Превенцијата на сајбер сексуално насилство треба да почне од училиште
Сексуалното вознемирување првпат го искусив во основно училиште и, секој пат кога дискутирам за тоа, сметам дека е соодветно, особено во контекстот на „Јавна соба“.
Во шесто или седмо одделение дел од момчињата во нашето одделение почнаа да ги допираат девојчињата за нивните гради или задник, без нивна согласност. Јас бев една од тие девојки на кои ова им се случуваше почесто. Ова насилство го пријавив кај класната. Тоа беше еден и единствен пат кога сум пријавила сексуално вознемирување / насилство кај некој надлежен.
„Како не ви е срам да се однесувате така!“ викаше нашата класна. Се сеќавам дека беше вистински лута, но, освен нејзиното викање и јавно срамење, овие момчиња не искусија никакви други последици. Наставничката не почна каква било процедура со која тие би добиле дисциплински мерки. Во конкретниот случај, имаше барем пет-шест жртви, можеби и повеќе, но на администрацијата на нашето училиште, очигледно, тоа не ѝ беше важно. Во најмала рака, требаше момчињата да ги пратат кај психологот или педагогот, иако, според моето мислење, во ваква сериозна ситуација би биле соодветни и построги дисциплински мерки. Мислам дека тогаш научив дека нема поента да се пријавува сексуално насилство или вознемирување бидејќи дури и кога ми веруваа надлежните (односно мојата класна), сепак ништо не се презеде. Секако, сексуалното вознемирување продолжи.
Нормализирано како „безопасно шегување“
Често размислувам за овие инциденти бидејќи, преку пасивноста на училишната администрација, овој вид вознемирување целосно се нормализираше во нашиот клас. Таа нормализација се случи бидејќи немаше никакви последици за момчињата и бидејќи мислам дека момчињата (а веројатно и девојчињата) не го разбираа концептот на согласност до крај. Бидејќи немавме програма за Сеопфатно сексуално образование (ССО), многумина од нас не знаевме што преминува преку одредена граница, а што не. Дури се сеќавам дека некои од момчињата се шегуваа со едно друго момче (ќе го наречеме Андреј), за кое сметаа дека „не е кул“ бидејќи никогаш не допрел девојче за задник (без согласност).
Ми текнува дека дури и јас ја интернализирав оваа сексистичка логика и во еден момент помислив дека Андреј е губитник бидејќи не учествувал во овој вид насилство. Всушност, во нашиот клас полека се создаваше една нарација за машкост (секако, поткрепена од веќе постојната општествена нарација), каде што немање искуство со сексуално вознемирување девојчиња се поистовети со немање сексуално искуство, што, пак, се поистовети со одреден вид феминизација. Момчињата во нашето одделение не го сметаа Андреј за „вистински маж“ бидејќи тој никогаш немаше сексуално вознемирувано некоја девојка. Ова не е некоја уникатна нарација, која магично се појави во нашето одделение, туку етаблирана општествена нарација, која е поткрепена од поп-културата, домашното однесување, полициско игнорирање на женската болка и од многу други аспекти од нашето опшество.
Не сум во контакт со ниту едно момче од моето одделение во основно, но се прашувам како се однесуваат сега кон девојките и жените во нивниот живот денес. Дали некогаш на своите пријатели, членови од семејството или партнери им признале дека сексуално ги вознемирувале своите соученички во основно училиште или, можеби, и понатаму во животот сексуално вознемирувале други жени? Дали воопшто ова однесување го перципираат како погрешно? Дали, можеби, некои од нив се членови на „Јавна соба“? Искрено, ова не би ме изненадило.
Истовремено, сексуалното вознемирување е нормализирано како, наводно, „безопасно шегување“, а и сѐ уште се смета за табу-тема за која ретко се зборува. Често, тие што зборуваат јавно за своите искуства со сексуално вознемирување и насилство се сметаат за храбри бидејќи ретко кој се осмелува да ја отвори таа тема знаејќи во какво (патријархално) општество живееме. За секоја пофалба што ја добиваат овие храбри жени (и луѓе од друг род), има уште толку сексистички сомнежи, изразување недоверба наспроти жртвата и коментари од типот „ова го прават за внимание“.
„Жртвите се сами виновни што се жртви“
Во последните неколку години, со феминистичките кампањи #СегаКажувам и #КадеНеОдам, овие теми полека се отвораат. Но со инцидентот „Јавна соба“ во 2020 година, а особено во 2021 година се отвори поттемата за кибернетското сексуално насилство.
Се појавија многу проблематични дискусии. На пример, како (конзервативни) реакции за потребната едукација на момчињата за сексуална согласност, се објавуваа постови што инсистираа дека треба да се едуцираат „децата“, а не само синовите. Со ваквата реторика, на не толку суптилен начин, се ставаше вината еднакво на злосторниците (кои се најчесто момчиња / мажи) и на жртвите (кои се почесто девојки / жени, но, секако, некогаш се мажи и луѓе со различен родов идентитет) на сексуално насилство. Преку ваква реторика, жртвите на сексуално насилство искусуваа таканаречена „двојна виктимизација“: тие беа истовремено повредени од сексуалното насилство и од страна на луѓето од нивната средина, кои сметаат дека жртвите се самите виновни што се жртви.
Овој вид сексизам не е нешто што постои само кај обичните граѓани, туку е поткрепен од државните институции: Со популарното видео на „Инстаграм“ за нејзиното искуство како жртва на „Јавна соба“, Ана Колева ја потресе јавноста. Се разбира дека однесувањето на сите мажи што ја вознемирувале е за комплетна осуда и, секако, има основа за барање кривична одговорност од нив. Но, дури повознемирувачко е што службениците од Одделот за кибернетски криминал во Скопје ѝ кажале дека „не можат да ѝ помогнат бидејќи таа е полнолетна личност“.
Тоа што ѝ било кажано не е ни точно. Во интервју на „Слободна ТВ“, Калиа Димитрова од Хелсиншкиот комитет за човекови права и главна уредничка на „Медуза“, објаснува дека Колева можела да покрене постапка за злоупотреба на лични податоци преку која злосторниците би биле казнети со една година затвор и со парична казна.
Тоа што ни се случува на интернет има последици во нашиот вистински живот
Случајот на Ана не е изолиран. По два протеста, две прес-конференции на Платформата за родова еднаквост, герила-акции и многу други видови активизам, ниту една од жртвите на „Јавна соба“ сѐ уште нема добиено вистинска правда. Пасивноста на овие неколку институции околу „Јавна соба“ е само еден симптом на системската мизогинија на полицијата. По првата прес-конференција на Платформата за родова еднаквост насочена кон МВР, полицискиот синдикат реагираше многу дефанзивно и ги отфрли обвиненијата за (сексистички) непрофесионализам. Оваа реакција беше екстремно апсурдна бидејќи, ако ништо друго, самиот нерешен случај на „Јавна соба“ докажува дека полицијата се однесува непрофесионално во случаи на родово базирано насилство, особено тоа што се случува во виртуелниот простор.
Надлежните институции мора да разберат дека виртуелниот простор е многу реален простор. Тоа што ни се случува на интернет има последици во нашиот вистински живот. Интернетот веќе подолго време е платформа каде што секојдневно се случува сексуално вознемирување во различни форми како „тролање“, споделување интимни фотографии без дозвола, праќање фотографии од машки полови органи на жени без нивна согласност итн. Овој вид виртуелно или кибернетско насилство и вознемирување мора да се сфатат сериозно и да бидат разбрани како родово засновано насилство. Но, казнувањето на ова насилство е само еден дел од решението. Другиот дел е да се посвети поголем фокус на сексуалното образование на младите за да се превенира ова насилство во иднина.
Секако дека има поврзаност меѓу инцидентите што јас и многу девојчиња сме ги искусиле во основно училиште, немањето сексуално образование во клучните тинејџерски години и појавата на групи како „Јавна соба“. Ако не разбираме што сексуалната согласност до крај значи, сѐ почесто ќе има инциденти на сексуално вознемирување и на насилство. И, секако, во 21 век, важно е таа дефиниција на согласност да ја опфати и нашата дигитална реалност за да создадеме вистински еднакво општество.
(Авторката е дел од феминистичката платформа „Медуза“)
Текстот е објавен во 45. издание на „Лице в лице“