Лице в лице тема

Да креираме образование што ќе создава генерации со вредности!

Доживотно учење како постулат на образовниот систем, директори на училишта што лесно влегуваат во чевлите на наставниците и наставници што одлично го разбираат светот и потребите на учениците, училници дизајнирани според потребите на учениците, интерактивна настава со вклучување на дигитални алатки која дава значење на создавање генерации со вредности и која поттикнува на критичко размислување, вложување во создавање силен и подготвен наставнички кадар, храбра влада што безрезервно ќе вложи во образованието зашто знае дека така инвестира во подобра иднина. Ова се клучните насоки сублимирани од во два и полчасовниот дијалог што се одржа на платформата „Зум“ на кој присуствуваа повеќе од 50 учесници, стручњаци за образовние од земјава и од странство, професори, наставници, студенти и ученици, претставници на граѓанскиот секторна тема „Иднината на образованието“.

Вреднувањето на наставникот не значи само зголемување на платата

Ни претстојат реформи во образовниот систем, кои многумина долго ги очекуваат. Учесниците на дијалогот на „Зум“ сегашниот систем го опишаа како крут, застарен, хаотичен, бавен, тромав, неинвентивен… А посакуваат да го видат трансформиран, отворен, еднаков за сите и пристапен, модернизиран. 

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, вели дека засега имаат одговори на 10 отсто од прашањата. 

– Потребни се многу подобрувања и осовременувања за да прерасне во образовен систем што ќе ги пресретне потребите на учениците. Деновиве често се среќавам со ученици, тие се изворот на информации. Нивните очекувања треба да ми бидат предизвик. Се гледам и со наставниците. Во кабинетот веќе имам една од најдобрите наставнички во земјава. Такви наставници ни требаат – што се грижат за учениците, не дали фактографски научиле, туку дали се граѓани што ќе ги достигнат вредностите што ги очекува општеството, што ќе бидат продуктивни за семејството и за себе, за општеството и економијата. Такви наставници постојат, тие се тука – вели Царовска.

Според неа, прв чекор во реформите треба да биде враќањето на достоинството на наставникот. Посочува дека мнозинството често се труди да ги омаловажи, да каже дека не се добри, но не треба да се генерализира. Вели, има добри и помалку добри наставници, но има и најдобри, кои заслужуваат шанса и поддршка да станат примери на кои ќе се огледаат другите.

– Ставете се во нивна позиција. Имаат притисок од директор, од локална самоуправа, од родители, непочитување од ученици. Тоа не смее да биде дозволено. Мора да ги вратиме основните вредности, што значи почит, да се учи во училиште. По семејството, училиштето е втората социјализација што ја имаме во животот. Фактите може да ги прочитаме во книга и да ги запаметиме. Но, наставникот нѐ учи како критички да размислуваме – вели Царовска.

Во нашето образование, главно, постои инфраструктура, но треба да ја засилиме. Министерката е децидна дека постојат наставници што треба да станат моторот на подобрување на образованието. Но, во изминатите 15 години наставникот не бил вреднуван, системот не вложувал во него.

– Вреднувањето не значи само зголемување на платата. Грижата за нив, континуирана обука, поддршка, унапредување, развој на кариерата… Не може да почнете кариера како наставник и засекогаш да завршите на таа позиција. Тоа не е добро за менталното здравје на наставниците, губат мотивација. Потребна е шанса за напредок во образованието, зашто секој се гледа некаде. Не може да имаме добар образовен систем без мотивирани, добри наставници – вели Царовска.

Шкотска вложи цело богатство во едукативниот систем

Николас Морган е стручњак за образование од Шкотска. Секогаш се радува кога ќе види ентузијазам кај младите луѓе. Според него, главното прашање е како тие да се задржат мотивирани, како подобро да се дизајнира начинот на кој учат.

– Разговараме за курикулумите, содржината и вештините, но не разговараме за големите нешта, на пример, какви млади луѓе сакаме во нашето општество. Какви се нивните вредности, ставови, начинот на кој би сакале да се однесуваат? Треба почесто да разговараме на оваа тема. Ако стигнеме до консензус каква младина сакаме, ќе знаеме што да сториме за да постигнеме таков развој – вели Морган.

Тој објаснува дека шкотските власти храбро поддржуваат експерименти и иновација во нивниот образовен систем. Вложени се многу пари во програми поврзани со сиромаштијата во училиштата и како да се подобри состојбата на младите луѓе што живеат во сиромаштија. 

– Голем дел од оваа поддршка нема огромно влијание, но некои делови имаат добар одѕив. Со експериментирање, нештата понекогаш дејствуваат, понекогаш не. Но, владата беше храбра и го прифати тоа на самиот почеток. Секогаш знаеја дека ова вложување пари долгорочно, можеби, нема да се покаже како добра инвестиција, но, и покрај тоа, инвестираа. Храбро постапија и што им веруваа на наставниците. Голем дел од довербата ја препуштивме на нив, да го искажат професионалниот став. Тие ги употребија своите вештини како голема предност. Довербата многу ги мотивираше наставниците. Знаат дека ја имаат поддршката на владата да направат најдобро што можат – објаснува Морган. 

Погледнете го видеото во кое Морган појаснува зошто владата на Шкотска ја сметаме за храбра, вложувајќи во иновации во образованието и кои се начините на истражување за време на предавањето, за кои зборува Стенстром

Сличен начин на размислување, но многу поинаков според организацијата и начинот на дејствување, претстави Ема Стенстром, директорка на Центарот за уметност, бизнис и култура – Школа за економија во Стокхолм, Шведска. Таа преку својата работа ги претстави визиите и напорите за одржлив развој на еден поинаков начин. 

Според Стенстром, за системски промени во образовниот процес се потребни многу нешта, но исклучително е важно да се копа длабоко. Да се смени мислењето, ставот, умот. 

– Мора да посегнеме длабоко, посуштественото. Правиме толку многу во образованието и воведуваме вештини, вештини и уште вештини. Тоа е во ред, но мора да работиме и на развој во вертикална смисла. Да го развиваме нашиот ум, начините на кои размислуваме, да работиме на себе, на нашата етика. За да го постигнеме тоа, мора да внесеме различни дисциплини. Јас работам во бизнис-институција и многу се загрижувам кога студентите почнуваат ментално да се насочуваат во одреден правец. Тогаш е неопходно да внесеме различна дисциплина и да излеземе од бизнис-сферата (во мојот случај) и да се поврземе со организации и со општеството воопшто – објаснува Стенстром. 

Универзитетот на кој предава е престижна институција, традиционална од многу  аспекти. Се изучува бизнис на традиционален начин. Но, во еден момент забележале дека не разговараат доволно на прашањето: Каков вид граѓани сакаат да едуцираат? Се наметнало прашањето како да ги подготват студентите за работните места каде што ќе донесуваат одлуки за целото општество. Како подобро да ги подготват за да ги достигнат глобалните цели. Решиле да го реформираат курикулумот и подготвиле поинаква програма за сите студенти. 

– Тие мора да бидат изложени на информации за одржливоста, за глобалните предизвици, но истовремено мора многу да размислуваат за себе, за вредностите, за етиката, за нормите, за меурите во кои живееме. На  истражувања на овие теми посветивме време и, конечно, правиме нешто, преземаме акција. Не само да зборуваме за нештата – вели таа.

Шведска работи на човечки развој

Стенстром е дел од поголема иницијатива во која се вклучени повеќе различни универзитети во Шведска и уште неколку од странство и владата. Се нарекува „Мајндшифт“. Истражуваат каков човечки развој му е потребен на општеството воопшто. Не се опфатени само младите, туку сите во процесот на доживотно учење. 

– Со нас во групата работи и министерот за образование. Деновиве владата најави дека ќе плати 60 отсто од трошоците за развој на компаниите во време на ковид-19. Се обидуваме да привлечеме многу организации во Шведска да се приклучат на овој „Мајндшифт“, да го спроведат и да го почнат тој вертикален развој. Не зборуваме само за промена на умот, туку како да го постигнеме тоа? Толку многу разговаравме за глобалните цели за одржлив развој, но какви граѓани ни требаат за да можеме да ги достигнеме тие цели? Можеби е време да зборуваме за инерглобални цели – објаснува таа.  

На прашањето низ каков процес треба да помине студентот за да стане личност што сакаат да ја видат на крајот на образовниот процес, Стенстром одговара дека основата ја здобиваат по традиционален академски пат. Но, потоа многу работат на практични примери. Зборуваат за знаење и за дејствување и доаѓаат до делот на суштественото (being).
– А тој дел е многу поподатлив за експериментирање и за искуство. Се разбира дека и тука внесуваме теорија, но, во меѓувреме, многу работиме на различни методи. Нашите студенти се многу привилегирани и мора да разберат дека привилегијата носи и голема одговорност. Ги поврзуваме, ги мотивираме да влезат во тежок разговор со луѓе што се различни од нив. Забележавме дека тоа го менува умот на студентот, станува посвесен за светот во кој живее – објаснува Стенстром.

Погледнете го видеото и слушнете повеќе за тоа како Стенстром го објаснува овој процес

Никола Стиков, професор на Универзитетот во Монтреал, Канада, вели дека е фасциниран што бизнис-школите се ангажираат на овој проблем. Добро е што постојат профили како Стенстром во бизнис-школите, кои се обидуваат да работат на слободна мисла, критичко размислување и на оригиналност. Студентите три години по ред го избираат Стиков за најдобар професор. 

– Голем придонес во тоа има и фактот што предавам на француски – јазик што не го владеам. Мислам дека студентите чувствуваат дека сум изваден од мојата комфорна зона, затоа добро реагираат на таков начин на предавање. Јас најдобро функционирам таму каде што сум малку аутсајдер. Мислам дека истото треба да важи и за наставниците, а и за политичарите – малку да излезат од флоскулите со кои сакаат да нѐ заплискуваат. Учениците, пак, да научат дека не е сѐ до фактите. Треба да се развива научна култура и ментална фискултура преку поставување на вистинските прашања – вели Стиков.

Кризата може да биде шанса за скоковит развој

Анита Ангеловска е директорка на основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во скопското село Стајковци. Смета дека улогата на директорот не е само менаџирање од економски аспект и подобрување на физичката средина во училиштето, туку треба да биде педагошки подготвен. 

– Директорот треба да се чувствува како наставник, да биде прв меѓу еднаквите и да им овозможи на наставниците да се чувствуваат пријатно на училиште. Да овозможи наставникот да ги има сите услови за работа неопхoдни за доживотно учење. Образованието е секогаш пред нас и мора да го следиме. Ни се случи пандемијата, но развојот на техниката, технологијата и на науката бара доживотното учење, а директорот е тој што мотивира – вели таа.

Ангеловска вели дека клучно за нејзиниот професионален развој, тоа што длабоко ја мотивира да извади максимум од себе, е да им овозможи на учениците да се развиваат во секој поглед.

– Тие ќе го водат општеството, а ние мора да им овозможиме демократска партиципација каква што заслужуваат – вели Ангеловска.

Лина Ќостарова – Унковска, психолог и основач на Центарот за психосоцијална и кризна акција пак, нагласува дека ни бега контекстот во кој живееме, иако го доживуваме секојдневно.

– Едниот контекст е пандемијата, другиот е сиромаштијата, третиот е некоја средина во која е доминантна патријархалноста за која знаеме дека генерира нееднаквост по сите основи, а таа се прелева без никаква задршка и во образовниот систем. Од друга страна, за кризата треба да знаеме дека може да биде огромна шанса за скоковит развој, за храбри и радикални промени во една посакувана насока.– објаснува Ќостарова – Унковска.

Според неа, националната платформа за настава на интернет е дел од тој развој, но недостига поголема доверба, храброст да се вложи во човечки ресурси, во локалната заедница, во колективот. 

– Мора да дадеме сложени, комплексни одговори бидејќи кризата тече, има своја динамика и фази, а не сме сите во исто време во иста фаза. Мораме да бидеме брзи, но и внимателни, строги, но приспособливи и тоа се, навистина, многу големи барања што се поставуваат пред системот, поединецот и пред колективот. Но, одговорот на кризата мора да биде колективен, заеднички. Не може поединецот да излезе на крај со ваква криза – вели Ќостарова – Унковска.

Погледнете го видеото во кое Ќостарова Унковска зборува за овие аспекти.

Образуваме генерации што достигнуваат половина од својот капацитет

Светска банка го објави Индексот на човечки капитал, воведен во 2018 година, со кој се мери износот на човечкиот капитал што едно дете родено денес може да го постигне за 18 години. Бојана Нацева, стручњак за образование на Светска банка објаснува дека индексот ја изразува продуктивноста на следната генерација, која ја споредуваме со години на завршено просечно образование. Тој опфаќа неколку компоненти и е направен за да им покаже на земјите дека инвестициите во образованието треба да бидат насочени кон еднаков пристап до квалитетно образование на сите деца, здобивање трансферзални компетенции, место поттикнување меморирање и репродукција на материјата, и свест дека учењето е доживотен процес.

– Според индексот на човечки капитал, едно дете родено во нашата држава ќе постигне 56 отсто од својот потенцијал кога ќе наврши 18 години. Иако процентот е зголемен за два отсто, многу е понизок во однос на земјите во регионот и на Централна Азија. Треба многу да се работи – вели Нацева.

Просечно дете во Македонија до 18-годишна возраст поминува 11 години на училиште. Но, кога тоа ќе се приспособи на наученото, излегува дека во образование детето поминало само 7,3 години. 

– Имаме 3,7 години јаз од учење. Изгубена е огромна продуктивност не само за граѓаните, туку и за сите млади што живеат во оваа земја – вели Нацева.

Учењето е континуиран процес, кој почнува од раѓањето на секое дете, продолжува низ образовниот систем, од институциите што ја опфаќаат предучилишната возраст, преку основното, средното и високото образование, но не завршува тука. Знаење, вештини и компетенции се здобиваат секојдневно, преку комуникација, преку неформално образование, отвореност за нов поглед кон светот. Најразвиените земји во светот одат дотаму што бараат начини да се смени погледот на свет, начинот на размислување и насочување на поединецот да тргне од себе, да сфати како единката може да влијае да се постигне добро за цела заедница. А сето тоа потекнува од образовниот процес.

Според Нацева, децата секогаш на едноставен начин ги детерминираат проблемите во образовниот систем. 

– Кога веќе зборуваме за човечки капитал, може да бидеме среќни што имаме млади луѓе на кои им требаат само крилја, слобода да поставуваат прашања и да го создаваат процесот, свесни дека не се само дел од своето семејство, туку и од општеството. Свесни дека колку што општеството треба да им овозможи поддршка и развој, толку тие треба да му вртат на општеството во неговиот развој на следните генерации – заклучи Нацева. 

Со експертката за образование на Светска банка, Нацева, направивме и интервју. Прочитајте го овој линк.

Лидија Николовска – Георгиевска, претседателка на Сојузот на просветните работници, вели дека образованието на идниот граѓанин почнува од раѓање, а важен дел се случува во предучилишната возраст. За секое дете е пресудно да се чувствува сигурно и безбедно. 

– Децата не се раѓаат само како биолошки, туку и како социјални битија. Затоа родителите треба да создаваат топла семејна атмосфера, интеракција на разбирање и на почит. Детето учи со имитација, набљудување и родителите мора да даваат позитивен пример. Така тоа создава слика за своите можности, а потоа за светот што го опкружува. А семејството е сигурна база од каде што детето го истражува светот. Треба да се поттикнува желбата и ентузијазмот за истражување – вели Николовска – Георгиевска.

Николас Морган: Инвестирајте во наставниците!
– Инвестирајте во наставниците. Не само да им дадете компјутери да работат и да ги платите соодветно. Овие нешта се важни, но дајте им поддршка да си ја вршат својата работа најдобро што можат кога им ги доверувате младите луѓе. Професионалниот развој е многу важен. На пример, педагогијата – како ефикасно да ги учат децата на интернет. Тоа ќе биде исклучително важно во наредните месеци. Мора да им помогнеме како да го направат тоа ефикасно. Уверете се дека вистинските луѓе влегуваат во професијата и тогаш дајте им ја поддршката за сѐ што им треба да го направат најдобро што можат – вели Николас Морган, стручњак за образование од Шкотска.

Ема Стрентом: Предавањата им ги препуштам на студентите
– Кога организирам предавање, секогаш размислувам за различни стилови на учење и се обидувам да ги внесам сите елементи. Не предавам само на начинот на кој јас самата учам. Многу користам peer to peer учење – излегувам од улогата на учител и барам од студентите да преземат. Тој систем е одличен. Во позиција сум да ги учам „учителите“, но, всушност, тие сами се учат себеси. Формирам групи што си избираат предмети за кои се интересираат, сакаат да научат повеќе и стануваат фантастични наставници едни на други. Тие ги водат работилниците, семинарите, го пишуваат курикулумот на крајот од курсот – вели Стрентом.

Погледнете го видеото во кое ги пренесуваме ставовите на Стенстром и на Морган во однос на прашањето какви граѓани треба да едуцираме.

Мила Царовска: Не смееме да останеме во крут систем како денешниот
– Би сакала да создадеме систем што ќе биде приспособлив. Не смееме да имаме крут систем како денешниот. Но, потребни ни се сите институции, и наставниците и директорите на училиштата. Ако ја поттикнеме креативноста и одговорноста кај наставниците, да се согласат да добиеме подобра настава од таа што ја имаме денес. Да видиме дали на соодветен начин се пренесува знаењето, колку децата ни излегуваат подготвени од системот, дали запаметиле факти или имаат критичко размислување и донесуваат одлуки за различни прашања. Натаму треба да се движиме, но мора да сме отворени за промени. Нема утре да создадеме совршено образование, но можеме да ја трасираме патеката – вели Мила Царовска, министерка за образование и наука. 

2 thoughts on “Да креираме образование што ќе создава генерации со вредности!

Напишете коментар