Доза вести, Лице в лице тема

Еднакви права за другите не значи помалку права за тебе!

Време на читање: 4 минути

Женските права се во рамките на човековите права. Вклучуваат слобода од дискриминација и тортура, право на приватност и пристојни услови за живот, право на безбедност и живот без родово или семејно базирано насилство 

Делфина Саздовска

Загатка на денот!
Што е тоа што не се гледа, но тивко ги ограничува можностите за личен и професионален пораст, a жените го чувствуваат повеќе од мажите?
Погодивте?
Тоа е родовата нерамноправност. Од најраните денови во историјата на женскиот активизам во нашата држава постои борба против енигмата наречена родова нерамноправност. Во денешната ера на огромен проток на информации, дури е и зачудувачки колку малку сме информирани за женските прашања. 

Надминување на стереотипите за улогата на жените

Националниот совет за родова рамноправност е организација што неуморно се стреми за постигнување родова рамноправност, развој, заштита на женските права и мир, уште од самото формирање во 1994 година. Тоа се 28 години борба против родовата нерамноправност. Претседателката на оваа организација, Савка Тодоровска, важи за една од водечките носителки на женскиот активизам кај нас. Нејзиното долгогодишно искуство во соработка со женските организации овозможува да има јасна слика за состојбата на женскиот активизам – од првичното формирање на оваа организација, и за состојбата во која тие организации, дел од мрежата, се наоѓаат денес.

– Женскиот активизам во 90-тите години на минатиот век беше заснован на желби да се организираат жените, да работат и да дадат придонес во заедницата со ентузијазам, без проекти. Тогаш имаа цел организирање на жените во здруженија на локално и на национално ниво, со оглед на состојбите и потребите, за постепено да се гради и визијата и мисијата на нивното дејствување. Денес, работата на женските организации се заснова на институционална форма, на проектна, стратегиска основа, на меѓународни и домашни проекти, организирани во доменот на што посилно женско движење. Целта е надминување на стереотипите за улогата на жените на сите нивоа – вели Тодоровска.


Нерамноправноста не е проблем само на возрасните

Активистките веќе долго време се борат за искоренување на родовата нерамноправност, на локално и на глобално ниво. Генералната идеја на родовата рамноправност е сите да имаат еднакви права, одговорност и можности бидејќи полот не е најважниот индикатор за нивната распределба.
Но, зошто воопшто да се распределуваат правата? Еднакви права за другите не значи помалку права за тебе!

Нерамноправноста не е проблем само на возрасните. Иако, прашање е дали поголемиот дел од возрасните се свесни за тоа. Сте помислиле ли дека нерамноправноста ја чувствуваат и децата, особено девојчињата, во нивните домови, училишта, во учебниците, во медиумите и меѓу возрасните што се грижат за нив? Колку пати сте се соочиле со учебници или медиумски реклами во кои улогата на жената била да ги извршува сите домашни обврски додека мажот печали на работа? Која е потребата од етикетирање меѓу машки и женски професии доколку и двата пола еднакво компетентно ги извршуваат задачите? Ваквите родови улоги што имплицираат на родовата нерамноправност се вкоренети и во законите и политиката, кои не ги поддржуваат – или дури и ги кршат – правата на девојчињата и на жените, а особено се вкоренети во културата на општеството. Женските права се во рамките на човековите права. Тие се дел од договорите за човековите права, вклучуваат слобода од дискриминација и тортура, право на приватност и пристојни услови за живот, право на безбедност и, најважно од сѐ, живот без родово или семејно базирано насилство.  

Чекор по чекор до поголема свест

Женскиот активизам во нашата држава последниве неколку години интензивно се фокусира на овие компоненти на женските права. Граѓанскиот сектор забележливо се соочува со отпор од страна на народот. Ова се должи на недоволно познавање и недоверба во граѓанските организации. Сепак, тоа не е доволна причина за откажување од каузата на која било организација. Женските организации се особено активни и гласни, исто како и резултатите и промените што ги следат. Почнувајќи од работилници, обуки, јавни дебати, па сè до СОС-линии и вистински промени во законите. Тука е и светската кампања „16 дена активизам за борба против родово базирано насилство“, во која редовно учествуваат женските организации и ја користат како стратегија за организирање масовен број поединци и организации, со цел да се спречи и елиминира насилството врз жените и девојчињата. 

Дали има едно единствено решение за овој проблем? Не. 

Сѐ додека жената се перципира како понежниот пол, сѐ додека улогата на жената во семејството е, главно, како домаќинка, и сѐ додека се наоѓа оправдување за насилствата врз жените, без разлика на нивниот статус, ќе постои овој проблем.
Преку континуирано следење и евалуација на специфичната состојба во која се наоѓа жената можеме да навлеземе подлабоко во разбирање на причинско-последичниот однос со родовата нерамноправност и неговото потекло. Чекор по чекор треба да се поттикне свеста на луѓето. Рим не бил изграден преку ноќ, а родовата рамноправност уште помалку. 

Што можам да направам јас како индивидуа кога одговорноста не е во мои раце? 
Препорака од страна на гласноговорниците и приврзаниците на женскиот активизам и солидарност е организациите, лидерките во сите сфери на општеството и сите поединечно, да работат за надминување на родовата нерамноправност. Потребена е зголемена свест, доследност и посветеност кон своите цели. Без разлика колку и да изгледа невозможно или недостижно, ако ја познаваш насоката кон целта, тоа што е заслужено ќе го најде својот пат до тебе.

(Авторката е студентка и е дел од Националниот совет за родова рамноправност)

Image by Freepik

Напишете коментар