Рурална супер моќ – кога жена менаџира дом, семејство, нива, задруга
Солидарност, придонес за заедницата, поддршка, соработка, здружено и засилено дејствување. Освен што се заложби на задругарството, овие елементи се клучни за земјоделките. Руралните средини носат предизвици, особено за жените што живеат таму, а задругарството се чини како едно од решенијата што функционираат во практика.
„Рурална коалиција“ носи податок дека 38 проценти од жените во руралните средини се сметаат за економски активни, а речиси една половина од нив, поточно 47 проценти, вршат неплатена работа во семејни фирми.
„Жената е таа што го води семејното земјоделско стопанство, ги раководи финансиите, придонесува кон диверзификацијата на земјоделското производство, но и ги исполнува домашните обврски. Токму економското засилување на жената од руралната средина треба да го намали јазот што постои меѓу жените и финансиските ресурси, меѓу потенцијалот на жените и улогата што се очекува од нив во општеството“, се вели во документот „Економско јакнење на жените од руралните средини – предизвик, можност или недостижна цел“
Сузана Димитриевска е меѓу ретките менаџерки на земјоделска задруга. Таа е управителка на „Еко Илинден“ од Мустафино, задруга што произведува органско вино, а се занимава со лозарство, поледелство и со производство и со продажба на сточна храна.
– Многу е тешко жена од рурална средина, каде што нема систем на поддршка како во градовите, овде мислам, пред сè, на градинки за згрижување деца, ресторани за да купи храна брзо и да не готви, да се реши сама да води и да е носител на стопанство. Така, жените ретко се вклучуваат во земјоделско производство, иако таму е нивниот сериозен потенцијал – вели Димитриевска.
Според „Повеќедимензионалната анализа на сиромаштијата“ на Националната федерација на фармери, кога станува збор за извор на семеен приход, домаќинствата што живеат со земјоделски приход се рангирани на второ место според нивото на сиромаштија (57,4 проценти), со највисоко ниво забележано кај семејства со приход од социјална помош (90,6 проценти). Повеќе од една половина од руралните жени (58 проценти) немаат лични примања, што е двојно повеќе од мажите во руралните области.
Димитриевска појаснува дека затоа е клучна една од основните цели на задругарството – поддршката на локалната заедница. Така, оваа земјоделска задруга се разликува и поради тоа што се вложиле на свој начин:
– Активиравме неколку самохрани мајки, ги вклучивме во производство на земјоделски производи. Тие со тоа обезбедуваат храна за своето семејство, а дел и продаваат, со што се засилуваат и економски – рече Димитриевска.
Се навраќа на функционирањето на социјалистичките задруги, кога задругата во Мустафино направила мост преку реката.
– Тогаш задругите беа финансиски моќни. Правеа патишта до полињата, имаше дополнителен фонд што ги одржуваше патиштата кога ќе завее снег. Тоа се основни работи – грижа и одговорност, поддршка на инфраструктура, кои сега се дел од улогата на локалната самоуправа. Кога би биле задругите финансиски моќни, верувам дека ќе можат да прават вакви активности.
Стратегиски развој на сектори и нивно поврзување
Бројот на регистрирани земјоделки во последните две години бележи нагорен тренд. Така, според податоците на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од околу 170.000 семејни земјоделски стопанства, регистрирани се 37.186 жени што се носителки на семејни земјоделски стопанства.
За поголемо вклучување на жената во земјоделството, во ноември минатата година беше донесена и мерката 115. Таа претставува заедничка заложба на работната група за родови прашања во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и е првата мерка што дејствува на поттикнување женско претприемаштво во руралните средини, зголемување на бројот на регистрирани земјоделки и развој на земјоделството.
Податоци на „Рурална коалиција“, при истражувањето за економската активност на жените од руралните средини, покажуваат дека, од вкупно 347 жени вклучени во истражувањето, само 75, или 21,6 проценти аплицирале за финансиска поддршка од мерката 115 наменета за активен женски член од семејно земјоделско стопанство. Дел од причините зошто не аплицирале се недоволната информираност, нискиот износ на средства, времето за да се обезбеди потребната документација, немањето доволно знаење и капацитети за пополнување на апликацијата.
Димитриевска појаснува дека жените би имале клучна улога и кога се зборува на темата развој на регионот:
– Една група производители работиме производство на органски грав. Ако успееме соодветно да го произведеме и во добри количини, можеме да го извезуваме, но и да го смениме описот на локалното население и на целиот регион, може регионот да стане познат по органски грав. Така, во соседна Грција, на пример, сите произведуваат лаванда и има цели региони што се познати по тоа – вели таа.
Гледано од бизнис-точка, вели Димитриевска, задругите се важни поради намалување на минимум на ризикот во бизнисот.
– Здружени делиме ризик. Товарот врз еден стопанственик е многу помал – на пример, заеднички полесно се пополнува квота што треба да ја произведеме. Или, ако имаме климатски непогоди во еден регион, со задругар од друг регион ќе ги надминеме и овие предизвици. Здружени, го намалуваме на минимум ризикот и при трошоци за репроматеријали, набавка. Делиме инвестиции за машинерија, сам земјоделец нема да може да набави. Не е исто еден да купи трактор и 20 да го поделиме трошокот – вели Димитриевска.
Задругите – најстар облик на здружување на производителите
За да се зборува за улогата на задругите во засилување на жените во руралните средини треба прво јавноста да има повеќе податоци и за придобивките што ги носат задругите.
Македонската асоцијација на земјоделски задруги, меѓу другото, придонесува за засилување на позитивните социјални промени во земјоделскиот сектор, зголемување на свеста на земјоделците за придобивките од задруги. Претседателот на Управниот одбор на МААЗ, Менде Ивановски, нагласува дека здружените производители можат полесно да се вклопат на пазарот и во општествената поделба на трудот, можат поефикасно да ја издржат конкуренцијата и сами да ја контролираат, поволно да набавуваат репроматеријали, полесно да дојдат до кредити, но и да вршат специјализација и поделба на трудот внатре во самите задруги.
– Затоа ни се потребни задруги што, во суштина, се најстариот облик на здружување на производителите, но и доверба во моделот, знаење, планирање, посветеност.
Да ги вклучиме младите за да видат како можат да придонесат
– Денес земјоделството подразбира и ИТ-технологии. Сигурна сум дека млад човек што се гради во оваа област со задоволство би работел во земјоделство. Но, за ова е потребно прво и во средно да им се претстави како позитивна гранка, а потоа да слушнат и на факултет, да ги поврзат елементите. Технологијата е многу потребна. На пример, ние имаме проблем со наводнување, а оздола, земјата во некој слој има огромно количество вода. За ова треба технологија, да може да се употреби, не мотика – вели Димитриовска.