Уникатно доживување, кое дарува нови вештини
Во атарот на селото Годивје, во општина Дебрца, среде мозаикот ниви се наоѓаат и тие на семејството на претприемачката Бојана Ѓуровска, која одгледува лековити и ароматични билки, од кои потоа изработува широка палета производи – од тинктури, чаеви, кремови за лице и тело, миризливи соли за капење, сѐ до миризливи теглички и зачини…
Нивниот опоен мирис, со целиот процес на производство, може да го почувствуваат и сите заинтересирани трагачи, домашни и странски туристи, откако семејното стопанство „Китка дарови“ неодамна стана дел и од платформата „Genuine experiences“, која овозможува автентични туристички искуства.
Опстојува веќе две години, а тоа што овој ентитет го нагласува преку својата работа и ставови е дека Македонија е земја што изобилува со природни билки, есенција за производите на „Китка дарови“, кои не би постоеле без невен, кантарион, нане, мента, мајчина душица, камилица, жалфија, лаванда, оригано, мајоран, глуварче, рузмарин, маточина, коприва, бозел, ехинацеа, чубрица, анасон, глог, млечен трн…
– Македонија е раскошна со диви билки и со шумски плодови низ ливадите и шумите, кои отсекогаш се користеле поради нивните својства, и тука, но и во светот. Се трудиме да ја продолжиме таа традиција на употреба на лековитите својства на билките преку нашите производи, да ѝ помогнеме на природата со одгледување на веќе постојните билки, но и на билки што се култивирани и ги нема самоникнати во природата. Оттука е и името на нашата трговска марка „Китка дарови“, дар од природата, дар од Дебрца – вели Бојана.
Заштитен знак на сите производи е лавандата, билка со опоен мирис и релаксирачки ефект, со која и почнала оваа приказна. Есенцијата, пак, е невенот, познат по неговите совршени цветови, кои „Китка дарови“ ги користи во речиси сите производи.
Природни производи во еколошки пакувања
Оваа миризлива сторија почнала пред четири-пет години со купување семеен имот во регион што восхитува со својата ретка природа, во еколошки најчистиот предел во Југозападна Македонија. Микрорегионот на Дебрца му припаѓа на сливот на Охридско Езеро и е споменик на природата под заштита на УНЕСКО. Ова, пак, гарантира чиста животна средина и нуди услови за еколошко производство.
– Престојот во таа природна убавина и нејзиното изобилство со лековити и ароматични билки и плодови нè натера да почнеме да истражуваме како на најдобар начин да ги користиме лековитите својства на билките што растат во околината. Почнавме и да култивираме некои од билките што не виреат таму. Го откривме благодатот од работата со почва, садење, берење билки, нивна обработка, процеси, кои, уверувам, влијаат медитативно на човекот – раскажува Бојана.
Првите производи што ги пласирале биле билните тинктури или концентриран екстракт од билки, а понатаму се заинтересирале и за благопријатните својства на билките врз кожата, па почнале да изработуваат и природни кремови за лице и тело од маслена инфузија, од маслиново масло и од домашно одгледани билки, без какви било хемиски или други додатоци. Таков е кремот од кантарион, кој важи за фаворит кај познавачите на нивната работа.
– Со обработка на растителниот материјал, собирање, сортирање, сушење, правиме и разни мешовити чаеви и зачини, како и јаболков оцет од диви јаболка, кои, најчесто, се достапни во ограничени количини. Секогаш сме насочени кон квалитетот, а не кон количината што ја произведуваме – објаснува Бојана, и нагласува дека пакувањата на сите нивни производи се еколошки и можат да се рециклираат.
Автентично искуство за сите со љубопитен дух
Откако се дел од платформата „Genuine expiriences“, безрезервно се овозможува и сите заинтересирани да искусат дел од процесот низ кој поминуваат. Ваквиот потег дозволува да ги поттикне љубопитните, можеби, да се инспирираат и за свои идеи.
– Обуките од платформата нè научија како од изработката на нашите производи да стигнеме до автентично туристичко искуство, во кое активно ќе учествуваат и посетителите. Платформата е, всушност, одговор на масовниот пасивен туризам, застапен во нашата земја и следење на светските трендови во туризмот, каде што во најбарани се токму автентични искуства од местата што се посетуваат. Преку запознавањето со локалното население, посетителите имаат можност за поинакви доживувања, за активно учество во секојдневните активности на домаќините, запознавање со локалните културни традиции, поддршка на локалната економија, како и зачувување на животната средина. Вклучени се 50-ина автентични искуства од Југозападна Македонија и од Североисточна Албанија и неколку од околината на Скопје, кои се со сосема различен карактер. Може да се посетат локални занаетчии, кои ја одржуваат локалната занаетчиска традиција – книговез, филигран, плетење итн., домаќинки што подготвуваат домашни специјалитети карактеристични за регионот, со што ја чуваат и пренесуваат гастрономската традиција – месење и дегустација на комат, производство на сè што може да се направи од пиперка, посета на современа фарма за одгледување кози и дегустација на производи од козјо млеко итн., уметници – изработка на ламби од тиква, изработка на мозаици, сликарски работилници, а може да се посетат и поавантуристички искуства – кајакарење, едриличарство, планинарење, планински велосипедизам – раскажува Бојана.
Ден поминат со „Китка дарови“ значи споделување автентично искуство. Почнува со запознавање со природните богатства, богатата историја и народни традиции на село Годивје и поширокиот регион на општина Дебрца. Потоа, во зависност од годишното време, посетителите може да учествуваат во процесот на производство: садење или берење билки и плодови од нивите и од околните ливади, одбирање корисен растителен материјал за работа, подготовка за сушење, потопување на одбраниот свеж или сушен растителен материјал во соодветен солвент за отстојување и за извлекување на лековитите својства, како и во процесот на финална подготовка на производите – тинктури и кремови.
– Во рамките на нашата работилница има и сушарница, која функционира во природни услови и на традиционален начин. Во работилницата се изложени производите, како и брошури за нив, во кои се објаснува начинот на употреба и лековитите својства на производите. Посетителите се запознаваат со целиот процес на обработка на дивите и одгледани плодови и билки до финален производ, со што се побогати за една вештина. Учат како да си подготват сами лековита тинктура или крем за лице и тело од природни состојки, без никакви штетни додатоци – вели Ѓуровска.
Гостите, пред да си заминат дома побогати за едно несекојдневно искуство, имаат можност да вкусат и некои гастрономски специјалитети подготвени од билки.
– На пример, локално козјо сирење одлежано во маслиново масло, кое е зачинето со невен и со мајчина душичка, комбинација на билни чаеви, пржени свежи листови од жалфија во маслиново масло посолени со крупна сол, освежителна лимонада зачинета со корејска мента, одгледана на нива, селски колачиња со арома на лаванда и слично – открива Бојана.
Тие што се заинтересирани за повеќе информации може да прочитаат или да резервираат термин на сајтот „Genuine Experiences“ и да ги следат активностите на „Китка дарови I Bundle of Nature“ на „Фејсбук“.
Еколошка и едукативна компонента на искуствениот туризам
Ваквиот тип вклучување посетители во производствен процес не е непознат надвор, во странски земји, но, ја прашувам Бојана, како го оценува интересот на нашата јавност за ваков тип активности.
– Искуството има и еколошка и едукативна компонента, промовира тип агрокултура што има благопријатно влијание врз природната околина и ги чува и негува традиционалните вештини. Во Македонија недостигаат производи со додадена вредност, производи со приказна и производи што ќе понудат уникатно искуство. Нашето искуство има две основни целни групи: добро информирани домашни потрошувачи, кои се соочуваат со недостиг од еколошки / органски производи на пазарот, и странски туристи, кај кои постои голем интерес за производи добиени на традиционален начин и сувенири. Една од целите на „Китка дарови“ е, всушност, и да едуцира. На пример, да знаеме дека лековитото дејство на кантарионот било познато уште пред нашата ера, за што има документирани податоци уште од времето на Хипократ. Уште во средниот век пак, кога имало чума, било забележано дека работниците што користеле етерично масло од лаванда и тие што работеле на полиња со лаванда не биле погодени од лошата болест. Кога сте во близина на лаванда таа природно го стимулира вашиот имунолошки систем, кој потоа поефикасно штити од напади на вируси и на бактерии – објаснува таа.
Чај со лаванда и сушени домати во маслиново масло
„Китка дарови“ постојано истражува нови билки и производи. Најнов момент е градинарската секција, со португалско-италијанска сорта домати, principe borghese, која е погодна за сушење. Со ова го најавуваат и новиот производ сушени домати во маслиново масло, зачинети со комбинација од сушени билки од Дебрца.
– Потоа, шеќер во прав помешан со мелена сушена лаванда, кој на сите напивки, како лимонада, чај или коктели, им ја менува бојата во виолетова. Миризливите теглички, кои го исполнуваат просторот со опоен мирис на лаванда се веќе дизајнирани и многу скоро ќе почнеме да ги пласираме – појаснува Бојана и нагласува дека областа што ја одбрала за работа нуди многу можности, инспирира и возбудува, и дека со огромно љубопитство очекува да види каде ќе ја однесе.
Како се прави природен сапун?
Во соработка со „Природни сапуни ’Бела‘“ на заедничкото автентично искуство за посетителите, се прави и природен сапун, каде што присутните се запознаваат со основите на производство на сапун со ладен процес на сапунификација.
– Заинтересираните имаат можност да направат сапун, вегански или со козјо млеко, да се запознаат со основните масла при изработка, како и да употребат разни видови додатоци како есенцијални масла, зачини или билки. Потоа, од претходно подготвени калапи, имаат можност рачно да исечат сапун, кој веќе стоел два дена и е подготвен за сечење. Во текот на работилницата гостите имаат увид во целиот процес на изработка на сапуните, од почеток до крај, а крајниот производ останува за нив.
Повеќе информации за рачно изработените сапуни може да се најдат на страницата на „Фејсбук“, „Природни сапуни ’Бела‘“.