Лице в лице тема

Младинското учество е приоритет во образовните реформи

Време на читање: 7 минути
- банер -

Кога младите на мирен начин протестираат за правото на училиште, кога се борат за правото да бидат забележани и бараат нивното мислење да се чуе и уважи, и кога поради тоа се омаловажувани, маргинализирани и навредувани (пубертетлии, неосвестени, дечишта, платеници), тоа многу зборува за заедницата. Тешко се живее спокојно и добро во таква заедница. Тешко и болно.

Илустрација: Зоран Индески

Но, токму пандемијата, најголемата и најзаканувачка глобална криза со која се соочуваме во моментов, ги изострува разликите. Го исфрла најгрдото на површината, истовремено нагласувајќи ја и можноста да го истакне и најдоброто во секој од нас. Кризите се и познати по тоа, по својата контроверзност, по тоа што поларизираат, двојат и бришат сѐ што било корисно и вредно потсетувајќи нѐ дека човекот е тој што е создаден и кадарен за борба, за спротивставување, за барање решенија и дека само тој може да го најде излезот. Затоа е важно да го извлечеме човекот од себе и да застанеме заедно во таа битка. И да бидеме мнозинството во тоа.

Недостига поголема верба во младите

Првата задача е да ја видиме различноста и контроверзноста на тоа што го живееме и од што се плашиме обидувајќи се да го вратиме животот на старо, место да одиме напред. Неопходно е да го напуштиме тој пат на враќање назад, да ја прифатиме контроверзноста како модус вивенди, како патоказ за идните чекори и да одговориме на неа со нови, креативни, радикални и контроверзни решенија и акции.

Замислете, за првпат имаме млади што протестираат за своето право на училишни клупи, мирно и артикулирано, место против правата на другите, агресивно и изгубено, на што повеќепати сме биле сведоци. Зар тоа не е контроверзно за наши услови? Младите сакаат и веруваат дека е можно безбедно и инклузивно образование со комбинирана настава во услови на пандемија, наспроти мнозинството преплашени дезориентирани возрасни, кои ги потценуваат нивните можности и пред да ги слушнат. Ете уште една контроверзија на нашата стварност, која открива како ги третираме и колку мала доверба имаме во младите, а токму на нив се повикуваме секогаш кога зборуваме за иднината. Притоа, сосема заборавајќи на суштината на нашата водечка улога, која треба да се потпира на поголема храброст и вештина од нивната и на поголема доверба и поддршка на нивните идеи во нивниот пат на осамостојување.

- банер -

Се чини дека сега, со кризата, сме и најблиску до учеството на младите во реформите на образованието, како нивна животна тема. Дали ќе успееме да се спротивставиме на стереотипите за нивната немоќ, на стравот, несигурноста, да се избориме со нашите слабости во моментот кога се очекува да одговориме храбро, информирано и вешто, со нови решенија? Отворањето ширум на вратите за младинско учество во образовните реформи е приоритет на кој чекаа предолго. 

Опаѓа трендот на приврзаност кон училиштето…

Вториот аргумент за соочување на нашето образование со пандемијата е заснованоста на сите одлуки на проверени истражувачки наоди на темата образование и здравје на децата. Еден од тие извори на кои мораме да се повикаме е и Студијата за однесувањето поврзана со здравјето на децата од училишна возраст, која секоја четврта година се спроведува во 48 земји од Европа и во светот, меѓу кои и во нашата земја. Еден од наодите за приврзноста на нашите ученици кон училиштето, на кои можеме да ги потпреме и своите одлуки, покажува дека македонските ученици се на врвот од листата земји во кои учениците најмногу го сакаат училиштето.

Табела 1:

Истата студија дава податок дека со намалување на имотноста на македонското семејство, расте и приврзаноста на децата кон училиште – децата од сиромашните семејства повеќе го сакаат училиштето од поимотните, и тоа на сите три возрасти – 11, 13 и 15 години. Девојчињата на сите возрасти повеќе го сакаат училиштето од момчињата, што говори за родова нееднаквост, особено присутни во патријархалните средини, но и за тоа дека училиштето е излез токму за најмаргинализираните и најобесправени деца (сиромашните, девојчињата, ЛГБТ децата, децата со попреченост и сл).  

Важно е и дека за последните 16 години трендот на приврзаност кон училиштето во Северна Македонија континуирано опаѓа, за во 2018 година да имаме најниска стапка на желбата на децата за одење на училиште. Но, и покрај тоа остануваме на врвот од земјите опфатени со студијата, со деца што многу го сакаат училиштето. (Овие во сиво извади ги плс од планираниот текст табела 2)

Во сиромашните заедници, училиштето е главниот полигон за учење и за развој

Овие податоци за нашето образование, сега, во минатото, но и во иднина, на повеќе начини зборуваат колку е училиштето важно за состојбата на нашите млади. Наодите покажуваат дека во економски исцрпените заедници, каде што не само образованието, туку ни семејството ниту заедницата немаат доволно ресурси (хумани и материјални) за соодветна развојна стимулација на децата, училиштето станува главниот полигон за учење и за развој. Тука образованието, очигледно, ги пополнува празнините во академската, но уште повеќе во културната, социјалната и во воспитната сфера на детскиот развој.

Кај нас доминира патријархалната заедница со длабока родова нееднаквост, со лесно обележување и исклучување на другиот, поинаков од себе, вредности што ги нагласуваат кризите генерирајќи конфликтност и крутост, место инклузивност. Во такви услови, образованието е единствената шанса за запирање на овие трендови. Од него се очекува да се постави критички, да ги менува овие вредности, и „училиштето во менување“ да го направи доминантна реалност на детскиот развој, наспроти кризата. Тоа се предизвиците со кои денес се соочува нашиот образовен систем. Децата не смеат да останат изолирани и надвор од овие процеси на трансформација зашто се нивните најавтентични фактори.

Кризата е момент на пресвртница

Социјалното, менталното и емоционалното здравје на детето и на човекот не можат да се разгледуваат одвоено, да се поставуваат во каков било хиерархиски однос, ниту да се подведуваат под физичко здравје затоа што се сите еднакво важни и се интегрален дел од здравјето видено како општа состојба и ресурс на животот. Не постои здравје без ментално, емоционално и социјално здравје.

Сите овие резултати покажуваат дека токму сега е критичниот момент децата да се вратат во училиштата на квалитативно поинаков начин од досега. Кризата е тој момент на пресвртница. Треба да се искористи за децата да добијат поинакви образовни услови, смисла и содржини во заживување на нивниот интерес за училиштето. 

Тоа што недостига во моментов е само политичка волја, но и знаења, кои ќе помогнат во мноштвото предизвици и контроверзии да се препознае каде лежат многубројните нови решенија во процесот на надминување на оваа криза. Едното од тие решенија е, секако, безбедна, инклузивна и квалитетна комбинирана настава, со учество на сите засегнати страни, со флексибилни и селективни  променливи и неизвесни.

За тоа да успее потребно е усвојување стартна позиција за сите училишта, изразена во образовна платформа, доволно сеопфатна и флексибилна за услови на криза за да може секое училиште да се препознае во неа и да се охрабри во преземање на првите чекори.

Платформа за образование во услови на пандемија

Чувствителност на образовниот систем за новите потреби 
Решенијата за образованието мора да се донесуваат заеднички и мултидисциплинарно. Кризата е контекст со услови за радикални и подобри системски решенија од вообичаените. Одговорот на кризата мора да биде нов, креативен и прогресивен за да стане дел од решението, место дел од нејзиното продлабочување. Потребни се нови алатки, преструктурирања и нови организациски обрасци што ќе можат да се градат постепено и во од, но и со препознавање и користење на постојните ресурси што постојано ќе се надградуваат. 

Училиштата и локалните заедници се клучните ресурси на целата заедница во услови на криза.
Училиштата се главниот извор на информации и идеи како да се дојде до решенија. Иако не се сите еднакво опремени и подготвени да се видат себеси во улогата на активни учесници во промените, секое училиште треба да добие шанса да биде вклучено во процесот на промени. Оттука, понапредните, доколку се охрабрат и има кој да ги чуе, со својата добра практика можат да станат модели за следење на другите. Во процесот нема простор за компетитивност и за негативен став, туку доминираат соработка, размена и инклузивност, кои се потпираат на знаења, интегритет и на вештина.

Решенијата треба да бидат во согласност со потребите на секое училиште и локална заедница.
Не постои само едно решение или модел на настава што е еднакво добар за сите училишта и средини. Дури и на ниво на протоколите што мораат да се спроведуваат секаде, мора да постои флексибилност, во зависност од условите. Безбедноста на децата останува највисокиот приоритет, но одговорот ќе зависи од степенот на заканата, како и од успешноста на заедницата да се консолидира и да одговори на предизвикот со сите ресурси што се на располагање. И во изборот на обликување на наставата, како и во користењето наставни средства и технологија, училиштата, според своите можности, би требало да решаваат во колкав процент наставата ќе се одвива со физичко присуство, а кога и каде да се вклучат предавањата преку интернет. Решенијата ќе бидат различни, со идејата да се групираат во пет-шест модели, кои ќе се следат понатаму.

Флексибилност во пристапот на донесувањето одлуки.
Училиштата, родителите, децата и заедницата ќе треба да (на)учат да прифаќаат флексибилни, наспроти конечни решенија, како во одлуките што ќе се менуваат во зависност од околностите, така и во можностите училиштата да поминуваат од една во друга фаза на заштита, дури и во ситуации на нивно повторно затворање или отворање.

Повеќенасочна и ефикасна комуникација меѓу сите засегнати страни.
Надлежните институции (БРО, МОН, Комисијата на ИЈЗ) треба да ги чујат училиштата, наставниците, учениците и родителите, како и да најдат начин да ги охрабрат преку локалните заедници за да земат активно учество во безбедно отворање на училиштата. Тоа бара сосема поинаква поставеност на комуникацијата, низ повеќе комуникациски канали што ќе функционираат вертикално и хоризонтално. Со тоа и одговорноста за ефикасноста во соочувањето со кризата, соодветно на учеството, ќе ја делат сите учесници во одлуките.

Формирање кризни тимови во училиштата.
Раководството на училиштата треба да биде засилено со обучени кризни тимови од по четири до шест члена, составени од наставници, стручна служба, родители и ученици, кои треба да покажат интегритет, посветеност во работата, висок степен на етичност, одговорност и грижа за другиот. Кризниот тим на ниво на училиште има јасно дефинирана цел и задачи, а на дневна основа реагира на сите новонастанати ситуации во секојдневната работа на училиштето. Секој член на тимот би бил задолжен и одговорен со конкретни задачи, чијашто реализација може да се следи и унапредува. Овие тимови би имале одговорност, но би морале да имаат и надлежности поголеми од тие што ги имаа директорите досега.

Учество на родителите.
Родителите се клучната алка во функционирањето на образовниот систем во услови на криза, кој веќе претрпел промени со комбинирана, скратена и репрограмирана настава. Тие ќе мора да бидат активно вклучени во неговата реализација од самиот почеток. Формите на учество на родителите можат да бидат најразновидни, од учество во редовните школски активности на децата, нивното слободно време, до советодавни и други помошни функции.

Оваа платформа овозможува полесна подготовка на секој посебен ентитет од образовниот синџир – училиште, заедница, родители, ученици, но и полесно прифаќање и флексибилна примена на сите протоколи на самозаштита, кои без неа дејствуваат суво, бесчувствително и заканувачки. Вака поставена, платформата треба да биде мостот, точката на размена и поттикот за соработка меѓу командниот центар (МОН, БРО, ИЈЗ) и непосредните фактори на образовниот процес – училишните кризни тимови, наставниците, родителите, учениците и локалните авторитети. Без таква поврзаност, заснована на континуирана, двонасочна комуникација, одлуките имаат ризик да се претворат во генератори, место во решенија на кризата.

Табела 2 – Ученици (11-15 год.) што „многу го сакаат училиштето“ во период од 16 години.

Фото Зоран Индески

Напишете коментар