Со „Латици“ и со колекцијата OYA, Ирина Тошева одбележа 10 години успешна дизајнерска работа
Со новата модна колекција „OYA“, и со краткиот документарен филм „Латици“, модната дизајнерка, поддржувачка и пријателка на „Лице в лице“, Ирина Тошева, ја одбележа 10 годишнината од постоењето на нејзиниот моден бренд.
Останувајќи верна на својот моден етос, Тошева подлабоко се насочува кон културната одржливост, поминувајќи половина година во неуморно истражување, негување и афирмирање на културниот идентитет на „последните номади“ во Македонија.
Инспирирана од овој социјално-културолошки феномен, користејќи го својот моден јазик, дизајнерката умешно преведе одредени елементи од нивната облека во моден контекст, препознатлив за брендот и нејзината работа.
Турски Културен центар „Јунус Емре“ – Скопје го препознава искрениот импулс на Тошева да ги идентификува и чествува изворните и оригинални елементи на оваа култура, па со задоволство ја поддржува нејзината работа во овој контекст. Кабиентот на претседателот, во рамки на своите заложби за поддршка на иновативни програми, го отстапи и просторот за одржување на овој настан.
Колекцијата „ОУА“ е инспирирана од женските носии од јуруците од Радовишко, а за нејзино создавање, Ирина работела половина година.
За изработката на колекцијата користени се еколошки материјали со сертификати за составот и етичкото производство, како и дигитално печатење кое не троши вода, направено со еколошки текстилни бои. Исто така, употребени се рачни техники на доработка и плетење со памучни конци, инспирирано од техниките кои се користени во носиите на Јуруците од Радовишко. Затоа колекцијата и го носи името „OYA“ што претставува техника на рачна изработка со мониста и конци, која е во исчезнување.
– Нашата земја изобилува со разнолики културни традиции, и тоа е богатство. Дијалогот и соработката меѓу нив ни даваат голема вредност. Обврска е да ја одржиме врската со културните традиции, работејќи на иднината со одржлив развој, нагласува Тошева.
Честитки, Ирина, да се множат децении успеси!
Линк до видеото