Струга треба и може да биде пристапен град
Струга има можност да биде најпристапен град во цела Македонија, имајќи предвид дека е лоциран во рамнина и нема ниедна угорнина во градот. За разлика, од, на пример, Охрид, каде целиот стар дел е комплетно непристапен за лица со физички хендикеп. Жално е градот да не работи на воведување на пристапноста во секое поле од живеењето, за да го добие приматот на најпристапен и најинклузивен град во државата.
Фотографии: Кристина Затуровска
Наспроти живописната природа и духовното задоволство што го пружа шетајќи покрај езерото или покрај реката Дрим, Струга не дава можност на ист начин да уживаат сите жители на овој град. Дури ни туристите.
Луѓето со попреченост не можат соодветно да уживаат во убавините на Струга. Во градот живеат стотици лица со физичка попреченост, но тие се речиси невидливи во струшката заедница. Главна причина – недостаток од соодветна инфраструктура. Во многу случаи, прстот го вперуваме и во ниската граѓанска свест.
За услуга во институција – чекам на улица
Поради физичка попреченост, Сулејман Дестани се движи со помош на електрична количка. Тој живее со семејството и има обврска да се движи низ градот, да ги плати сметките, да купи храна, а понекогаш и да излезе за да се напие кафе во центарот на градот. Инфраструктурните услови и ниската свест на луѓето, му го отежнуваат секојдневието, па неговото движење во сопствениот град му е многу ограничено. Во многу институции, јавни или не, не постојат рампи за луѓе кои се движат со помош на количка. Сулејман вели дека е невозможно самиот да може да заврши некои обврски.
– Архитектонските бариери во Струга, всушност, се истите проблеми на државно ниво, кон кои државата има несовесен однос. Системот не (на)прави ништо за граѓаните како мене – за лица со попреченост. Ние сме ограничени поради условите што ги имаме. Немаме целосен пристап до ниту една локална институција. Кога имам работа во здравствен или пензиски фонд, морам да викам од улица за некој да излезе и да ме услужи. Има некои институции кои имаат рампи, но, повторно ни е оневозможнео да влеземе, бидејќи рампите не се изградени по соодветни стандарди – вели тој.
Револтираниот Сулејман објаснува дека целиот овој процес веќе е заморен и здодевен, и за него и за државните службеници.
– Не велам дека работниците не се појавуваат кога ќе ги побарам, но, до кога ќе продолжи вака? Има случај кога врне дожд или снег, па дури и моменти кога е многу топло со температурата од 40 степени, а јас треба да чекам на улица додека вработениот ќе ми ја заврши услугата – нагласува Дестани.
Состојбата не е подобра ниту во приватниот сектор. Ретки се оние бизниси во Струга кои се достапни за сите граѓани на ист начин.
– Според законот, банките, аптеките, маркетите, мора да имаат рампи за да имаме пристап и ние. За да ја поминат контролата на инспекторите, приватните бизниси формално градат рампа која воопшто не е функционална и на тој начин ние сме оневозможени да бидеме клиенти. Со или без рампа продолжуваат со работа, и инспекцијата воопшто не е заинтересирана да види дали таков бизнис ги исполнува законските обврски – сведочи Дестани.
Тој се жали дека нема пристап до неговата банка. Поради безбедносните бариери што ги поставија банките, не може да влезе за да ја подигне пензијата или да плати сметки.
– Јас сум клиент на една банка и си ги плаќам обврските кон таа банка како и секој мој сограѓанин. Но, јас немам пристап таму како сите други, затоа што банката нема рампа и влезниот систем е комплициран со херметички врати каде што е невозможно да се влезе со количка. Реагирав и побарав да се овозможат соодветни услови за лицата со физички попреченост, но, нема промена. Во таа банка секој месец треба да земам пензија и да платам кредит. Додека сум жив животот ми е поврзан со таа банка – вели Сулејман.
Несовесно се користат паркинг местата за лицата со попреченост
Голем проблем се и тротоарите. Покрај пречката што ја создава висината на тротоарите, дополнителен проблем е и нивното блокирање од паркирани автомобили. Паркинг местата за лица со попреченост сe уште едно загрижувачко прашање. Општина Струга пред неколку месеци обезбеди одредени паркинг места за возила што ги управуваат лицата со попреченост, но постојано се окупирани од лица кои немаат физичка попреченост.
– Многу е тешко да се најде слободно место во центарот каде можам да паркирам. Недостасува граѓанска свест. Често сум принуден да напишам писмо: „Мудрите луѓе не паркираат таму каде што се очекува да паркира или да се движи лице со попреченост“ и да го залепам на прозорецот од тој автомобил. Можеби овој начин ќе влијае некој да стане свесен – изјавува Дестани.
Сулејман студирал музика и е голем љубител на уметноста, но тешко се вклучува во културно-уметничкиот живот на градот. Вели дека уметноста, културата и рекреацијата се недопирливи соништа за лицата со телесна попреченост во Струга.
– Иронично е што културните објекти се изградени со дозвола на инспекторатот и воопшто не биле земени предвид лицата со попреченост. Архитектонските бариери не само што ми го блокираат пристапот до културниот живот, туку и ја ограничуваат мојата професија. По професија сум музичар и често пуштам музика во различни ресторани и хотели. Дали е логично хотел да биде оценет со 3-5 ѕвезди и да нема пристап за лица со посебни потреби?- прашува Дестани.
Струга има потенцијал да биде пристапен град
Во овие околности, во кои не се исполнети основните услови за лице со попреченост да има нормален живот, рекреативните активности стануваат апстракција.
– Сонуваме барем една плажа во градот да има услови за да можеме и ние да уживаме во езерото. Во моментов можеме само да се надеваме дека некогаш во животот овој сон ќе се оствари – резигнирано вели Сулејман.
Приспособувањето на плажа за лица со физичка попреченост бара повеќе волја и желба отколку финансиски средства. Лицата со попреченост, за прв пат летово имаа можност да имаат пристап до две плажи во Охрид. На градските плажи во Љубаништа и на „Горица 3“, за првпат во Македонија се поставија рампи за полесен пристап на лицата со попреченост, тоалети, а доколку е потребно на располагање имаат и електрична количка.
Од граѓанскиот сектор кој често реагира на состојбите, потенцираат дека во Струга сериозно треба да се работи на подобрување на инфраструктурните услови, како и на подигнување на граѓанската свест за потребата од поинклузивно општество. Анита Гаговска од „Порака Нова“ од Струга, која има долгогодишно искуство во работа со лица со попреченост, меѓу кои дел од нив и со комбинирани пречки во развојот кои вклучуваат телесен инвалидитет, вели дека Струга не е воопшто пристапен град.
– Нема соодветни пешачки патеки кои се со соодветна висина за пристапност на инвалидски колички. Тротоарите ни се високи и по 15-20 см што е невозможно да се користат ниту од страна на родители со детска количка. Нема вертикална ниту хоризонтална сигнализација за лица со оштетен вид, на пример, со цел нивно самостојно движење низ градот- вели таа.
Гаговска посочува и дека честопати гледа дека на овие луѓе им е загрозена и безбедноста во сообраќајот.
– Неколку наши сограѓани кои се движат во автоматска инвалидска количка, многу често можеме да ги забележиме дека се движат по самиот коловоз, загрозувајќи ја и сопствената безбедност, а и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.
Таа додава и дека институциите се многу малку пристапни, дури и оние кои се претставуваат како пристапни ставајќи пристапна рампа.
– Со самата рампа не ја завршиле работата. Пристапноста треба да влезе во законските рамки и да биде задолжителна при изработка на урбанистичките планови и при изградбата на нови објекти. Пожелно е соодветните институции да соработуваат со организации кои работат во полето на пристапност, за да се изработи соодветен план, имајќи мултидисциплинарен пристап во корист на лицата со попреченост – нагласува Гаговска.
За да се смени состојбата во Струга – за модел може да се земе секој сличен европски град, вели таа. Соодветен модел постои.
– Струга има можност да биде најпристапен град во цела Македонија, имајќи предвид дека е лоциран во рамнина и нема ниедна угорнина во градот. За разлика, од, на пример, Охрид, каде целиот стар дел на градот е комплетно непристапен за лица со физички хендикеп. Имајќи го овој предуслов, жално е Струга да не работи на воведување на пристапноста во секое поле од живеењето, и да го добие приматот на најпристапен и најинклузивен град во државата. Струга може да се спореди со Албасете во Шпанија, кој, исто така, целиот е во рамнина и е максимално пристапен во секој поглед. Добрите тамошни практики можат да се применат и кај нас – посочува Анита.
Струшките власти: Планираме олеснување на пристапите за лицата со попречености
Локалните власти во Струга се свесни дека постоечките услови во градот не се соодветни за лицата со телесен инвалидитет.
– За жал, се согласуваме дека нашиот град, како и целата држава, не ги исполнува условите за слободно и непречено движење на лицата со телесен инвалидитет. Општина Струга во секој тековен проект и проектите планирани за во иднина предвидува олеснување на пристапот за лицата со попреченост – изјави Беса Зиба, портпаролка на општина Струга.
Локалните власти најавуваат реконструкција на патишта во следниот период, со цел – озвозможување полесен пристап на лицата со телесен инвалидитет.
– При реконструкцијата на улиците беше предвидено на секој тротоар да има пристап за колички, за лицата со попреченост и за родители со деца во колички. Општина Струга како институција има пристап, односно рампа. Исто така, се трудиме секоја институција што е во наша надлежност да го исполнува овој услов, вклучително и средните и основните училишта- вели Зиба.
Во скоро време, општината планира да се гради рампа на некоја од јавните плажи.
– Ова не е реализирано досега поради градежни пречки во близина на езерото. Со надеж дека овие пречки ќе бидат надминати во сезоната, наредното лето ќе го исполниме и ова барање за инклузивен пристап, и со тоа за поинклузивно општество – изјавува портпаролката.
„Порака Нова“: Неопходна е реална регистрација на лицата со попреченост
Имајќи ги предвид статистиките кои ги води Светската здравствена организација, повеќе од една милјарда луѓе се соочуваат со некаков вид попреченост:
– 3,2% од светската популација, односно 253 милиони се луѓе со оштетен вид,
– 6% од светската популација, односно 466 милиони се луѓе со оштетен слух,
– 2,6% од светската популација, односно околу 200 милиони се луѓе со интелектуална попреченост,
– 1% од светската популација, односно околу 75 милиони се луѓе со физичка попреченост.
Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со интелектуална попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“, во соработка со Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, во 2010 година изработија своја база на податоци.
Процентуалниот преглед на ниво на општините Струга и Вевчани би бил околу 2240 луѓе со оштетен вид, околу 4200 луѓе со оштетен слух, околу 1820 луѓе со интелектуална попреченост, и околу 700 луѓе со физичка попреченост.
– Треба да се има предвид дека голем број од лицата со попреченост не се внесени во овој регистар, и затоа бројката не соодветствува на предвидениот процент- велат од „Порака Нова“.
(Содржината е подготвена во рамки на проектот „Лице в лице со различностите“ во соработка со „Порака Нова“ од Струга, со финансиска поддршка од Европската унија. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Европската унија)