Не е обљуба туку силување – зошто медиумите мора да известуваат родово сензитивно?
Медиумите имаат исклучително важна улога во справувањето со родово базираното насилство, бидејќи начинот на кој информираат влијае врз јавната свест, охрабрувањето на жртвите да пријават и на институционалната одговорност. Затоа, родово сензитивното известување не е прашање на стил, туку прашање на јавен интерес, професионална одговорност и етика – изјавува Нора Калиќи, претседателка на Советот за етика во медиумите
Пишува: Сања Јачевска
Фотографии: приватна архива на соговорниците
Илустрации и колажи: Freepik.com
„Шокантна семејна драма во Тетово“, „Обвинение за полови дејствија со дете“, „Сексуален инцидент во Охрид“, „Две жени пријавиле семејно насилство во Скопје“, „Монструозно убиство се случило во Гостиварско, жена била грабната и убиена“…
Ова е сегмент од едно кратко пребарување за тоа какви сè родово несензитивни наслови се користат во медиумите, при родово сензитивно информирање. Со чест на исклучоци, медиумите при информирање за родово базирано насилство, го ублажуваат речникот, романтизираат или сензационализраат. Во интерес на привлекување публика, кликови, читаност, или, можеби од незнаење, користат несоодветни термини.
Влијанието на медиумите во денешно време е до тој степен значително што тие, во голема мера, ги обликуваат јавните перцепции и личните уверувања. Тие се многу повеќе од извор на информации и се креатори на реалноста. Оттука е релевантно каков речник се користи во информирањето за родово базирано насилство.
Подетално за тоа како треба родово сензитивно да се известува, да се информира и каков речник треба да се користи, разговараме со експерти и познавачи на темава.
Најчувствителни се грешките кај сексуалното насилство
Д-р Марина Тунева, експертка за медиумска етика и стратешки комуникации и авторка на „Прирачник за родово сензитивно известување во медиумите”, ни сподели дека, од нејзиното искуство и истражување, најчесто гледа три видови јазични грешки што ја искривуваат реалноста.
– Прво, насилството се „омекнува“ со романтизирачки или банализирачки зборови, како на пример, „семејна расправија“, „караница“, „љубомора“, „не можел да ја преболи“, „несреќна љубов“. Тоа го преместува фокусот од одговорноста на сторителот кон емоции и наратив на „драма“, како да се работи за нешто што „се случило само од себе“ – споделува експертката.

Втората јазична грешка, вели Тунева, е воведување формулации што ја ставаат жената во позиција да се правда.
– На пример, „зошто не заминала“, „што правела таму“, „како била облечена“, „дали го испровоцирала“. Овие рамки создаваат втор круг на повреда, односно секундарна виктимизација, хранејќи ја културата на сомнеж и стигма. Трето, кај сексуалното насилство сè уште се среќава јазик што звучи како да опишува „интимен чин“, а не напад, со користење на зборови од типот „обљуба“, „полов акт“, „имал однос со неа“ – вели таа.
Тунева објаснува и дека некои од тие зборови постојат во правниот речник, но при новинарското известување, честопати делуваат деградирачки и го бришат клучниот елемент, а тоа е отсуството на согласност.
– Попрецизно и професионално е да се користи соодветен речник и нештата да се нарекуваат такви какви што се во реалноста – „сексуален напад“, „сексуално насилство“, „силување“, а и да се остане на фактите, без детали што ја еротизираат или сензационализираат траумата – споделува Тунева.

Тунева го составила прирачникот од многу практичен мотив.
– Во Македонија имаме формално-правни обврски и институционални механизми за заштита, но медиумската рутина честопати останува заробена во стари шаблони од типот брзи вести, „црна хроника“, сензационализам и јазик што ненамерно повредува. Пораката до медиумите е јасна – не се бара „друг вид новинарство“, туку подобро новинарство – децидна е таа.
Додава и дека ова значи да се именува насилството на вистинскиот начин, да се зачува приватноста и безбедноста на жената, да се избегне јазик што обвинува и да се даде контекст што служи на јавниот интерес.
– Кога се обработуваат вакви теми, професионалноста не е само точност, туку и одговорност поврзана со тоа дали нашата новинарска содржина ќе помогне жените да добијат охрабрување и информации за помош или, пак, ќе им биде уште една причина да молчат – објаснува Тунева.
Насилството – приказна што служи за кликови
Според нејзините анализи, за родово сензитивно информирање и родово базирано насилство, сликата на новинарските извештаи е мешана, со јасна разлика меѓу медиумите што вложуваат во стандарди и оние што работат исклучиво „набрзина“. Има редакции и новинари кај кои се гледа напредок преку користење повнимателен јазик, помалку „пикантерии“, а повеќе институционален контекст. Но, паралелно постои и еден доста присутен, сериозен, проблем, особено кај дел од онлајн порталите, каде што насилството се претвора во приказна што служи за кликови.
– Најчувствителни се грешките кај сексуалното насилство. Или се замаглува насилството или, пак, се известува со сензационалистички тон што ја претвора траумата во „содржина“. Во мала средина, последиците од таков текст можат да бидат реални и долготрајни, од повторливи закани до социјална стигматизација и повлекување од процесот на пријавување на насилството – вели Тунева.

Таа нагласува дека родово сензитивното информирање не завршува со тоа како известуваме за насилството.
– Тоа се гледа и во тоа кого го слушаме, кого цитираме и во кои улоги ги прикажуваме жените во секојдневните вести и извештаи. Неретко, во медиумскиот простор жените сè уште честопати се појавуваат како „жртви“, „сопруги“, „мајки“, а поретко се третираат како креатори на политики, експертки, носители на одлуки, лидерки во локалните средини, професионалки на терен. Ако жените не се препознаени како авторитетни извори и актери, тогаш јавноста учи да ги гледа како „тема“, а не како субјекти – појаснува таа.
Медиумите најчесто заостануваат во соодветно родово сензитивно информирање поради брзината, потребата од кликови и недостигот на уреднички стандарди. Во редакции со мал број луѓе и силен дневен притисок, честопати се преземаат полициски билтени без сериозна уредничка обработка.
– Но, постои и уште еден, подлабок слој. Дел од медиумските навики се хранат од пошироки општествени стереотипи. Ако редакцијата (свесно или несвесно) гледа на насилството како на „семеен проблем“, или ако жените генерално се третираат како „емоционална тема“, а не како рамноправни актери во јавниот живот, тогаш родово сензитивното известување ќе остане исклучок. Затоа недостига уредничка одлука дека ова е прашање на јавен интерес и човекови права, а не „уште една хроника“ – вели Тунева.
Фемицид е, не убиство од љубомора!
Марта Стевковска, новинарка и специјалистка за комуникации во Мрежа „Стела“, потврдува дека многу често во медиумите, особено во насловите, може да се прочитаат зборови како семејна драма, наместо семејно или родово базирано насилство, хорор во…., ужас во…, обљуба или полово вознемирување, наместо силување или сексуален напад.
– Во однос на фемицид најчесто се користи и убиство на жена, што не е погрешно. Сепак користењето на зборот фемицид дава дополнително значење дека убиството е поради родот односно, дека една жена е убиена само затоа што е жена и дека тоа е најтежок облик на родово базирано насилство. Тука игра улога и натпреварот за кликови и импресии, па често, преку сензационалистичките наслови, медиумите сакаат да дојдат до што повеќе кликови на веста. Со тоа, не само што не известуваат правилно и родово сензитивно, туку и придонесуваат кон нормализација и релативизација на насилството во нашето општество – истакнува Стевковска.
Одредени медиуми се поправаат, други си тераат по свое
Таа потврдува дека медиумите често го користат и „полицискиот“ или „правниот“ речник во нивното известување што не секогаш е родово сензитивен. Таа терминологија не секогаш е јасна за читателите и иако тоа можеби се зборовите кои се употребени во законите или Кривичниот законик, сепак, медиумите треба да појаснат за што точно станува збор, за каков тип на насилство и со тоа да придонесат и кон правилно информирање за распознавање на насилството. Стевковска вели дека на располагање се повеќе ресурси за родово сензитивно известување, а во последно време и сè повеќе има обуки на оваа тема.

– Има медиуми кои се поправаат во известувањето и го разбираат влијанието што го имаат врз граѓаните и врз јавноста, особено поради тоа што работат и на кревање на свеста за родови прашања и за заштита и превенција од родово базирано насилство како и за разбивање на стереотипите и предрасудите – дополнува Стевковска.
На прашањето како редакциите реагираат кога јавноста, граѓанските организации и експертите укажуваат на неправилно користена терминологија, Стевковска вели дека има медиуми кои веднаш реагираат и ја поправаат терминологијата кога ќе им се укаже. Но, има и такви кои не реагираат веднаш и знаат да изреагираат откако ќе се испрати претставка, на пример од Советот за етика во медиуми, или ќе реагираат новинарските здруженија и синдикатот.
– Голем број од медиумите што соработуваат со граѓанските организации, особено со организации чија цел е да се подобри информирањето и да се крене свеста за родовата еднаквост и човековите права, ги гледаат организациите како соработници и ја вклучуваат нивната експертиза во прилозите и сториите. Со оглед на достапноста на обуките и прирачниците за родово сензитивно информирање и од Советот за етика во медиумите, ИКС, Мрежа „Стела“, Коалиција „Маргини“, ХОПС итн. медиумите веќе имаат јасни и целосни материјали за да ги применат во своите текстови и прилози – појаснува Стевковска.
Се користи застарена или несоодветна терминологија
Претседателка на Советот за етика во медиумите, Нора Калиќи вели дека во известувањето за родово базирано насилство, најчестите грешки што ги забележуваат во дел од медиумите се неточна терминологија, минимизирање на сериозноста на насилството, сензационалистичко рамкирање, како и неконзистентност во информирањето и следењето на случаите.
– Наместо јасно да се именуваат како кривични дела и форма на системско насилство врз жените, случаите често се прикажуваат како „приватни конфликти“ или „несреќни настани“. Најтипичен пример е употребата на еуфемизми како „семејна драма“, „семејна трагедија“… – вели Калиќи
Таа додава дека дополнителен проблем е и романтизирањето или оправдувањето на насилството преку наративи за „љубомора“, „страст“ или „не можел да ја поднесе разделбата“.
– Со тоа се релативизира одговорноста на сторителот. Во случаите на сексуално насилство, се користи „обљуба“, „интимен однос“, што ја замаглува тежината на делото. Потребни се јасни, точни и професионални термини како „сексуално насилство“, „силување“, без формулации што создаваат сомнеж во исказот на жртвата – подвлекува Калиќи.
Загрижувачка е ревиктимизацијата, преку откривање идентитет, непотребни детали и имплицитно префрлање вина врз жртвата. Истовремено, неконзистентноста во информирањето значи дека медиумскиот фокус често завршува по првите денови, без континуирано следење на институционалната реакција и судската разрешница.
– Известувањето останува кратка хроника без контекст и без суштински прашања, наместо информирање што придонесува кон превенција и јавна едукација – додава таа.
Медиумите имаат исклучително важна улога во справувањето со родово базираното насилство, бидејќи начинот на кој информираат влијае врз јавната свест, охрабрувањето на жртвите да пријават, и институционалната одговорност. Затоа, родово сензитивното известување не е прашање на стил, туку прашање на јавен интерес, професионална одговорност и етика.
– Редакциите треба да воспостават јасна политика за точна терминологија и правилно рамкирање, да се избегнуваат еуфемизми како „семејна драма“ или „љубовна расправија“, а случаите да се именуваат како родово базирано насилство, семејно насилство, фемицид, сексуално насилство. Неопходно е да се прекине со сензационализмот и со непотребни детали кои ја нарушуваат информираноста и предизвикуваат дополнителна траума – вели Калиќи.
Таа појаснува дека мора строго да се почитуваат принципите за заштита на достоинството и безбедноста на жртвите, без откривање идентитет и без јазик што води кон секундарна виктимизација.
– Медиумите треба и да обезбедат контекст и јавна одговорност, преку прашања за институционалната реакција, претходни пријави и исходот на постапките. Важно е доследно и континуирано следење на случаите, а не само известување во моментот кога ќе се случи настанот. И на крај, потребни се уреднички протоколи и континуирани обуки, за да се воспостави култура на професионално, одговорно и родово сензитивно известување – објаснува Калиќи.
Потребен е системски пристап кон родово базираното насилство
Истиот впечаток од опсервација го има и Стефан Васев, доктор по социолошки науки и асистент на Институтот за родови студии при Филозофски факултет. Термини како „трагедија што ја шокираше јавноста“, како и наслови од типот „сопругот ја уби својата сопруга бидејќи го изневерувала“ или „ја уби својата девојка бидејќи го напуштила“, го прикриваат фактот дека станува збор за родово базирано насилство, а во најтешките случаи и за фемицид.
– Според статистиката на Евростат од 2023 година, Македонија се најде на третото место во Европа по бројот на фемициди, што претставува фрапантен и алармантен податок. Прашањето што се наметнува е, како медиумите одговараат на оваа реалност? – вели Васев.
Тој појаснува дека лично, не сведочел дека некој од традиционалните медиуми, особено телевизиите, има реализирано подлабинска емисија, дебата или континуирана јавна дискусија посветена на оваа тема.
– Најчесто, известувањето се сведува на кратки и изолирани прилози само во моментите кога ќе се случи конкретен случај, по што интересот целосно згаснува. Ваквиот површен пристап укажува, не само на медиумски, туку и на поширок проблем со институционалниот одговор и недостигот од системски пристап кон родово базираното насилство – вели Васев.
Некоректната терминологија не е неутрална, туку штетна
Тој посочува дека отпорот кон родово сензитивниот јазик најчесто не произлегува само од недостиг на знаење, туку и од подлабоки структурни и културни фактори. Васев согледал дека дел од медиумите сè уште функционираат во рамки на патријархални норми во кои насилството се перципира како „приватна работа“, а не како системски и општествен проблем.
– Дополнително, постои и страв дека користењето прецизна и родово сензитивна терминологија е „идеолошко“, „активистичко“ или спротивно на т.н. неутралност на новинарството. Во реалноста, јазикот никогаш не е неутрален, изборот на зборови секогаш испраќа порака и оформува јавно мислење. Некоректната терминологија не е неутрална, туку штетна. Овој пропуст го препишувам и на недоволна континуирана едукација на новинарите, како и на отсуство на јасни редакциски политики и уредничка одговорност кога станува збор за известување за родово базирано насилство – категоричен е Васев.
За да се подобри родово сензитивното информирање, Васев препорачува усвојување и доследна примена на водичи за родово сензитивно известување и етички кодекс. Понатаму, посочува дека е потребно користење прецизна, современа и човеково-правна терминологија, со јасно именување на насилството и одговорноста, избегнување сензационализам, редовна соработка со експерти, како и континуирана обука на новинари.

– Начинот на кој медиумите известуваат за родово базираното насилство директно влијае врз тоа како општеството го препознава, осудува и спречува – вели тој.
Значаен чекор во насока на институционално признавање на фемицидот како посебен и системски општествен проблем, според Васев е експертската дебата на Мисијата на ОБСЕ, на тема „Презентација на нацрт методологија за воспоставување на платформа за следење на фемицид во Северна Македонија“.
– Сепак, и покрај ваквите иницијативи, во јавниот дискурс сѐ уште не се забележуваат сериозни, континуирани и одржливи напори, ниту во медиумите, ниту на ниво на државни политики, за суштинско подобрување на состојбата. Ваквиот јаз помеѓу експертските иницијативи и реалната општествена и политичка акција јасно укажува дека проблемот сè уште не е третиран како приоритет од јавен интерес, туку како изолиран инцидент наместо како симптом на подлабоки нееднаквости и институционални пропусти – вели Васев.
Во рамки на нивната работа, развиен е специјален дигитален бот/алатка за родово базирано насилство, наменет за информирање, едукација и поддршка при коректно и родово сензитивно известување. Оваа алатка е достапна на следниот линк и претставува обид да се премости јазот помеѓу експертското знаење и секојдневната медиумска пракса. Зошто медиумите сè уште заостануваат во оваа област, дополнително треба да се анализира и стимулира, да се едуцира и коригира. За почеток е доволно да почнат да се користат вистинските термини.
Оваа сторија е дел од проектот ReFrame: Stories That Bridge кој e финансиски поддржан од Европска Унија во рамки на Reporting diversity Network program. Содржината е одговорност на Мрежа Стела и не ги одразува ставовите на Европската Унија или на Reporting Diversity Network (RDN).
Во рамки на соработка меѓу „Лице в лице“ и Мрежа „Стела“, ги објавуваме содржините кои произлегоа по обуката за препознавање родови дезинформации и справување со дигитално родово-базирано насилство. Избраните новинарки и новинари добија менторска поддршка и финансиски придонес за да ги креираат сториите. Содржините кои се финализирани ќе бидат достапни овде, на веб-страницата на „Лице в лице“, како дел од нашата мисија за видливост на инклузивни и одговорни медиумски практики кои придонесуваат кон родовата еднаквост.
Читајте ги и останатите стори од оваа соработка
- Заштитено: Иштван Фаркаш, продавач на „Лицеулице“ во Нови Сад: „Солидарноста не е милостина“
- Луѓе кои ја движат промената: инспиративни пристапни приказни за трансформација и зајакнување
- Отворен повик за млади фотографи: „Сликите на вкусот“ ги обединува креативците од Балканот
- Инклузивна изложба на графики по повод Меѓународниот ден за подигање на свеста за лицата со аутизам
- „Саранда“ во Жеровјане, место каде различностите се мешаат, токму како и вкусовите на сладоледот
