да ги дизајнираме во согласност со тоа какви политичари, бизнисмени, академци и, конечно – граѓани, сакаме да видиме во општеството откако ќе го завршат образовниот процес и да изградиме систем на филтрација на можноста да се стане наставник. Изборот на луѓето што сакаме да ги видиме како творци на иднината на општеството преку човечкиот капитал што ќе помине низ нивни раце е сериозна задача.
И, секако, да се вложува во развојот на наставниците и во условите во кои тие се образуваат и работат, во нивната мотивација и надградување. Зашто тие се столбовите од каде што почнуваат промените што ќе овозможат креативни предавања, кои зависат од нивните вештини и од нивната подготвеност да ги поттикнат учениците да размислуваат надвор од шаблонот.
Образовниот систем од иднината е култивиран по хоризонтала, по различните аспекти што ги гледаме и често зборуваме за нив во дебати што одат во недоглед. Дел од аспектите на овој хоризонтален процес го следиме и во ова издание на „Лице в лице“. Благодарни сме им на сите стручњаци, професори, наставници и на учениците, кои секој од свој агол го нахрани контејнерот на сознанијата што овде ги изнесуваме заклучувајќи дека ученикот, освен информиран, од образовниот процес треба да излезе со една нова свест за себе и за својата улога и одговорност во општеството.
Со свесност дека токму Таа и Тој се одговорот на предизвиците што, секако, се отворени пред новите генерации. Но, во исто време со самодоверба што ќе им овозможи да не прават компромиси со својот потенцијал и да го стават во функција на одржливиот пораст на општеството, место во функција на агенди и на начин на размислување што ги создава еколошките, економските и социолошките проблеми со кои живееме.