Од Радожда до Свети Наум – рекорди во продажба и во километри
Како пеш или со велосипед да го истражите Мариово?
Во оваа намера летово ќе може да ви помогне продавачот на „Лице в лице“ Игор Шајноски од „Порака нова“ од Струга, кој на купувачите на списанието, и негови пoддржувачи, ќе им дели и мапи што даваат насоки како самостојно да се истражи овој наш крај. Од Радожда до Свети Наум! Тоа е маршрутата на Игорче, кој вообичаено, летните месеци е најмотивиран за работа. Тимскиот дух на „Порака нова“ придонесува тој да може непречено да ги посетува местата на охридското крајбрежје уривајќи рекорди во продажба, но и во поминати километри на дневните релации од нивниот план.
Продава самостојно и се дружи со поддржувачите, а планот за продажба и за дистрибуција го прави неговиот ментор Стефан, кој му ја дава и поддршката на Игор во патувањата кон Охрид и кон охридските плажи. Во овој синџир, алката што ќе ја надополни целата слика се токму читателите и поддржувачите на списанието.
– Најубавите места на целиот свет се Струга и Охрид! Изобилуваат со најубави природни убавини и богатства. Имам чест да живеам и работам покај Охридско Езеро. Се надевам дека ова ќе биде уште поубав период за туризмот и за продажба на списанието. Уживам во разговорите со многу туристи од Македонија, но и од целиот свет и верувам дека ќе запознаам уште многу нови луѓе додека го продавам списанието – вели Игор, горд радожданец.
Неговите способности, но и поттикот, континуираната мотивација и поддршка да работи, да заработува и да напредува, се одлична приказна, која ќе мотивира многумина. Така, дури е на теренска продажба, Игор ќе ги впива и реакциите на сограѓаните, кои потоа ќе ги сподели со тимот на проектот „Лице в лице со дезинформациите и говорот на омраза“, преку кој тимски, „Паблик“ и „Порака нова“ ќе понудат контранарација на овие негативни појави и соочување со лажните вести. Во фокусот е градењето отпорност кај граѓаните и, особено кај младите, кон дезинформации, а преку овие активности „Лице в лице“ ќе понуди платформа што ги еманципира овие актери за активизам, соработка со медиумските работници и поттикнување позитивни приказни што ќе го намалат влијанието на лажните вести и на говорот на омраза врз публиката. Освен тоа, ќе влијае и на засилување на капацитетите на локалните граѓански организации, локалните медиуми и медиумски работници и, општо, на граѓаните во општина Струга за медиумската писменост и критичко размислување како клучни во оваа нерегулирана информациска и дигитална ера.