Туризмот сѐ уште е привилегија само за одредена група луѓе
Сè за пристапниот туризам и како да дојдеме до него
Што е првото нешто на кое помислувате кога избирате дестинација за вашето следно патување? Кои се неопходните работи што треба да ги понесете на патувањето? Кој ќе ве придружува? Сигурно помисливте на некоја сончева песочна плажа, изолирана од врева и недостапна за широката популација. Или, пак, доколку сте личност што повеќе сака урбани прошетки, можеби избравте некој од европските културни центри, како Рим, Париз, Барселона, Атина, каде што ќе ги посетите музеите и галериите, а и ќе нурнете во тесните улички на урбаните квартови во тие градови. Единствено на што помислувате кога го подготвувате багажот, е да земeте едно мало ранче со најпотребните алишта и удобни обувки за шетање. Некои од нас преферираат да патуваат сами, а за поголемиот дел е многу важно да имаат одлично друштво, кое гарантира незаборавно патување.
Дали некогаш сте размислувале како изгледа планирањето на патување за лицата со посебни потреби?
Непристапните терени и објекти нѐ оддалечуваат од замислените патувања
Што сè треба да понесат со себе? Кого треба да понесат како помошник при патувањето? Кои се дополнителните трошоци што треба да ги преземат, а доаѓаат поради нивната попреченост? И најважно од сѐ, од што треба да се откажат при посетата на одредена дестинација? Сте помислиле ли како се чувствуваат, доколку по долго истражување за нивната посакувана дестинација, дознаат дека е невозможно да ја посетат бидејќи е непристапна за лица со посебни потреби или, пак, одредени јавни површини или објекти не се приспособени за нивниот вид попреченост?
Кога планираме патување со корисниците од „Порака нова“, мораме прво да размислиме која ќе биде дестинацијата и дали е таа пристапна за луѓе во количка. Доколку не е пристапна, треба да направиме план кои двајца или тројца од вработените и волонтерите ќе бидат задолжени за мобилноста на лицето во количка. Тоа подразбира внимателно кревање и спуштање на количката на најмалку 20 места во текот на патувањето.
Треба да се испланира и колку од корисниците се целосно или делумно независни, а колку се целосно зависни од асистент. По сето тоа, се планира и помошниот персонал од вработени, волонтери и родители, кои би патувале заедно со корисниците. Често се избираат еднодневни екскурзии, но доколку се планираат повеќедневни патувања со преспивање, тие подразбираат и пообемни планирања и помошен персонал. Многу дестинации што сме ги замислиле не се оствариле токму поради непристапноста на теренот и на објектите. Сме биле соочени и со ситуации во кои угостителски објекти се претставуваат како целосно пристапни, сѐ до оној момент кога треба да спуштиме количка по тесни и стрмни скали. Една, често несоодветна рампа не ни дава примат на пристапен објект.
Позитивни искуства од странство
Во 2008 година заминав на волонтерски престој во организацијата „Аспрона“, во Албасете, Шпанија. Навикната на овој начин на функционирање, за мене екскурзиите беа кошмар.
Но, во Шпанија се соочив со нова ситуација. Сите јавни површини се пристапни, имаат ниски тротоари со накосени завршоци на крстосниците, разлика во текстурата на плочките на тротоарите приспособени за слепи и за лица со слаб вид, звучни семафори за сигнализација. Сите јавни објекти се пристапни, и тоа не само со рампа или лифт, туку се приспособени за лица со сите видови попречености, така што во музеите имате слушалки со водич, Брајово писмо, сликовити описи за лица со интелектуална попреченост. Дури и паркот со атракции Parque Warner во Мадрид е пристапен, сите ролеркостери и други објекти се приспособени, а доколку не се, имаат задолжен персонал што им помага на луѓето на кои им е потребна асистенција. Ова беше прва екскурзија со лица со посебни потреби, (а ги имаше 50 на број) на која имав можност и јас да уживам, иако бев помошен персонал на неа.
„Аспрона“ спроведува програма за рурален туризам за лица со попреченост. Организираат викенди или еднонеделни посети во селата низ цела Шпанија. Турите опфаќаат пешачење, планинарење, јавање коњи, кајакарење и други атракции што му се достапни на секој човек, а во случајов, приспособени на потребите на лицата со попреченост. Сместувачките капацитети, од типот на рурални традиционални куќи, ги завардуваат критериумите за пристапност, иако во исто време ја задржуваат автентичноста на градбата.
При една студиска посета во Тенерифе, на Канарските Острови, ни беше претставено како изгледаат пристапни плажи и какви сè помагала им се достапни на луѓето со цел уживање во нивните неколку дена одмор на плажа. Дел од опремат што им е на располагање се пристапни патеки, дубаци за движење на песок, колички за движење на ситен песок, и еден вид пловен објект за влегување во вода на лице со физичка попреченост.
Порано повеќе се размислувало на ова тема
Македонија е земја што изобилува со природни убавини и прекрасни места за туризам на езера, реки, планини, археолошки наоѓалишта, културни манифестации, музеи, модерни и традиционални ресторани и безброј други можности. За жал, многу малку од овие локации се пристапни и приспособени, не само за лица со попреченост, туку и за стари и исцрпени лица, а дел од нив и за родители со детска количка.
Ако се навратиме години наназад, можеме да увидиме дека во минатото можеби повеќе се размислувало да се искористат благодатите на природата на Македонија, токму за оние луѓе што имаат некаков здравствен проблем или некој вид попреченост. Така, во Охрид, на самиот брег на Охридско Езеро е изградена Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“. Во Струга, исто така, на самиот брег на езерото е изграден Заводот за нефрологија, во кој за првпат е договорена т.н. холидеј – дијализа за пациенти од Србија, која потоа се проширила и со пациенти од Словенија, Белгија, Либија, Германија и други земји, и тогаш се нарекувала „дијализа на одмор“. Од другата страна, пак, на планината Галичица, на брегот на Преспанско Езеро е изградена Специјализирана болница за превенција, лекување и за рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања – Отешево. Несомнено дека локацијата на специјализираната болница во Отешево на западниот брег на Преспанско Езеро не е случајност, туку е внимателен избор на средна надморска височина, благопријатна клима, без големи варијации во температурата и без никакви аерозагадувачи во близина. Тоа е место на кое ветровите од Јадранско, Јонско, Средоземно Море и од континенталниот дел се судираат и токму овој судир на ветрови резултира со специфична клима што влијае благопријатно врз дишните патишта и помага во лекувањето и во рехабилитацијата од белодробните заболувања и алергии. Сигурно има уште многу вакви примери во Македонија, каде што не само што се размислувало за добрата состојба на корисниците, туку тоа биле и зачетоци на пристапен туризам, здравствен туризам и еден вид општествено одговорен туризам.
Непристапни се и туристичките капацитети и јавните површини
Во денешно време, благодарение на транзицијата, капитализмот и потрошувачкото општество, потребата од трчање спринт за да се постигне колку што е можно повеќе за пократок рок често забораваме на некои основни критериуми што би ги задоволиле потребите на сите граѓани. Така, со текот на времето, туризмот стана луксуз и привилегија само на одредена група луѓе, исклучувајќи ги по пат тие што имаат поделикатни барања. Сакајќи да се постигне универзалност во давањето услуги, се заборави на специфичните потреби на одредени групи граѓани. Во исто време, сакајќи да се изградат помодерни и ексклузивни градби, нивната пристапност стана непотребна. И низ сите овие години, и покрај сите апели од граѓанскиот сектор за пристапност и за инклузија, дојдовме до степен кога не само туристичките капацитети, туку и јавните површини стануваат комплетно неприспособени на потребите на граѓаните со попреченост.
Токму поради сето ова, со години апелирам и се залагам за воведување пристапен туризам во Македонија. Идејата е претставена пред различни донатори, на форуми на граѓани, пред соодветни институции. Во име на „Порака нова“, воспоставуваме партнерства со организации и институции од земјата и од странство, со цел да се почне со применување пристапен туризам во земјава и донесување позитивни искуства и практика од земји што веќе се искусни во областа. Целта ми е Македонија да ги искористи сопствените капацитети во корист на развивање пристапен туризам и со текот на времето да стане една од главните дестинации за туристи со попреченост, токму поради природните придобивки што ги нуди. Тоа би се обезбедило преку овозможување туристичките дестинации, производи и услуги да станат приспособени и пристапни за сите туристи и воедно да се промовира пристапниот туризам во земјава и благодатите од него, не само за уживателите, туку и за давателите на туристички услуги. Во таа насока, ги повикувам сите заинтересирани страни, кои сметаат дека можат да дадат придонес и да имаат бенефит, да контактираат со нас со цел да почнеме со активности, прво за создавање национална стратегија за пристапен туризам, а потоа и со конкретни активности секој во својата област на дејствување.
Пристапниот туризам нуди можности за бизнисот
Пристапниот туризам им овозможува на сите да уживаат во благодатите на патувањето и на туризмот. Можноста туризмот да стане попристапен не е само општествена одговорност, туку истовремено го мотивира бизнисот што работи во секторот да стане покомпетитивен на пазарот.
Искуствата покажуваат дека приспособувањето на објектите и на услугите, меѓусекторското поврзување и разбирањето на потребите на луѓето со попреченост, влијае на зголемување на бројот на посетители. Подобрувањето на пристапноста на туристичките услуги, не само што влијае на задоволството на туристите, туку, во исто време, го подобрува квалитетот на живот на локалното население. Целите на давателите на туристички услуги би требале да бидат зголемување на туристичката понуда пристапна за посетители со посебни потреби, промовирање социјална инклузија и социјална одговорност и подобрување на вештините на вработените во секторот.
Една третина од светската популација е потенцијален корисник на пристапниот туризам
Според податоци на ОН, 650 милиони луѓе низ светот живеат со некаков вид попреченост. Заедно со нивните семејства, тоа би значело дека околу две милијарди луѓе, или една третина од светската популација, се директно засегнати.
Многу од нив имаат потреба од пристапност, независно дали се работи за трајна попреченост (физичка попреченост, проблеми со видот или слухот, интелектуална попреченост) или други причини. Тука би ги зеле предвид старите и исцрпени луѓе, кои имаат проблеми со подвижноста, луѓето што имаат привремена оневозможеност да се движат, а и луѓето со одредени видови хронични болести. Сите тие имаат потреба од пристапен туризам и доколку не им биде овозможен, оваа голема група луѓе (потенцијални туристи) би имале потешкотии при патување или, во најлош случај, воопшто не би можеле да одат на одмор. За сите нив, патувањето е вистински предизвик, кој често се покажува како проблематичен, прескап и одзема премногу време за организација и за изведување, почнувајќи од барање информации за пристапност на објектите и на услугите, користење јавен превоз, користење сметување што е приспособено на нивните потреби, ангажирање асистенти за патувањето.
Пристапен туризам во Шпанија
Од ден во ден, во Шпанија се појавуваат сè повеќе иницијативи за подобрување на пристапноста во туризмот. Пристапни тури, специјализирани услуги, адаптирани објекти и пристапни водичи се секојдневие во Шпанија.
Истражете го Мадрид преку адаптирани тури
Културата во Мадрид е попристапна од кога било. На располагање ви стојат пристапни водичи што нудат адаптирани тури за лица со кој било вид попреченост. Луѓето што користат количка можат да го прошетаат „Златниот триаголник на уметноста“ во Мадрид без да се грижат за архитектонските пречки. Квартот Las Letras може да се истражи со придружба на водич со засилувач на гласот. Важните музеи, како Националниот музеј дел Прадо и Центарот на уметноста „Кралица Софија“, имаат приспособена инсталации. Но, музеј што е во целост приспособен на лицата со попреченост е Тифлолошкиот музеј, каде што посетителите можат да ги земат в раце макетите од главните споменици и тактилно да ги истражат. Понудите за овие тури се достапни во сите туристички информативни катчиња.
Барселона и нејзините најпристапни зони
Најпристапни зони во Барселона се Готскиот кварт и маршрутата на модерната уметност. Првиот се наоѓа во стариот дел на Барселона и е пристапен за лица со ограничена мобилност. Во маршрутата на модерната уметност посетителите можат да уживаат во уметноста на Гауди и во зградите Pedrera и Casa Batlló, исто така, можат да ги посетат и Sagrada Familia и паркот Güell. Сите тие се прогласени за заштитено културно наследство од страна на УНЕСКО и сите поседуваат макети за тактилна интерпретација.
Градови без пречки
Секојдневно се зголемува бројот на градови во Шпанија што работат на отстранување на сите архитектонски пречки. Градовите Алкала де Енарес, Авила, Касерес, Куенка, Еивиса, Мерида, Саламанка, Сан Кристобал де ла Лагуна, Сантијаго де Компостела, Сеговија, Тарагона, Толедо и Убеда имаат подготвено документи со критериуми за пристапност на објектите и на јавните површини.
Пристапни знаменитости што не смеат да се пропуштат
Влегувањето во праисториска пештера е интересна понуда, но знае да биде проблематично кога станува збор за лица со попреченост. Но, не и на северот на Шпанија, во Кантабрија, во пештерата Соплао и во музејот „Алтамира“, каде што има автентична реплика на оригиналната пештера, а истовремено лицата со попреченост имаат пристап и до водич со функционалности за визуелна и аудитивна попреченост.
Пристапен театар
Во последните години, изведбените уметности се приклучија кон иницијативата и културата да стане пристапна за сите. Програмата „Пристапен театар“, секоја година претставува многубројни претстави што се приспособени на лицата со различни попречености. Иако поголемиот дел од изведбите се одвиваат во Мадрид и во Барселона, пристапниот театар патува во повеќе од 40 градови и 100 театри низ цела Шпанија.
Преку пристапен туризам до еднакви можности за сите
Пристапниот туризам е право што треба да им биде загарантирано на луѓето со посебни потреби. Спроведувањето на овој вид туризам подразбира обезбедување на сите мерки што овозможуваат пристапност и непречено користење и уживање во туристичката инфраструктура, производи, опкружување и услуги, на нормализиран, независен и безбеден начин. Tака, туристот со попреченост нема само потреба од соодветен превоз и сместување, туку и од приспособени угостителски објекти каде што ќе може да руча или да пие кафе, од посета на музеи каде што ќе има можност да ја разбере уметноста, не само да биде физички присутен во објектот, од спортско-рекреативни активности, независно дали се одвиваат на плажа, на планина или во некој живописен кањон.
Недостигот од пристапност во туристичкиот сектор е еден вид дискриминација. Така што, преку внесување на пристапноста во туризмот, истовремено работиме на обезбедување еднакви можности за сите луѓе.
(Авторката е секретар во „Порака нова“, Струга)