Социјалниот бизнис „Мама Органа“, развивајќи решение за урбано компостирање, влијае на намалување на количеството комунален отпад и на намалување стакленичките гасови.
Процесот подразбира собирање био-отпад, од кој подоцна се создава високо квалитетен компост.
Со основачката, Наталија Бургиева, разговаравме за новините кои ги има „Мама Органа“, очекувањата од компостарата, како и за неопходноста од циркуларни бизниси во земјава.
1. „Мама Органа“ веќе подолг период работи на иновативно решение за био-отпад. Како дојдовте до решението, што опфаќа, кој го препозна и поддржа, кој е вклучен, дали и овде вработувате самохрани мајки?
Од своето основање во 2017 година, „Мама Органа“ работи на развој на иновативни супстрати и природни ѓубрива погодни за органско градинарење, со цел да им помогне на земјоделците и урбаните градинари во успешно одгледување на нивните билки.
Како основа за производство на нашите производи употребуваме био-отпад, односно отпад од храна и отпад од зеленило кој се создава од одржување на јавните зелени површини и паркови. Во процесите и активностите создаваме работни места за самохрани мајки.
Идејата за ова решение се создаде, кога јас, соочувајќи се со лични здраствени предизвици, почнав да се едуцирам како да се произведе органска и чиста храна во урбана средина. Осознав дека био-отпадот може да се компостира и да се создаде вредност, наместо да загадува. Притоа со овој модел, може и да се креираат нови работни места.
Ова го разбуди мојот претприемачки дух и со идејата аплицирав на натпреварот „Филантропија за зелени идеи“, што го организира АРНО. Идејата беше една од трите кои победија на националниот натпревар, со што добив потврда дека сум на добар пат и продолжив да го развивам концептот. Основав компанија со грант за самовработување преку АВРМ, во тимот вклучив експерти, но и самохрани мајки кои имаа потреба од дополнителни приходи и еве веќе 5-та година успешно работиме најпрвин на полето на едукација и кревање на свесноста на населението за био-отпадот, а потоа и на дополнителен развој на понудата на наши производи.
2. Што значи компостара за еден град како Скопје? Каков проблем решава?
Во Скопје годишно се создаваат околу 40.000 тони био-отпад. Овој отпад го создаваат домаќинствата, институциите и компаниите и претставува повеќе од 60 отсто од вкупниот комунален отпад кој се собира во Градот. Био-отпадот не само што ги преполнува контејнерите и ги валка улиците, туку и кога вака неконтролирано се разлага, во атмосферата ослободува метан и ЦО2, стакленички гасови кои директно придонесуваат за климатската криза со која се соочуваме.
Во моментов овој тип отпад многу ретко се селектира, па најчесто заедно со комуналниот завршува на депонијата Дрисла. Оваа депонија нема обложено тло, па при атмосферски дождови, депонискиот исцедок навлага во почвата и дополнително загадува.
Компостирање на био-отпад, наместо негово одлагање на депонија ќе значи почист град и животна средина, помал импакт на климатската криза, намалени јавни трошоци за транспорт и депонирање, но и создавање на нови работни места и дополнителна вредност – природно ѓубриво, кое потоа може да се искористи за уредување на парковите и јавното зеленило. Компостирањето како процес е дел од циркуларната економија која има за цел да го намали искористувањето на природните ресурси, со повторна употреба на тие кои веќе ги имаме на располагање и со ова да се зголеми одржливоста на градовите и заедниците.
3. Како ќе се собира отпадот? Дали преку индивидуални домаќинства, ресторани? Има ли опции за оние кои се заинтерeсирани, да можат да го депонираат органскиот отпад во оваа компостара?
Компостарата која ние ја набавивме има дневен капацитет за преработка на девет тони отпад. Оваа станица, иако според големината влага во индустриски машини, е премала за третман на целокупниот био-отпад кој се создава во градот, па во прво време ќе биде наменета за третман на отпад од храна од зелените пазари и јавното зеленило од причина што овој отпад е веќе селектиран и спремен за третман.
Во следната фаза, по спроведување на кампања за кревање на свесност за овој тип на отпад и зголемување на капацитетите, ќе ја отвориме можноста и за граѓаните и правните лица.
Ова не значи дека граѓаните ќе немаат можност да селектираат био-отпад, напротив. Земајќи предвид дека секој загадувач, вклучувајќи го и био-отпадот треба, и е препорачливо да се третира на местото каде што се создава, преку Зелен Хуман Град, поднесовме амандман во буџетот на Градот за 2022 година, за набавка на 10 компостари, по една за секоја градска општина. Одобрена е една компостара, за која се развива пилот-проект.
Идејата е селектираниот био-отпад, граѓаните да го одлагаат во компостарата во нивната општина, а компостот да го користат за развој на урбани градини во своето соседство.
На овој начин, граѓаните директно ќе учествуваат во намалувањето на отпадот и во производството на здрава и природна храна.
4. Ние како општество сè уште се бориме да намалиме употреба на пластика, а генерално, сметаме дека е во ред што отпадот што го правиме ни завршува на Дрисла, или на некоја од другите депонии низ земјава. Како е планирано да им се претстави ова на граѓаните, со оглед на тоа што свеста се развива, но со одредена (бавна) динамика?
Поднесовме разни иницијативи до институциите за набавка и поставување на опрема, но имаме и иницијативи за креирање на кампањи за нужноста на овој процес. Преку овие кампањи, ќе им го доближиме на луѓето процесот на компостирање и дополнителната вредност која тие можат од тоа да ја добијат.
Со развојот на урбаните градини и одгледувањето на земјоделски производи, граѓаните ќе имаат можност да развиваат силни заедници, да разменуваат искуства и совети и на крај за вложениот труд да добијат вредност.
Самиот процес е наградувачки, што сметаме дека е доволен поттик за преземање акција.
5. Кое е влијанието на вашиот социјален бизнис?
Ние во „Мама Органа“ сме силни поддржувачи на Целите за одржлив развој на ОН и сметаме дека секој бизнис, индивидуалец, а особено институција треба да ги инкорпорира во своето работење и делување. Нашиот бизнис модел опфаќа дури 7 од вкупно 17-те ЦОР и остварува директно позитивно влијание на: сиромаштијата, гладот, родовата еднаквост, климатските промени, одговорната потрошувачка и производство, одржливи градови и заедници и креирање партнерства. Со оглед на фактот дека ЦОР се интегрирани и многу често влијание во едно поле креира импакт и во друго, сметаме дека влијанието кое што го создаваме со нашите активности, позитивно делува на сите сфери.
6. Се очекуваат ли и нови производи од „Мама Органа“, по ставањето во функција на компостарата?
Да, секако. Ние веќе работиме на развој на два нови производи, Супстрат за медицински билки и Супстрат за бобинки (<6 Ph) кои во моментов ги тестираме, а ќе почнеме да ги произведуваме и продаваме по зголемување на производствениот капацитет, односно по активирање на компостарата.
7. Како гледате на иднината на циркуларните бизниси во земјава?
Живееме во време на конзумеризам и линеарна економија. Го земаме потребното, го користиме и го фрламе. Ваквиот начин на неодржливо трошење на ресурсите, особено на природните, нè доведува, најпрво до еколошка криза која веќе ја чувствуваме, а следно, поради ограниченоста на одредени материјали во природата и загаденоста, веројатно и самиот опстанок на човештвото ќе биде ставен во прашање.
На циркуларните бизниси, не во иднината, туку сега и веднаш гледам како на нужна промена која мора да се случи, ако сакаме на нашите деца да им оставиме барем дел од светот каков што го познаваме или паметиме. Циркуларната економија е концепт во кој многу малку или воопшто не се користат нови ресурси, туку се рециклираат или реупотребуваат веќе постоечките. На овој начин директно се влијае на заштита на природата и планетата, се заштедува на вода и енергија, а се креира иста вредност за крајниот потошувач. Циркуларната економија може да се употребува во секое поле и од секого, не е ограничена само на бизниси, а и не бара некој посебен напор. Само малку волја и желба за подобро.