Осврт кон сер Кен Робинсон
Ако семејството е примарна општествена клетка во која единката ги учи основните вредности и норми, тогаш училиштето ја има улогата да ги надополни и надгради и да отвори нови хоризонти полни со можности за пораст и за развој. Да го поттикне умот на младите да размислува љубопитно за нештата што се случуваат и постојат. Да сакаат да истражуваат и да научат како се набљудува од различни агли, а процесот на решавање на проблемите да е предизвик низ кој ќе растат и ќе се осознаат себеси.
Неодамна нѐ напушти британскиот автор, говорник и меѓународен советник за образование, сер Кен Робинсон, човекот, чијашто визија повикуваше децата да бидат поттикнати низ образованието да се истражуваат себеси и потенцијалот што го носат. Неговите ставови остануваат да брануваат и да нѐ потсетуваат дека „учењето се случува во умот и во душата, а не во тестовите“.
Место контрола – потребна е соодветна клима
Робинсон споделуваше дека за образованието да се трансформира и да успее да расте треба да се гради на три фронта. Пред сѐ, да ја поттикне различноста, а со тоа да нуди широка наставна програма, која, пак, ќе го поддржи индивидуалниот процес на учење. Вториот фронт е да ја храни љубопитноста преку креативно предавање – нешто што зависи од вештината на наставниците, нивната отвореност да ги натераат учениците да размислуваат надвор од кутијата во која системот се обидува да ги смести. Третиот е фокусот на будење на креативноста преку алтернативни дидактички процеси, чијшто акцент на стандардното тестирање е многу посуптилен. Со ова, одговорноста за дефинирање на текот на образовната програма им се доделува на самите училишта и на наставниците.
Според него, во ова можеме да успееме само ако признаеме дека образованието е органски систем, а не механички. Тоа значи дека наставниот кадар ќе се смета за успешен кога место контрола, ќе создава соодветна клима.
„Трошиме толку многу време со ограничување на нашите ученици и учители, кои во себе носат огромен талент“, ги повикуваше тој сите наставници да гледаат поинаку на ресурсите што им се на располагање, да внесат креативност што ќе разбуди интерес кај учениците, да создаваат средина за учење во која учениците, индивидуално и во група, ќе напредуваат и процветуваат.
Тој нагласуваше дека е неопходно да го преиспитаме нашиот став кон интелегенцијата зашто таа е разновидна. Размислуваме и мислиме визуелно, механички, кинетички, во движење… Но, таа е динамична, а оригиналните идеи многу често извираат преку интеракција за различните начини на гледање на нештата.
Трансформација на образовниот модел
Мисијата на Робинсон се потпираше на интенцијата да го промени ставот кон образованието, со посебен акцент на тоа дека проблемот е и во индивидуата, а не само во системот.
„Образованието е подготовка. Токму затоа, многу е важно низ процесот на образование индивидуата да открие во што е добра и кои се нејзините потенцијали. Мојата мисија е трансформација на образовниот модел, кој ќе се заснова на креативност, разновидност и на природен пораст“, велеше овој познат едукатор.
За него, токму тоа што го прави човекот низ животот, со потенцијалите што ги носи во себе, гради и своја биографија во која се сумирани сите аспекти на живеењето: „Тоа нѐ прави автентични, тоа што, навистина, сме“.
Робинсон долго време работеше на полето на образованието, но истовремено ги балансираше и другите улоги како учител, автор, истражувач, советник и говорник.
„Факт е дека, со оглед на предизвиците со кои се соочуваме во образованието, тоа не треба да се реформира, потребно е да се трансформира. Клучот на оваа трансформација не е да се стандардизира образованието, туку да се персонализира. Достигнувањата да бидат насочени кон откривање на индивидуалниот талент на секое дете, да се стават учениците во средина во која сакаат да учат и каде што природно можат да го откријат својот вистински талент“, нагласуваше тој.
Разбудете го истражувачот во себе
Сер Кен Робинсон беше лидер и директно вклучен во многу иницијативи низ светот во сферата на образовниот систем, културата, корпорациите и организациите. Во својот живот бележи 12-годишна професорска кариера на Факултетот за уметности. Јa предводел и Националната комисија за креативност, образование и економија за тогашната влада на Велика Британија. Во 2006 година со неговото присуство на TED talks, кога говореше на темата „Дали училиштето ја убива креативноста?“ , стана познат по најгледаниот говор во историјата на овој е-канал. Ова видео било прегледано повеќе од 60 милиони пати, а со тоа Робинсон стана и миленик на секоја генерација. „Ако не сте подготвени да згрешите, никогаш нема да дојдете до нешто оригинално. Интернетот е достапен за секој од нас, но и многу повеќе од тоа. Тој е дел од нашето секојдневие. Ни нуди огромен број можности да се едуцираме надвор од училишните клупи. Замислете само каква промена на свеста ќе се случи на глобално ниво ако го разбудиме истражувачот во себе. Откријте ги различностите во светот и почнете да пловите осознавајќи нови нешта. Почнете го тоа денес“, укажуваше Робинсон, по што беше и препознатлив, покрај книгите, кои му станаа бестселери.