Доза вести, Час по родови прашања

Да би да си, да станеш, да бидеш и да постанеш (домаќинка и(ли) драматургинка)

Време на читање: 10 минути

Уметницата не мора да биде здрава. Би можела. Не мора да е убава. Би можела. Не мора да има ни сопствена соба. Би можела. Но, она што мора е своите стекнати права, од позиција на привилегираност, да ги стави на услуга, со готовност за борба, готовност да се заземе, да се застапи како за правата на својот род, така и за другите, чии права, како и нејзините, се секојдневно ставени на тест.

Кристина Тодороска Петреска

Фото: Кристина Затуровска

Предговор

После туризмот, различноста е вториот императив на охридско-струшкиот регион. Тука е етничката разноликост, но, како јас од позиција на привилегирано мнозинство да зборувам за различниот,  а тоа да не биде едно површинско, афирмативно писмо кое ќе ја слави различноста и секојдневните релации меѓу сограѓаните (како тоа да не опстојувало многу пред мене и пред тебе)? знаејќи дека подлабоко има толку сѐ уште несовладани предизвици, за зборот соживот да не е само испразнет и прелесно употребен збор.
Што да кажам за лицата со попреченост, со кои навистина сум имала блиски дружби низ годиниве, кога е најпаметно тие да ги раскажат своите приказни, зошто најтешко е да се замислиш во нивните чевли. И ете, после толку искуство со работа на меѓуетнички дијалог, долги години активна вклученост меѓу лицата со попреченост, се чувствувам дека немам нешто доволно паметно да кажам од оваа удобна перспектива на здрава, права Македонка што си го стекнала своето место во општеството. Ете не знам, наеднаш се чувствувам неповикана…

Седам, станувам размислувам и преиспитувам, се вртам во кујната и наеднаш ми текна на мојата лична непривилегираност. Различност. Родова непривилигираност. Мојата лична борба, патот и препреките на патот до стекнувањето на своето место, многу често, баш затоа што сум женско. Ете, во тие чевли знам како се оди… И самата не можам да ги носам ако се на висока потпетица.

И кога десните дискурси засилено јуришаат да ја вратат на големо „традиционалната“ вредност, и кога се забрануваат книги по училишните библиотеки, зарем не треба токму за тоа да пишувам, токму за тоа што најдобро на своја кожа сум го осетила од позиција на потчинета улога?! Да те третираат инаку, баш затоа што си женско. Токму затоа што е под закана еднаш стекнатото право на жените, треба таа за тие чевли да пишуваш Кристина:  да се знае, да не избледне и да не се заборави, да не одмолчиш, да не се дозволи – да се поткопа женското право, да се релативизира, извртува, мажјаснува и на крај одземе.
Поминаа денови и текстот се крои, преработува во главава, седнувам малку, бележам, па пак нешто излегло…Ехее…, време отера. Но, еве го, го фаќа последниот рок да се предаде. Се надевам истиот ќе успее да ви даде одговор, зошто толку знае да отера, еден текст.

                                                                 **********
СЕ ОТВОРА СЦЕНАТА
(Драг читателу, додека  читаш, те поканувам да си замислиш кујна. Реквизита (лажици, мешалки, чинии, зачини…) Замисли си кујнска динамика. Актерка; гласот на актерката, облечена меѓу другото со престилка и марама што и ја прибира косата. Таа, додека го изустува долгиот монолог што следи, истовремено работи нешто во кујната. Еднаш меси, друг пат со садовите се занимава, сецка, прави манџа и сл. Оставам на твојата имагинација)  

ДА СИ

Струга ‘80-ти

Бев дете на новинар и акушерка. Мајка ми често одеше на 12 часовни дежурства, некогаш целовечерни, некогаш целодневни… Често го поминував  времето во радио или во бистрото под радиото, со татко ми, пиејќи сокче и немајќи појма за што муабетат, Гане Тодороски, Никола Кирков, Коле Чашуле, но и со Оливера Николова, Јелена Лужина, Виолета Пирузе…. Од мала ме носеше по фоајеата на хотел „Дрим“ на Струшките вечери на поезијата. Во детската се чуваа книгите. Сакав да се вртам во фотелјата кај татко ми, да шкрапам бесмислици на неговата машина, да си замислувам дека иднината за мене спрема некое вакво секојдневие, со пишување и дискутирање со видни луѓе под јаворот на некое бистро.
Бев внука на партизани и партизанки. Се правев важна кога баба Руса Бебекоска, како претставничка на АФЖ, во училиште, ни раскажуваше за нејзината улога во НОБ. Мислев, кога ќе пораснам ќе бидам младинка и заедно со другарите и другарките ќе ја градиме татковината. Таа утопистичка идеја ме прогонува и денес, повеќе од 30 години откако ја нема.

Бев и кревко девојче кое рано осозна дека постојат профили на сексуални предатори и дека токму со таквите треба да си спремна сама да се справиш, зошто тие демнат по прилики да те најдат сама и незаштитена.  После „Ме tоо“ и „Сега кажувам“ успеав да освестам дека токму на оваа траума се должи моето своевидно помашкосување, огрубување, сокривање зад машките џемпери, кратките фризури и пантолоните – таа револуционерна придобивка, која замислете (!) сме морале да ја избориме за себе.
Бев се разбира и ќерка која ја подготвуваат да биде добра домаќинка: требаше да смукам, да му ги исчистам чевлите на тато, да и помагам на мама, во неделите кога се пеглаа кошулите, пантолоните (со раб), а и штирканите чаршафи и миленца.  Добро е да бидеш поткован за реалниот живот. Можеби јас не бев свесна, но моите родители знаеја, кој им ги пере чорапите на пролетерите од целиот свет.

ДА СТАНЕШ

(овде читателот нека се потсети што се случува во кујната, нека си замисли вообичаено дејствие. Што прави актерката додека го продолжува монологот? Така и пред секој друг поднаслов во текстот)

Треба да одберам студии. Компаративна е тежок научен смер, ме убедува татко ми, за посветени теоретичари, писатели…тоа си бара извесни привилегии, голем влог, треба да бидам попрактична… Во мојата претстава за себе, ја гледам порасната онаа малечката што се врти на фотелјата, штрака по машината за пишување… дај да си се изначитам јас, па после ќе му ја мислам за „практични жени“. На првите страници од романот есеј на Вирџинија Вулф – „Сопствена соба“, ме пречекува неверицата дека само пред стотина години „на дамите влезот во библиотеката им е дозволен само во придружба на член на универзитетскиот колегиум или со препорака“. „Жената мора да има пари и сопствена соба ако сака да пишува романи“, тврдеше Вирџинија.  Татко ми ова го знаел, ми кажа, да не речам дека не бев предупредена.  Но, денес се други времиња, сто години понапред, зарем е толку неосвоива таа тврдина, наречена сопствена соба?! Потоа тука беше романот „Љубена“ на нобеловката Тони Морисон, една од најзаслужните борки за правата на афроамериканската жена.  Станува збор за крвава и болна семејна драма, на која ѝ претходи чедоморна смрт на бебе, кое мајката го дави за да не биде и тоа одземено, поробено, силувано… Чин на љубов кој толку силно се материјализирал што во облик на дух засекогаш ќе ја прогонува и мајката, и сестрата, и оној кој ќе ја прочита „Љубена“. После Љубена многу подлабоко и од друг агол ја перципирам и „Македонска крвава свадба“ а, некако развив слух за многу нераскажани приказни во поробеност, на нашите баби и прабаби… Не можам да не мислам, што сè е премолчено, на тие наши тешко чувани огништа… Колку љубени, останале незапишани, закопани во мрачните тишини на нашите претки?!
Научив. Да станеш еднаква  не значи само да ја стекнеш привилегијата на сопствена соба, значи да застанеш и да се бориш, за правата на оние на кои брутално им биле и им се одземани, отсекувани, дури и кога и својата сопствена соба, сè уште не си ја освоил.

 ДА БИДЕШ

Веднаш после студиите станав мајка. За прв пат почувствував што значи прекаријатност. Што значи, да немаш пари. Што сè треба да направиш, колку борби, партизански егзистенцијални борби, за да се задржи тлото под нозете, да го заштитиш огништето, да не почувствува тоа дете, дека нешто фали….Ма, какви сопствени соби?! Самото мајчинство во едни такви услови е херојство, феминистичка борба по себе. Да насадиш вредности, во време на залудности, да засадиш идеали, во време кога сите ги газат, да зачуваш морал и да поучуваш на борбеност и строгост и кога ја губиш битката со евн, и кога ти ја исклучиле струјата. Да бидеш феминистка и да создаваш феминистка, наспроти „традиционалистичките“ вредности со кои ти го мелат мозокот дека треба само да родиш три деца и ете ти плата од 8000 денари со СЕДЕЊЕ дома. Седење?! Молам?! Да бидеш феминистка и тогаш кога знаеш дека сите права и слободи, утре можат да ти ги земат.  Мајка која огрубува, а и детето си го огрубува, зошто нема веќе лабаво на овој свет… Сонуваните привилегии, дури и оние за насушен леб, знаат да бидат една груба борба и тоа треба јасно да се знае, од најмали нозе!

Во биењето битки да се стекнам со правото да заработувам од својата професија, го влечкав и своето дете… Тој пат фигуративно наликува на оној на афричките жени кои и денес можеме да ги видиме со тежок товар на главата и со мало дете вешто врзано во торба обесена на нејзиниот грб. Во тие битки, среќа е што наспроти материјалната непривилегираност, попресудна беше  еманципираноста и широкиот светоглед на мојот партнер. Во тоа мое искачување до професионална реализација, сепак одликување ѝ должам на мајката на мојот маж, бабата на моето дете, зошто таа го чува нашето огниште, секогаш кога ние имаме пожари за гаснење, милји за изодување, работи за завршување, нови знаења за стекнување и пријателски средби за одржување.

Денес сум драматург. Во Охрид, дома! И сѐ уште не можам да си верувам. Сосема привилегирана професија, на сосема привилегирано место, во еден објект со огромни стаклени површини од кои се простира видик вреден милион долари. 
Но, патот до тука, значеше и соочувањето со многу мизогинија, страв од женска асертивност, навреди дека сум автократна феминистка, шовинистка, па дури и сталинистка од луѓе за кои сметаш дека се природно прогресивни, просветени, луѓе уметници… Само затоа што се самозастапуваш и застапуваш идеи и идеали за рамноправност. Затоа што си го земаш/бараш она што сметаш дека ти припаѓа, го можеш, го знаеш, го заслужуваш.
Со текот на годините, она девојче што започнало да се омашкосува за да им се протне на предаторите, како жена станала уште погруба, уште помашка. Оној огин пак, вроденото мајчинско, да служи, да се одржува, да се завршат домаќински работите, да се помогне пред сѐ, да се изгради прво татковината па дури потоа, сопствените соби… е тоа, тоа  знае да стане Ахилова пета во ова наше општество што одгледува синови, која ќе најдат начин да ја злоупотребат, да ја повикаат како природно да им припаѓа, здраво за готово. Ух колку внимание бараат тие прикриени, неосвестени, бенигни искористувања… Колку енергија црпат… ти го трошат времето на задачи од типот „ти најдобро знаеш“, а времето ти  е толку драгоцено.

ДА ПОСТАНЕШ

Сѐ уште ја освојувам сопствената соба. Сѐ уште се прикрадувам од секојдневните обврски, забушавам, за малку интимно време со писмото, како да се работи за љубовник, со кој бегаме се криеме од сите и од сѐ, само јас и тоа, пишувањето. Сѐ уште објаснувам дека ми треба кабинет, со биро, со компјутер, со книги, со периодика, со ресурси… Факинг, тишина, фокус за моите „пиеси“. Фокус далеку од кујната, далеку од сите други улоги. Дваесетина-триесетина часа во неделата простор, место на тишина и фокус. Лице в лице со писмото. Тешко го разбираат ова, не можеш само да го земеш, мора да се избориш, да го стекнеш, да го украдеш. Треба да си груб, политички некоректен, без ракавици, со повишен тон, да те чујат, да се јавиш со збор, прашање, непоканет… Да се исцрпиш, без да ти остане сила за интимни шепотења со писмото, а не пак да постанеш – драматургинка.

Денес па, и кој знае дали е време за затворање во сопствените соби, си велам. Можеби Вирџинија Вулф е веќе нерелевантна. Денес светов е толку потресно тло, што на крајот на краиштата малку е и разгалено човек да сонува за сопствени соби.  Во Украина, еден уметник кој требало да ја отвори својата голема изложба на денот кога Русија започнува со воениот удар, уште во истиот миг се става во нова улога: наместо да ги заварува своите скулптури, оди во волонтерска служба да заварува противтенковски браници. Јас тоа го сметам не само за хуман, туку и за високоуметнички чин. Многу руски уметници, излегоа од сопствените соби, за да се спротистават на војната, по цена на својата егзистенција и по цена на својата слобода, та зарем јас допрва ќе влегувам во мојата?! За мене навистина врвно уметничко дело, прекрасно напишана приказна е една фотографија со празни колички за бебиња, кои полските мајки ги оставиле, за мајките  од Украина кои ќе ја преминат границата со своите деца. Таквата глетка е помоќна од секој драмски текст што ќе успееме да го напишеме во нашите сопствени соби. Ете, јас си признавам, не верувам дека можам да напишам нешто поубаво од таа фотографија.  Тоа освојување на етерот со една безгранична женска хуманост, е она што треба да зрачи од секое наше дело, од секој наш уметнички ангажман. Естетиката испразнета од етика е залудна.  Залудни е и привилегијата на сопствена соба, ако во нив ете, не пишуваме токму за ова што ви пишувам, ако не се застапуваме, штитиме, не го креваме својот глас, не одбереме вистинска страна, страната на онеправдениот човек, но и животно, билка, вода, воздух… За мене во овој миг, да се биде партизанка и да се биде драматург треба да биде едно те исто. Соништата од детството ми се едначат, вклопуваат едно во друго. Уметницата не мора да биде здрава. Би можела. Не мора да е убава. Би можела. Не мора да има ни сопствена соба. Би можела. Но, она што мора е своите стекнати права, од позиција на привилегираност (толкава колкава што е), да ги стави на услуга, со готовност за борба, готовност да се заземе, да се застапи како за правата на својот род, така и за другите, чии права, како и нејзините, се секојдневно ставени на тест.

(Кујната е исчистена, актерката ја пушта машината за миење садови и се затемнува делот од кујната, во која што гледавме до сега. Се слуша бучавата од машината. Се осветлува спротивната страна, каде што ја гледаме трпезариската маса во склоп на кујната. Таму е поставен лап-топ, тефтери, хартии, пенкала…очигледно е дека во ова домаќинство, членовите не јадат на трпезариската маса. Актерката седнува пред компјутер)


АКТЕРКАТА: Ајде сега да пробам, да го стигнам рокот.
(почнува да пишува)
КРАЈ

(Авторката е драмтургиња во Народниот театар во Охрид)

(Содржината е подготвена во рамки на проектот „Лице в лице со различностите“ во соработка со „Порака Нова“ од Струга, со финансиска поддршка од Европската унија. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Европската унија)

Напишете коментар