Педесет броја промена
Јубилејниот, педесетти број им го посветуваме на претпријатијата што се двигатели на промени, кои се стремат кон одржливо лидерство, кои ја разбираат улогата на бизнисот во создавањето подобро општество, претпријатијата што применуваат професионално менторство за кое зборуваме низ страниците на овој број
Постојано слушаме за промената.
Личната промена, промена на навиките, убедувањата, перцепциите, вредностите. За општествената промена. За неопходноста од промена во односот кон планетата, кон животните, промена во однос на начините на водење на бизнисот, на политиката… Но, колку можеме да бидеме сведоци на овие промени низ некакви индикатори или за нив зборуваме низ призма на свесноста за нивната неопходност или од призма на добра намера?
Работејќи на 50. јубилеен број на „Лице в лице“, сфативме дека самиот број е индикатор на промена. Низ овие педесет изданија, низ десет години постоење, стотиците читатели станаа илјади читатели, овие илјади влијаат на својата околина и придонесуваат за будењето на свесноста, проактивноста, дејствувањето во општеството. Се менувавме и ние како тим зашто во континуитет имаме можност да учиме од граѓани, професионалци, автори на текстовите во „Лице в лице“ што укажуваа на пропустите во општеството, но и нудат решенија. Тие се нашата движечка сила, заедно со нашите продавачи. Дури некои читатели си оформиле и нешто како клубови и по излегувањето на новиот број се состанувале за да дискутираат за темите. Овие читатели се и автори, тие се луѓето што ги движат малите, но значајни промени во нашето општество.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”show” ihc_mb_who=”4,5″ ihc_mb_template=”3″ ]
Промената се и нашите продавачи, го менуваа својот живот, но нè менуваа и нас. Нè предизвикуваа да бараме нов пристап, нови решенија, зашто постојните не функционираа. Така се роди социјалното менторство – менторство при работна интеграција, иновација што беше предизвикана од теренот следејќи ги директно потребите на лицата што потешко можат да се вработат.
Паралелно, преку други иницијативи на „Паблик“, подобро ги запознававме и претпријатијата, нивните потреби, предизвици, нивната ранливост. Претпријатијата ги водат луѓе и промената, пред сè, на луѓето што ги водат значи и промена во работната клима, и позадоволни вработени, и поголема ефикасност, и подобар бизнис. Ме фасцинираше изјавата не една од управителите на една наша голема компанија и високото ниво на освестеност за улогата на бизнисот во општеството. „Ако создадеме инклузивна работна средина во која вработените се чувствуваат добро, ако се тие задоволни на своите работни места, стануваат и поефикасни работници, стануваат подобри за себе, но и за својата околина и за општеството“. Отворањето на бизниси во земјава за создавање инклузивна работна средина, бизниси свртени кон вработените и кон животната средина, освен кон профитот, е, исто така, промена на патот кон создавање поодржливо општество.
Затоа јубилејниот, педесетти број, им го посветуваме ним, на претпријатијата што се двигатели на промени, кои се стремат кон одржливо лидерство, кои ја разбираат улогата на бизнисот во создавањето подобро општество, претпријатија што применуваат професионално менторство за кое зборуваме низ страниците на овој број.
А промената се крие во малите чекори. Во малите јасни одлуки да се тргне во нова насока, различна од стариот шаблон на однесувања на кој сме навикнати да се движиме со години. И неминовно, кога зборуваме за промената, се наметнува мотивациската мантра на антропологот Маргарет Меад:
Никогаш не сомневај се дека мала група грижливи, посветени луѓе може да го сменат светот!
[/ihc-hide-content]