„Буква“ му недостигаше на градот!
Препораки од основачите на кафе-книжарница „БУКВА“
Иван Шопов, Андреј Јованчевски и Филип Димевски. Ова е триото што реши да ѝ пркоси на паузата во културниот живот во Скопје што ја предизвика пандемијата. Сите тројца се свесни дека ритамот на функционирање на една кафе-книжарница во време на здравствена криза има послабо темпо, но, велат, не планираат да се откажат од идејата да му дадат на градот место што ќе им вдахне живот на културните настани и дружења по тој повод.
Кафе-книжарницата „Буква“ е постара идеја, која тлее подолг период, а ни се падна да ја реализираме во најлошото можно време, велат тие.
– Се обидовме да создадеме отпуштено културно-хедонистичко катче по наша мера и вкус, место во кое и нам би ни било пријатно да престојуваме, да се дружиме и да работиме, а какво што недостига во градот. Внимателно ги избираме насловите што се понудени во книжарницата, а планираме да посветиме посебно внимание на графичките новели, на визуелната уметност, плакатот… – најавува тимот на „Буква“.
Нивните планови предвидуваат и одржување различни културни настани – промоции на книги, изложби на фотографии, цртежи, плакати, проекции на филмови, но, сето тоа, во исто време, во голема мера, е условено и од ситуацијата со вирусот корона.
– Веројатно не сме нормални што се зафативме со ваква работа во време на опасна пандемија, кога први на удар се токму тие професии и претпријатија што вклучуваат непосреден човечки контакт, но не планираме да се откажеме – велат тие.
Местото е сместено до поранешното кино „Култура“, а од тројцата основачи побаравме да ги споделат своите препораки за музички албум, филм и за книга, кои може да дејствуваат инспиритивно и за читателите на „Лице в лице“.
Иван Шопов: „Перија“, „Falan Filan“
Деновиве интензивно го слушам и преслушувам новиот албум на „Перија“, „Falan Filan“. Музицирањето на оваа група првпат го чув на улица и веднаш заборавив на работата по која бев тргнат. „Перија“ за мене беше причина почесто да се врткам во центарот на градот зашто секогаш постоеше можност да налетам на еден од нивните спонтани улични настапи.
„Перија“ фантастично се снаоѓа во тоа што се нарекува ‘world music’, музичка „фиока“, која, можеби, звучи понекогаш изветвено, измалтретирано, во која може да се најде секаква турлитава. На девојките од групата им успева да звучат моќно, а непретенциозно. На своите албуми актуализираат помалку познати, па дури и непознати стари песни, а комбинацијата од јазици, широкиот спектар влијанија и извори (црпени на релација исток – запад / Балкан – Ориент) кога ќе помине низ нивниот филтер не се чини како некакво банално рециклирање, туку како автентичен и компактен звук.
Членките на „Перија“ велат дека со своите улични изведби се обидуваат да ја сочуваат културата на достапност. Да се слуша оваа група на улица и на студиска снимка е различно искуство, но, дефинитивно, и на албумот е конзервиран добар дел од таа непосредност и жива музичка енергија.
Андреј Јованчевски: „Обоената птица“ на Вацлав Мархоул
Ако треба да издвојам еден од поновите филмови што ми имаат оставено силен впечаток со истенченоста во располагањето со филмскиот јазик и со развиеноста на своите естетски, смисловни и тематски слоеви, би го посочил филмот „Обоената птица“ (Nabarvené ptáče) на чешкиот режисер Вацлав Мархоул.
Создаван во текот на неверојатни 11 години, филмот е речиси совршено изработен во секој поглед – сценариото, актерскиот избор и игра, сценографијата, звукот, кадрирањето, монтажниот ритам и сите останати структурни елементи и аспекти се темелно промислени, вешто изведени и деликатно склопени во целина. На многу места е необичен, учено експериментален, со одгласи на класици како „Ивановото детство“, а вреден е уште како етнолошко-историски документ. Со бавен ритам и долги визуелни фрази, речиси без дијалог, во манирот на еден друг современ мајстор на подвижната слика, Бела Тар, овој филмски текст го осветлува проблемот на детството и мачното созревање во услови на фашизам, истражувајќи ги корените и манифестациите на варварското насилството во европските недра (неисцрпна тема за уметноста задолжена со катастрофичните искуствата на XX век), на линчот, накажаноста и исклученоста.
За сите што сакаат бавни, развлечени црно-бели филмови, верувам дека оваа приказна за едно дете залутано по грубото лице на европската војна ќе биде длабоко и вредно искуство. Фактот што во основата на филмот лежи и книжевно дело од чешкиот дваесетти век може да биде повод за дополнително прегледување на применетите методи на читање и на интерпретација од страна на Мархоул.
Филип Димевски: „Престапни години (прозен календар)“ од Оливера Ќорвезироска
Изминатата 2020 година, по многу нешта, за жал, негативни, беше нестандардна, престапна година. „Престапни години (прозен календар)“ е збирка конципирана во 12 циклуси, на секој месец му е посветен по еден циклус, со една куса проза за секој ден од календарот на една престапна година.
Прозата структурно варира од микрофикција, дневнички записи, цртички, сѐ до луцидни јазични и емоционални медитации… обемен спектар од разна тематика од нашата сегашност, датуми-клучеви (кодирани или суптилно прикриени), рефлексии за разни појави и личности, за животот и творештвото. Но, ако може да се повлече една заедничка нишка на расказите, главниот збор (не случајно) го имаат јазикот и нејзините лични, семејни и духовни доживувања – оригинално и виртуозно преплетени во разновидна жанровска определба.
Ќорвезироска им посветува огромно внимание на можностите за манипулација и зборообразување на јазикот, го искачува на повисоко ниво, како алатка за отсликување на уметничкиот свет, таков каков што си го замислила авторката.