Мисијата и целта на проектот – ЕДУИНО, подобрување на образованието преку ко-креирање и иновации, значи да бидете двигател на промени во општеството. Тоа бара да поседувате визија, дисциплина, истрајност и голема верба дека промената ќе стане реалност.
ЕДУИНО е првиот и единствен колективен портал за образовни содржини на Бирото за развој на образованието. Проектот за воспоставување на ЕДУИНО е имплементиран од УНИЦЕФ во соработка со невладината организација СмартАП – Лабораторија за иновации, а поддржан од Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, со финансиска поддршка од Владата на Обединетото Кралство преку Британската Амбасада Скопје, Европската Унија и Шведска.
Во ова интервју ќе зборуваме со г-а Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ и со г. Зеќирија Хасипи, директорот на Бирото за развој на образованието.
Идејата за создавање на ЕДУИНО се родила уште во 2017 година, а неговото официјално лансирање е во март 2020 година. Денес, ЕДУИНО бесплатно нуди огромна библиотека на образовни содржини за сите возрасти и групи ученици, за родители, а особено служи за да ја поттикне соработката и професионалниот развој на воспитувачите, наставниците и стручните соработници во училиштата. Како започна процесот? Како се спои сложувалката за ко-креирање и иновирање?
– ЕДУИНО на почетокот беше замислен како место каде стручните лица за предучилишно образование и родителите ќе можат да најдат и споделуваат образовни ресурси и материјали за поддршка на учењето и развојот на децата. Првичниот план беше оваа платформа да се пушти во употреба кон крајот на 2020 година. Но, пандемијата на КОВИД-19 ја забрза потребата од една ваква платформа па ЕДУИНО започна да функционира порано од предвиденото, со поширока целна група – од предучилишно до средно образование. Оттогаш, ЕДУИНО прерасна во централна национална платформа за материјали за учење, игри и ресурси за родители, воспитувачи и ученици, а нуди и можности за професионален развој на наставниците и воспитувачите. Сите содржини во ЕДУИНО ги проверуваат и потврдуваат советниците од Бирото за развој на образованието. ЕДУИНО секојдневно расте и се развива со нови содржини. Во моментов на платформата има: речиси 5.000 видео лекции на 5 јазици; над 1.300 образовни игри и активности за реализација дома и во училница; 41 вебинар, видео упатства и материјали за поддршка на наставниците; заедница од 22.700 наставници кои се регистрирале како корисници (речиси сите наставници во земјата) и над 300.000 индивидуални корисници и посетители. Постојат и 75 ЕДУИНО Амбасадори – станува збор за посветени воспитувачи, наставници и стручни соработници кои придонесуваат со содржини и ги инспирираат и мотивираат другите.
ЕДУИНО претставува огромен придонес за нашиот образовен систем, особено поради неговата уникатност и иновативен пристап, во насока на осовременување на образованието и поттиикнување на заедничко делување, преку создавање на уште поголема ЕДУИНО заедница. Г-дине Хасипи, како преку иницијативите на ЕДУИНО се помага на заедницата во рамки на професионалниот развој на образовниот кадар, еден од клучните чекори во процесот на создавање иновации во полето на образованието во нашата држава?
– ЕДУИНО започна со првиот отворен повик за видеолекции, а како што спомена Патриција, за само две години подоцна, на ЕДУИНО Настава објавени се речиси 5.000 видеа на нашите канали, кои се погледнати повеќе од 4,5 милиони пати. Од сите видеа, речиси 4.000 видеа се за основно образование, повеќе од 500 видеа се наменети за ученици од средно образование, а приближно 300 видеолекции се за деца од предучилишна возраст. Сите овие материјали поминуваат низ систем за верификација и одобрување од стручните лица во БРО, со што се обезбедува квалитет на содржините што ЕДУИНО ги нуди, како и нивна компатибилност со наставниот план и програма.
Преку ЕДУИНО, го подобруваме нашето образование благодарение на посветеноста на нашиот иновативен тим, како и поддршката и иновативноста на сите ко-креатори. За тоа говори и фактот што успеавме да се впишеме со посебна назнака во извештајот на HundrED за најдобри 100 иновации во образованието во светот за 2021 година. Тоа е меѓународна потврда за потенцијалот што го има овој проект, а освен тоа, неговата значајност ја препознаа и сите оние што го изгласаа овој портал во категоријата „Најпопуларен сајт за образование, наука и култура“, па го освоивме третото место во рамките на манифестацијата „Сајт на годината 2021“. Се надевам дека ќе бидеме позитивен пример, не само тука, туку и во светот, за да можат и другите да го следат нашиот пример.
Разговорот со г-нот Зекирија продолжи во насока кон најпосетените ЕДУИНО вебинари, онлајн настани за професионален раст и развој на едукаторите
– Во 2020 година започнавме со првиот серијал ЕДУИНО Вебинари, кои во услови на пандемија беа огромна поддршка на едукаторите за квалитетно изведување на наставата на далечина. Покрај овие вебинари, нашиот тим досега има подготвено околу 120 видеообуки и видеоупатства за наставниците кои се прегледани повеќе од 80.000 пати.
ЕДУИНО Вебинарите се онлајн настани за поддршка на професионалниот развој на наставниците и се едни од моите најдраги иницијативи. За овие две години реализиравме 41 ЕДУИНО Вебинар и издадовме речиси 90.000 сертификати. Со гордост би кажал дека според нашите статистики, сме едни од најгледаните онлајн вебинари во државата со вкупна гледаност со повеќе од 200.000 прегледи во живо и преку YouTube каналот.
Во овој период финализира третиот серијал едуино вебинари, кој се одржува од септември 2022 до јануари 2023 година, каде што се реализираа 10 бесплатни едукативни предавања. Оваа година особено внимание посветивме на можноста за симултано толкување со што се овозможува следење на вебинарите на македонски и албански јазик. Овој процес е осмислен со цел да им овозможи на учесниците практично да го применат наученото. Преку ваквиот подобрен пристап, учесниците имаа можност да се стекнат и со два сертификати: сертификат за стекнати знаења и сертификат за применети знаења кои ќе бидат од особена важност за нивниот кариерен развој.
Учејќи ги новите методи и алатки, учесниците имаат можност да стекнат потребни вештини за имплементирање на иновативни наставни методи поддржани од новите технологии, кои би ги применувале во наставата. Преку ваквиот вид интерактивни и неформални настани ја имаме можноста директно да влијаеме врз професионалниот развој и унапредувањето на дигиталните вештини на голем број воспитувачи и наставници во нашата земја. Тука би сакал да ја споменам групата за професионална соработка и развој која има посебно место во нашата едуино заедница, едуино амбасадори. Едуино амбасадори претставува концепт што го афирмира трудот на највредните и најпосветени воспитувачи и наставници, кои придонеле кон збогатување на едукативните содржини во склоп на порталот едуино. Оваа професионална заедница која во моментов брои 75 членови, постојано се надградува, преку различни обуки, конференции, а особено се гордееме што тие развиваат меѓусебна соработка и дружба – ни раскажа директорот хасипи.
Го продолжуваме разговорот со претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани за можностите кои ЕДУИНО ги нуди на родителите/старателите и воспитувачите за поттикнување на раниот детски развој. Ја запрашавме која е важноста на процесот – учење преку игра? Зошто се важни игровните едукативни активности? Што поттикнуваме со користење на игровните активности од платформата ЕДУИНО Ран детски развој во нашиот дом или училница?
– Поддршката што им ја даваме на нашите деца во раната возраст е најголемата инвестиција што една земја може да ја направи за да обезбеди посигурна, поотпорна, одржлива и просперитетна иднина. За време на овие клучни години, кај децата се развиваат когнитивни вештини, емоционална добросостојба, способности за социјализација, физичкото и менталното здравје, кои се основа за постигнување успеси не само во детството, туку и подоцна во животот.
Најголем дел од учењето и развојот кај децата се случува преку игра. Може да се каже дека нема ништо полесно од играта и дека играњето е вродена карактеристика на сите живи суштества. Делот за ран детски развој на платформата ЕДУИНО е создаден токму врз основа на оваа премиса и има за цел да им обезбеди на наставниците, воспитувачите и родителите ресурси и активности кои го стимулираат детскиот развој преку игра. Компонентата за ран детски развој во платформата ЕДУИНО нуди голем број активности засновани на игра за родители и деца, за кои не се потребни многу средства а овозможуваат квалитетно поминато време со децата. Образовните активности се приспособени на возраста на детето и на различните развојни домени, така што родителите и старателите можат да го следат преминот на нивните деца низ развојните фази преку игра. Преку активности засновани на игра, децата учат за светот и за самите себе и стекнуваат вештини што им се потребни за учење и негување односи со другите, како на пример доверба, самопочит, отпорност и истрајност, љубопитност и независност.
Играњето, исто така, им помага на децата да ги развиваат вештините за дружење со други деца. Преку слушање, обрнување внимание и игра со врсниците, децата можат да ги истражуваат своите чувства и да научат како да ги изразат и како да се справат со емоционалните аспекти од животот. Конечно, играњето им нуди можност на родителите/старателите да се зближат со своите деца на забавен начин, помагајќи им да растат со чувство дека се сакани и дека некој се грижи за нив.
Дигиталната писменост стана многу повеќе од способност за ракување со компјутери. Овие промени кои влијаат на сите општествени сегменти, наметнаа трансформација на класичното образование во модерен и дигитален едукативен систем од кој треба да произлезат дигитално компетентни ученици кои се рамноправни и активни граѓани во развиениот свет. Во вашите излагања споменавте дека сте во подготовки на ЕДУИНО 2Д Лабораторија, па г-не Хасипи, може ли да ни откриете за што станува збор?
– Големите технолошки промени ја одбележаа новата ера на дигитализација во општеството и наметнуваат нови пристапи кон образованието на децата на предучилишна и училишна возраст. Нашата заложба во Бирото за развој на образованието, е постојано да ги следиме современите тенденции за модернизација и унапредување, креирајќи иновативни пристапи и модели во воспитно-образовниот процес. ЕДУИНО 2Д Лабораторија е виртуелна 2Д лабораторија која нуди поддршка на сите кои сакаат да го прошират своето знаење од областа на групата природни науки преку искуственото учење, со посебно внимание на климатските промени и заштитата на животната средина. Истата претставува дополнителен ресурс кој ќе може да се применува од страна на наставниците во секојдневната настава и од страна на учениците (со или без поддршка на родителите) при совладување на наставниот материјал.
По изминати две години, можеме да кажеме дека се гордееме со препознатливоста што ја уживаат богатите и корисни содржини со кои располага нашиот портал ЕДУИНО, почнувајќи од првите снимани видеолекции во склоп на платформата ЕДУИНО-настава, кои се реализирани во првите денови од оваа ЕДУИНО-приказна, па сѐ до денешниот ден, кога максимално се работи на развојот на новиот виртуелен простор, ЕДУИНО 2Д лабораторија. Сите соработници, партнери, поддржувачи, помагачи, кокреатори и учесници се дел од градењето на ЕДУИНО како колективен портал за дигитални содржини, а ние искрено веруваме дека општествениот капацитет што ЕДУИНО го поседува, е одлична основа за развој на прекрасни иницијативи и проекти, кои може само да го збогатат и да го подобрат образованието во нашата земја.
30.01.23